Впечатоци на нашата дописничка од Андалузија, Шпанија
Андалузија е регион во Шпанија познат по морето, по вината, по борбата со бикови, по раскошните палати, по прекрасните места во кои се сосема видливи трагите од минатото. Тука е пред сѐ Севилја, главен град на регионот, со околу 700.000 жители и четврти по големина во Шпанија, па Малага, Гранада…, кои треба да се посетат за да се доживее шпанскиот начин на живот, да се вкусат традиционалните специјалитети и да се почувствува европскиот начин на живот.
Отсекогаш сакав да ја посетам Андалузија, бидејќи имав впечаток дека е навистина туристичка мека и шпански предел што плени. И не згрешив во очекувањата. Кога стигнав таму, не бев свесна со каква убавина и атракции ќе се соочам, во кои ќе уживам. Но навистина очекувањата што ги имав се потврдија, со секој ден минат во андалузиските градови. Не успеав да видам сѐ, но се надевам дека можеби еден ден повторно ќе се вратам.
Севилја – градот на фламенкото
Прошетката ја започнуваме од Севилја, престолнина на Андалузија, која нуди интересни атракции, богата историја, архитектонски сјај и жива атмосфера. Севилја ја доживеав како романтична, предизвикувачка, воодушевувачка, како град што располага со уметничкото благо, бидејќи ќе ги видите ориенталната архитектура, тесните шарени улички, стеблата со портокали и мандарини, романтичните паркови со фонтани и не е чудно зошто Хемингвеј ја нарекол Севилја „совршено место за меден месец“. За да се видат најголемиот дел знаменитости во Севилја се потребни неколку дена. Ние останавме два дена, а разгледот го започнавме од преубавиот парк „Марија Лујза“, каде што се наоѓаат објектите во кои се сместени Археолошкиот музеј и Музејот на уметности и занаетчиство. Паркот е приказна сам за себе, убаво уреден, со клупи, видиковци, и се простира во должина од неколку километри. Времето беше сончево, со повремена облачност. Но тоа не нѐ спречи да уживаме движејќи се низ него, за да стигнеме до плоштадот „Еспанија“. Извонредно место, простор изграден по проектот на архитектот Анибал Гонзалет во 1929 година. Ме воодушеви со многуте павилјони, канал од 500 метри со четири моста, како потсетување на четирите кралства Кастилија, Арагон, Навара и Леон. Продолживме кон центарот кон катедралата во Севилја, архитектонско ремек-дело изградено во 15 век. Една од најголемите европски готски катедрали, украсена со големо количество злато, во која се наоѓа гробот на Кристофер Колумбо. Многу туристи чекаа да влезат внатре, да се искачат најгоре, да го видат градот од поубава перспектива.
А од катедралата можете да се качите на ѕвоното Џиралда, кое некогаш било минаре. Во непосредна близина е дворецот Алказар, чија изградба започнала во 12 век и траела 500 години. Затоа се видливи различни стилови, од мудеар до ренесанса. За да го разгледате ви требаат неколку часа, а влезницата треба да ја купите претходно онлајн. Впрочем, тука купувањето функционира онлајн, од влезници за знаменитости до билети за воз, автобус, метро. Кога ќе излезете од Алказар веднаш сте во квартот Санта Круз и паркот „Мурилј“. Прошетајте низ квартот Барио Санта Круз, за да уживате во шармантните кафулиња и ресторани, каде што ќе вкусите дел од специјалитетите на Севилја, пиејќи вкусно вино. Посетете ја и палатата Каса де Пилатос, градба во готски, ренесансен и маорски стил, денес музеј. И она што мене особено ме плени беше знаменитоста Метропол Парасол, изграден врз археолошкиот музеј. Објект во форма на печурка, од шест огромни дрвени објекти во форма на шатори, еден со друг поврзани и личат на вафла. И, кога сте веќе во Севилја, немојте да не прошетате покрај реката Гвадалкивир, каде што ќе уживате пиејќи кафе во многубројните кафулиња. Вечерта едноставно појдете на фламенко или седнете во некој од рестораните во стариот дел од градот и почувствувајте го духот на романтичната Севилја.
Кордоба – спој на исламската и христијанската цивилизација
Кордоба е сместена во срцето на Андалузија. Една од најзначајните причини зошто отидовме во Кордоба беше да ја видиме старата џамија, сега претворена во катедрала, под заштита на УНЕСКО, вистинско уметничко благо на градот. Најпрво поминавме преку Римскиот мост, па потоа влеговме во кулата, историски музеј што со експонатите ја отсликува историјата на Кордоба, за потоа да појдеме во катедралата. Мезгетата, како што ја нарекуваат, е спој на исламската и христијанската архитектура, со интересните лакови во боја, во форма на потковица, со украсени столбови и големата катедрала, која стои во срцето на објектот. Не можам да го опишам чувството што го имав додека стоев внатре и додека разгледував. А, потоа, иако дождот врнеше непрекинато, едноставно се препуштивме на прошетката низ тесните улички на Кордоба, разгледувајќи ги и другите објекти во градот, со градини, фонтани и мозаици. Еврејскиот кварт или Јудериа е посебна приказна. Тесните улички, лавиринти, водат до интересни мали плоштади, до дворови патиос украсени со цвеќе. Синагогата потсетува на мултикултурното минато на градот. Ама мене, искрено, новиот дел од Кордоба со автентичните гради и преубавите паркови ми остави многу поголем впечаток во однос на стариот дел, кој го чувствував како тесен, затворен. Во Кордоба пред да заминеме ја вкусивме и одличната емпенада и се напивме кафе и топло чоколадо, секој според свој избор и вкус. А, цените, приближно слични како и во Македонија.

