Исчекор кон неопходното стабилно и економски исплатливо домашно производство на електрична енергија
Рудникот „Живојно“ и очекувањата за ископ на поголеми количества јаглен од локацијата повторно ја брануваат македонската јавност. Според најновите информации што ги сподели ЕСМ, се очекува на локацијата да има 24 милиони тони јаглен и притоа оттаму напоменаа дека станува збор за поволен квалитет и многу подобар од оние количества што сега ги увезуваме за потребите на комбинатот и за производството на струја во земјава.
Надлежните сметаат дека овој рудник ќе биде решение за стабилно домашно производство на струја, а и со ископот на јаглен од оваа локација подобро би се менаџирало и би се комбинирала набавката на увозен јаглен, што би требало да значи и намалување на цената на струјата и енергетската независност.
Според плановите, по завршувањето на документацијата се очекува овој рудник да работи седум години, од кои четири години се очекува да бидат исклучително ефикасни.
Од Електрани на Северна Македонија истакнуваат дека е изработена обемна рударско-техничка документација што ги потврдува техничката изводливост и економската оправданост за отворање на новиот рудник. Со рудникот ќе се прават поефикасни калкулации за увозот на јаглен, а ќе се добие стабилно и економски исплатливо домашно производство.
Од Министерството за животна средина препорачуваат низа мерки за заштита на околината, начинот на кој ќе се врши ископот, материјалите што ќе бидат користени при реализацијата, како и постојана комуникација со жителите од околните места.
Според домашните експерти, на експлоатацијата на јаглен од рудникот „Живојно“ во следните години треба да се гледа како на рационален и одговорен чекор во преодната фаза кон целосна зелена енергија.
Очекувањата се дека наоѓалиштето на јаглен во „Живојно“, во непосредна близина на РЕК „Битола“ ќе овозможи АД ЕСМ целосно да ги покрие потребите од овој енергент од сопствено производство.
Новото раководство на компанијата информира дека, за жал, затекнало висока зависност од увоз на јаглен, а можело сосема поинаку. Имено, се издвојува дека „повеќе од 2 милиони тони или 40 отсто од потребите за РЕК ’Битола‘ – треба да бидат набавени од надворешни извори, што на краток и на среден рок се оценува како економски неприфатливо и неодржливо решение за компанијата“.
Но со „Живојно“ се прави „сигурен исчекор кон неопходното стабилно и економски исплатливо домашно производство на електрична енергија“.
Според соговорниците, експлоатацијата ќе овозможи економски исплатлив транспорт и понизок јаглероден отпечаток во споредба со увозот. Инаку, ова се случува само пет години пред напуштање на производството на струја од јаглен, процес што, според најавите, треба да се спроведе во 2030 година.
Тони Ангелески, помошник-директор во Секторот за развој, инвестиции и проектирање во РЕК „Битола“, вели дека експлоатација на јагленот во „Живојно“ ќе се одвива во период од седум години, првите три години ќе бидат за подготвителни работи за целосна експлоатација на јаловината, а потоа четири години ќе се копа јаглен.
– На седмата година наоѓалиштето целосно ќе биде исцрпено и, според студијата, по завршување на експлоатацијата на целиот јаглен, земјиштето ќе биде вратено во првобитна состојба, а она што нема да може да се врати во сегашна состојба ќе биде облагородено со мерки во функција на заштита на животната средина – рече Ангелески.
Што се однесува на влијанието на воздухот и подземните води од отворањето на новиот рудник, на расправата беше кажано дека ќе има ниско влијание врз загадувањето на површинските и подземните води, а нешто повисоко врз загадувањето на воздухот.
– Се очекуваат негативни влијанија од емисијата на прашина предизвикана од рудничките активности, копање, транспортирање, потоа емисија при дување на ветер. Влијанијата ќе бидат локални, а се очекува и емисија на штетни гасови од градежната механизација. Овие влијанија се со средна магнитуда и со мало до средно значење – укажа Магдалена Трајковска Трпевска од „Технолаб“ – Скопје.
Според АД ЕСМ, експлоатацијата на јаглен во близината на Живојно претставува единствено решение за комплетно покривање на потребите од овој енергент од сопствено производство.
– Деталните и долгогодишни геолошки истражувања потврдуваат значителни резерви на висококвалитетен јаглен на таа локација во непосредна близина на ТЕ „Битола“. Врз основа на овие испитувања, изработена е обемна рударско-техничка документација, која ги потврдува техничката изводливост и економската оправданост за отворање современ рудник. Во услови на високи цени на електричната енергија на меѓународните берзи, обезбедувањето стабилно и економски исплатливо домашно производство на краток рок е врвен национален приоритет. Соочувајќи се со предизвиците во снабдувањето со јаглен од постојните извори и компликациите поврзани со увозот, потребата за ефикасно, евтино и еколошки поприфатливо решение од домашни извори станува клучна за стабилен енергетски систем – информираат од РЕК „Битола“.
Наедно од компанијата укажаа дека успеале да ја намалат цената на 82 евра за мегават-час во првиот квартал од 2025 година. Иако ова за компанијата претставува значителен напредок, сметаат дека цената сè уште е повисока од регулираната цена на ЕСМ од 62 евра за мегават-час, по која се продава електрична енергија на „ЕВН хоум“. Од таму потенцираат дека отворањето на рудникот „Живојно“ ќе биде клучен фактор за дополнително намалување на производствената цена во РЕК „Битола“. Е.Р.
Капацитетите за ископ од рудникот не се за потценување
ЕСМ на својата веб-страница има споделено дека наоѓалиштето „Живојно“ е третото главно лежиште за јаглен во Пелагонискиот Регион. Лоцирано е приближно 35 км југоисточно од градот Битола, до самата граница со Грција, на 20 км од рудникот „Суводол“, како продолжение на рудникот „Брод-Гнеотино“. Од систематските истражувања, спроведени во периодот од 1966 до 1984 година од Геолошки завод – Скопје, е изработен Елаборат за рудните резерви во јагленовото наоѓалиште Живојно.
– Во октомври 2012 година беа завршени деталните геолошки истражувања од кои се добија финални точни параметри во поглед на квалитетот и квантитетот на јагленовите слоеви, геотехничките, геолошките и хидролошките податоци од околните карпи. Според техничко-економската анализа за експлоатација на јагленот од рудникот „Живојно“ изработена во 2013 година од „Премоговник“ – Велење, Словенија, постојат оправдани можности за ископување јаглен со подземна експлоатација на рудникот со капацитет од 1 милион тон јаглен годишно – се посочува на нивната веб-страница. Вкупните проценети геолошки резерви на јаглен во наоѓалиштето Живојно, можноста за нивна експлоатација и близината на ТЕ „Битола“ (cca 20 km) ги оправдува напорите за негова употреба при подолг период. Освен продолжувањето на животниот век на термоцентралата „Битола“, друг позитивен ефект е превенцијата на поголеми увози на електрична енергија. Е.Р.