Не можам да зборувам за ЕУ, но сите сте слушнале како постојано велиме дека кога станува збор за дипломатски дискусии, ништо за Украина без Украина. Никој не сака повеќе од Украина да заврши војната и природно е дека тие, Украинците, мора да бидат вклучени во сите одлуки и преговори
Анџела Агелер, амбасадорка на САД во македонија
И по 16 месеци, се чини дека нема на повидок решение за завршување на руско-украинскиот воен конфликт. Колкав е ризикот, анализирано од споменатата временска дистанца, конфликтот квалификуван како „регионален, но со глобални последици“ да ескалира и да има уште посилен импакт за европската сигурност?
– Иако нема да шпекулирам за понатамошна ескалација или временски рок за оваа брутална војна, точно е дека ужасната нелегална инвазија на Русија имаше страшно влијание врз европскиот и глобалниот пазар и безбедноста. Русија би можела да ѝ стави крај на оваа војна денес, сите го знаат тоа. Тактиката на Путин е дизајнирана да ја расцепи нашата коалиција со зголемување на цените на енергијата, храната и другите трошоци – не само низ Европа туку и низ целиот свет. Тоа многу јасно го гледаме во неговите планови. НАТО е посилно од кога и да е, во голема мера и поради инвазијата на Русија, а нашите сојузници се целосно посветени, како и САД, да ѝ дадат помош на Украина.
Дали сегашната позиција за нерешливоста на конфликтот, односно економско- финансиските и енергетски предизвици (инфлација, деиндустријализација, прекинати синџири на снабдување, социјален ризик од осиромашување на населението итн.), води кон комплицирање на функционирањето на европскиот систем во сите општествени сегменти и дали има ефикасен механизам решението за надминување на воениот конфликт да се бара во рамките на највисоките меѓународни институции како ОН или во институциите на ЕУ?
– Европските системи низ секторите беа погодени од оваа страшна војна. САД, нашите партнери и сојузници, ќе работат со Украина за да ја одвратат идната агресија по завршувањето на оваа војна и да го поддржат клучниот процес на обнова. Засега им ја даваме потребната поддршка на бојното поле, помагајќи во зајакнувањето на војската на Украина, што ќе помогне да се обезбеди нивната идна безбедност.
Дали меѓународната заедница или конкретно ЕУ посвети вистинско внимание на досегашните мировни иницијативи за надминување на воениот конфликт во Европа, како на пример иницијативата на Кина или на африканските земји?
– Не можам да зборувам за ЕУ, но сите сте слушнале како постојано велиме дека кога станува збор за дипломатски дискусии, ништо за Украина без Украина. Никој не сака повеќе од Украина да заврши војната и природно е дека тие, Украинците, мора да бидат вклучени во сите одлуки и преговори. Секоја земја што сака да помогне да ѝ се стави крај на неиспровоцираната војна на Русија против Украина мора директно и еднакво да се ангажира со Украина и да ги почитува принципите на суверенитет и територијален интегритет.