Напуштените мрежи, познати и како мрежи духови, се „тивки убијци“ на живиот свет во езерото, особено затоа што се скриени во езерските длабочини, каде што ретко кој може да ги забележи. Со себе „заловуваат“ и отпад, кој така, движејќи се од езерските струи, се заплеткува во камењата што претставуваат природни мрестилишта за охридската пастрмка, која, пак, ги избегнува местата што не се чисти, односно не се мрести онаму каде што има угината риба. На тој начин овие мрежи духови го осакатуваат природниот биодиверзитет на езерото
За уште една опасност што ги згрозува живиот свет и природниот биодиверзитет во Охридско Eзеро
Нелегалниот риболов и загадувањето не се единствените проблеми со кои се соочува Охридско Езеро. Има многу поголем проблем за кој се чини дека нема решение – мрежите духови што навидум незабележано го пустошат живиот и растителниот свет и оставаат долгогодишни последици по целокупниот свет во водите на езерото.
Што се мрежи духови?
Мрежи духови всушност се напуштени, изгубени или оставени рибарски мрежи, кои продолжуваат да ловат риби, птици и други организми, без разлика на нивната намена.
Тие се „тивки убијци“ на живиот свет во езерото, особено затоа што се скриени во езерските длабочини, каде што ретко кој може да ги забележи. Со себе „заловуваат“ и отпад, кој така, движејќи се од езерските струи, се заплеткува во камењата што претставуваат природни мрестилишта за охридската пастрмка, која, пак, ги избегнува местата што не се чисти, односно не се мрести онаму каде што има угината риба. На тој начин овие мрежи духови го осакатуваат природниот биодиверзитет на езерото.
Акција за отстранување
Нуркачкото друштво „Амфора“, заедно со „Скопско“, веќе неколку години по ред работи на отстранување на овие мрежи духови. Како што информираат од „Амфора“, ова е трета година како се работи на отстранување на мрежите духови. Оттаму велат дека ова е исклучително сериозен проект и дека има темелен пристап во однос на зачувување на биодиверзитетот на езерото. Во тој пристап не спаѓа само вадењето на мрежите духови, туку и чистење на дното на езерото од цврст отпад.
– Годинава се извадени 85 рибарски мрежи и четири парчиња рибарски мрежи, помали мрежи и делови од мрежи со вкупна должина од 3.856 метри – вели Милутин Секулоски од „Амфора“.
Тој потенцира дека за реализацијата на проектот биле потребни неколку месеци.
– Прво имавме период од неколку месеци за детекција на заостанатите мрежи духови. Беа вклучени четири нуркачи од мај до септември. Откако се лоцираа мрежите, се пристапи кон нивно вадење заедно со Хидробиолошкиот завод од Охрид – објаснува Секулоски.
Тој додава дека многу е тешко да се извадат мрежите од дното на езерото, а особено се тешки за вадење оние од карпестиот дел, бидејќи се зафатени и заглавени, при што е потребно многу време за да се извади една мрежа.
– Детекцијата на мрежите беше до длабочина од 75 метри, а вадењето на длабочина од десет до 56 метри. Нуркачите освен што беа вклучени со стандардна опрема за нуркање, користеа и софистицирана т.н. ребридер-опрема, со мешавина на гасови и подводен скутер – вели Секулоски.
Мрежите духови огромен проблем за мрестот на пастрмката
Според досегашното искуство, Секулоски вели дека рибите што се фатени во мрежите умираат таму, односно на тоа место и се распаѓаат, а истото се случува и со другите животни што завршуваат во мрежата, со што досега извадените мрежи претставуваат рак-рана за живиот свет под вода во езерото.
– Сето тоа е голем проблем за мрестот на пастрмката, бидејќи таа не оди да се мрести на места каде што изумрела некоја риба, затоа што при нејзиното скапување останува белег и пастрмката тоа место го смета за нечисто. Таа бара чисто место за мрестење и чиста вода – истакнува Секулоски.
Како што потенцира искусниот нуркач, во мрежите досега се пронајдени изумрени риби, птици, школки и ракови, но и помали микроорганизми. Во водите на езерото се пронајдени нови мрежи, но има и мрежи што се постари од 20 години.
– Се надеваме дека оваа акција ќе продолжи и на други локации. Со овој проект се работеше на повеќе локации, поточно на 22, од Надолу, место близу Трпејца, па до месноста Горица. Најголем број мрежи се најдени од Трпејца-Заум, до Пештани, каде што се и најголемите мрестилишта – вели Секулоски.
Во рамките на акцијата се изведени 98 нуркања, во времетраење од 73 часа и 38 минути, на длабочина од десет до 70 метри.