Гранада – град со богата историја, природна убавина и страст
Во Гранада разгледувањето го започнавме пеш, затоа што така најубаво се доживува градот, кој на прв впечаток освојува со автентичен шарм. Од она што го прочитав претходно знаев дека има богата историја и природна убавина. Гранада, сместена во подножјето на планината Сиера Невада, плени и затоа привлекува многубројни туристи од целиот свет. Најзначајната атракција е комплексот Алхамбра, со преубави палати и дворови, за кој влезниците треба да се набават онлајн претходно најмалку два месеца. Па, така, и ние најпрво се упативме да ја разгледаме Алхамбра, која плени со специфичната арапска архитектура. По малку подолго пешачење низ центарот на Гранада, во која деловите се под заштита на УНЕСКО, стигнавме до комплексот. Забележувам додека одиме кон Алхамбра, на повеќе места е поставен симболот на градот – калинката. И додека се искачуваме нагоре по улиците е сликовито и го отсликуваат шпанскиот шарм, а куќите претежно се во боја на тула, посветла или потемна.
Алхамбра е извонреден комплекс од палати, со градини, изграден во 13 век. Името доаѓа од арапски збор, што значи црвена, бидејќи е градена од тула. Има богата историја со длабоки корени од муслиманската историја на Шпанија. Изградбата започнала во времето на Нарсид, династијата на муслимански владетели. Сместена е на високо на ридот и низ историјата имала стратегиско значење. Најпрво била градена како одбранбена тврдина за да се штити градот, а подоцна станала комплекс од палати и градини. Откако католичкиот монарх Фердинанд со Изабела го освоил градот, Алхамбра станала сопственост на шпанската круна, која вложувала во модификацијата на комплексот. Затоа е видлив различниот архитектонски стил на Алхамбра. За да се прошета низ Алхамбра ви се потребни повеќе часа за да можете да уживате во минатото и да бидете воодушевени од деталите што ќе ги видите. Нема да ги заборавите богато украсените ѕидови на палатите, пространите дворови, големите градини, фонтаните, водоскоците и незаборавните аркади. А, потоа патот нека ве одведе од другата страна кон црквата „Св. Никола“, од каде што имате преубав поглед на Алхамбра. Преубаво уреден плоштад на кој се случуваат настани во кои посетителот ужива додека слуша, ама и ја фотографира Алхамбра.
Малага – град на Пикасо
Малага се наоѓа на југот на Андалузија. Го викаат град на сонцето, песочните плажи, парковите, но и град на Пабло Пикасо, затоа што тука бил роден големиот уметник. Малага е средиште на уметноста и културата. А тоа се потврди и на самиот почеток. Започнавме од преубавиот парк со фонтани, со густи палми, барокни и ренесансни декорации, фонтани опкружени со суптропски растенија. Шетајќи низ паркот ја откривате и ботаничката градина со над 2.000 вида растенија, по потекло од петте континенти. Преубаво место за одмор и релаксација, за потоа да стигнете во стариот дел, до пешачката зона, каде што најпрво го забележувате Римскиот театар, над него се извишува маварската тврдина Алказаба, со преубав поглед на градот, а потоа најгоре е замокот Гибралфаро. Таму градските власти се погрижиле да изградат видиковци, од каде што посетителите односно туристите можат да уживаат во преубавиот поглед на цела Малага. А, потоа се „нурнуваш“ низ стариот дел со тесните улички, откривајќи ги многубројните знаменитости на Малага, меѓу кои и катедралата, ренесанса готика – наречена Еднораката дама, поради недовршената кула. Стигнуваш до родната куќа на Пикасо, а потоа и до скулптурата во природна големина од Пикасо, со кого можеш да си направиш муабет седејќи на клупата. И на крајот неизбежно завршуваш пред најзначајниот музеј – Музејот на Пабло Пикасо отворен во 2003 година. На крајот, вечерта, оставете простор за прошетка низ централната улица и за посета на многуте ресторани, кафулиња, слаткарници… Едноставно уживајте.
.
Ронда – убавото бело село
На стотина километри од Малага се наоѓа Ронда, убаво бело село во Андалузија. До него се стигнува патувајќи со автобус повеќе од два часа, поради ридестиот терен и кривулестиот пат. Има бурна историја и спектакуларна местоположба на работ на стрмен предел, кој е омилен за туристите. Па така, во ова мало место речиси секој ден доаѓаат илјадници туристи. Ернест Хемингвеј рекол дека Ронда е најромантичниот град во Андалузија, а Орсон Велс побарал да биде погребан во Ронда. Најинтересната атракција во малото место е Ниот мост (Puente Nuevo), кој ги спојува двата дела од градот, стариот и новиот, кои се разделени со кањонот Ел Тајо, длабок 120 метри. Мостот е навистина величенствен, без оглед од која страна го гледаш. Изграден е во 1793 година, по 34 години градење. Подоцна бил оштетен, па пак повторно реновиран. Волшебно е покрај мостот. Има некоја енергија што плени и воодушевувањето е видливо кај секој турист. Досетливите градски власти изградиле и видиковци од каде што може најубаво да се гледа мостот, ама за тоа наплаќаат и имаат солиден приход во општинската каса. Ја напуштивме Ронда со убав впечаток. Повторно се вративме во Малага за да продолжиме уште малку да шетаме, да го чувствуваме андалузискиот дух, бидејќи наредниот ден заминувавме од Шпанија.
Текст и фото: Каролина Мицевска Специјално за „Нова Македонија“