Од Атлантскиот совет на Бугарија предупредуваат дека постојат политички структури внатре во државата што работат на остварување на планот наречен „Виножито“, со кој се предвидува повлекување на Бугарија од воената структура на НАТО. Дали ова, меѓу другото, е и причината што САД и ЕУ во последно време сѐ понагласено ѝ вртат грб и се оддалечуваат од Бугарија
И Атлантскиот совет на Бугарија ја воочува двојната валкана игра на властите во Софија
Атлантскиот совет на Бугарија предупреди дека постојат политички структури внатре во државата што работат на остварување на планот наречен „Виножито“, со кој се предвидува повлекување на Бугарија од воената структура на НАТО и прогласување некаков неутрален статус.
– Веќе предупредивме за рускиот план „Виножито“ – од Доњецк и Луганск, преку јужна Украина, Одеса, Молдавија, Романија, Бугарија како „руска порта на Балканот“, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина (Република Српска), Северно Косово. Засега, непреченото остварување на овој пеколен план е попречено од херојскиот отпор на Украина против агресорот и големите загуби на Руската Федерација. Затоа, Стефан Јанев (близок соработник на претседателот Румен Радев, одговорен за безбедносни и одбранбени прашања) вложи максимални напори во нашата земја да нема сили на НАТО преку измисленото „борбено чудо бугарски баталјон“ целосно под бугарска команда, дополнето со сојузнички сили, ако е потребно (т.е. никогаш ) – чиста глупост и како концепт и како можност за имплементација. Затоа сега БСП (Бугарската социјалистичка партија, владин коалициски партнер) престанува да испраќа воена помош за Украина – посочуваат од бугарскиот Атлантски совет во нивната реакција.
Според нив, ако се спроведе овој план, се предвидува формирање преодна влада од страна на претседателот Радев, која ќе дозволи руските војници и оружје да минуваат низ Бугарија (наводно транзит) на пат кон Србија и Босна и Херцеговина, откако Србите од Република Српска ќе се отцепат од федерацијата и ќе сакаат да се обединат со косовските Срби во голема Србија.
– Затоа колаборационистот Јанев не зборува за војна, туку за воена операција. Во такво сценарио се очекува Бугарија да прогласи „неутралност“, а Стефан Јанев практично да ги развие своите теории за тоа како да се учествува во меѓународни формации. Формално, да се биде во НАТО и ЕУ, но реално, во име на „националниот интерес“ (според руските сфаќања), да се избере што да се прави, во случај да нема присуство на НАТО во Бугарија и слободно да ги пуштаме руските војници и оружје на патот до новата конфликтна точка, која ќе се формира по отцепувањето на Република Српска од Босна и Херцеговина и изградбата на голема Србија“ – тврдат бугарските атлантисти.