Зарем меѓународното право ќе толерира обиди во ОН и СБ да се легитимира еднострана употреба на сила?!
- Најновиот обид во Советот за безбедност (СБ) на Обединетите нации (ОН) да се донесе „резолуција за Ормускиот Теснец“ не може да се чита само како „дипломатска иницијатива за заштита на слободната пловидба“. Напротив, овој обид за носење ваква „резолуција“ се наметнува како јасен пример за инструментализација на меѓународното право во функција на геополитичките интереси на големите сили – пред сè на Соединетите Американски Држави
Деновиве Советот за безбедност (СБ) на Обединетите нации (ОН) требаше да изгласа „резолуција за Ормускиот Теснец“. На прв поглед, секој обид на ОН како меѓународна институција чиј примат се мирот, безбедноста и благосостојбата на нациите во целиот свет изгледа дипломатски привлечно, бидејќи таква е и мисијата на ОН, да ги решава светските проблеми со добра волја. Меѓутоа, веќе подолго време, во оваа и во други институции од светската мултилатерала се провлекуваат неколку епитети што ги отсликуваат нивната инертност, пасивност и бавност за мировна интервенција или за посредување или заземање став. Неретко е присутна и одредена наклонетост на ОН кон одредена ситуација или голема сила, чии постапки не биле ниту одобрени, а ниту пак биле на дневен ред на органите на ОН.
Токму во овој контекст е последниот случај што ќе го опсервираме, односно станува збор за донесување на т.н. резолуција за Ормускиот Теснец. Во првичниот текст на споменатата нацрт-резолуција, како предлог на Бахреин, во текстот на резолуцијата за Ормуз се предвидуваше терминот „употреба на сите неопходни средства“, што во дипломатскиот речник недвосмислено би ја легитимирал воената интервенција, која веќе започна, а секако и за некоја наредна.
– Во терминологијата на ОН, оваа формулација традиционално значи „зелено светло за употреба на сила“, а во врска со тековниот конфликт, таквата резолуција би претставувала не само политичка туку и правна рамка за легитимирање на веќе започнатите воени акции, како и за нивно понатамошно проширување – велат наши соговорници, дипломати од кариера, познавачи на меѓународните организации и кои педантно ги следат меѓународните настани, а особено Блискиот Исток.
Од реторика за безбедност до правно алиби
Иако текстот на „резолуцијата за Ормускиот Теснец“ повеќепати беше ублажуван, суштината остана непроменета. Дури и во финалната верзија, која се промени и сега претходно употребениот термин „употреба на сите неопходни средства“, беше трансформиран во нова верзија и гласеше употреба на „сите неопходни одбранбени средства“, повторно се задржа потенцијалот за широка интерпретација, а според соговорниците дипломати, формулацијата да биде „доволно флексибилна за да послужи како правно алиби за воени операции“.
– Во суштина, ваквата формулација би им овозможила на САД и нивните сојузници, да ги претстават своите акции како дел од меѓународно одобрен напор за заштита на глобалната трговија. Со тоа, линијата меѓу одбрана и офанзива станува опасно замаглена. И, да се разбереме, ова не е нова појава во меѓународните односи. Историјата на Советот за безбедност е исполнета со случаи каде што правните формулации се користеле како политички алатки, а не како неутрални механизми за одржување на мирот – велат нашите соговорници, искусни дипломати од кариера.
Ветото како отпор на алтернативното толкување
За издвојување е дека Русија и Кина ставија вето на оваа резолуција на ОН во Советот за безбедност (СБ).
– Одлуката на Русија и Кина да стават вето на резолуцијата, и покрај нејзиното ублажување, треба да се разбере токму во овој контекст. Нивната позиција не е само политичка туку и концептуална. А тоа е спротивставување на трендот во кој меѓународното право се претвора во инструмент на доминантните сили – вели еден од дипломатите со кого разговаравме во врска со оваа тема.
Според интерпретацијата на дипломатите, дури и „одбранбената“ реторика на резолуцијата претставува прикриен механизам за легитимирање еднострани воени акции. Со други зборови, станува збор за обид да се институционализира една веќе започната политика на сила, предупредуваат соговорниците.
Советот за безбедност (СБ) на ОН меѓу правото и политиката
Гласањето – 11 „за“, 2 „против“ и 2 „воздржани“ за гореспоменатата „резолуција за Ормуз“ навистина покажува дека постои широка поддршка за идејата за заштита на пловидбата. Но, истовремено, тоа ја разоткрива и длабоката поделба околу начинот на кој таа заштита треба да се спроведе. Советот за безбедност (СБ на ОН), замислен како гарант на колективната безбедност, повторно се покажа како институција во која правото и политиката се неразделно испреплетени. Во вакви услови, резолуциите не се само правни документи туку и политички инструменти, а често во служба на најмоќните. Затоа, помалите земји сѐ почесто ќе се чујат како во Генералната асамблеја на ОН бараат активирање на меѓународноправните механизми и институции, во функција на заштита на правото, како и трансформација на ОН во смисла на негови ингеренции со повисока функционалност.
Ормускиот Теснец како линија на разделување во борбата за интерпретација на меѓународниот поредок
Иако формално станува збор за безбедноста на Ормускиот Теснец, суштинскиот конфликт е многу поширок. Прашањето не е само како да се обезбеди слободна пловидба туку кој има право да го дефинира значењето на таа безбедност и средствата за нејзино постигнување. Во таа смисла, теснецот станува симбол, не само на глобалната трговија туку и на борбата за интерпретација на меѓународниот поредок.
Меѓународното право како поле на новиот концепциски и доктринарен судир на големите
Случајот со блокираната резолуција јасно укажува дека меѓународното право сѐ уште не функционира во вакуум.
– Има надеж за меѓународното право, но и за меѓународните институции, како што е ОН. Само што, како што сѐ се менува, така и ОН и меѓународното право треба да се унапредуваат и надградуваат. Нивните фундаменти (и на меѓународното право и на организациите во врска со него) се сочинети од здрав морален и етички материјал, во кои се вградени универзалните принципи на правото и правдината и стремежите за развој и просперитет и на колективите и на поединецот. Се разбира дека и тоа е поле на постојана борба меѓу различни интереси, визии и центри на моќ. Овој обидот да се искористи Советот за безбедност за легитимирање воени акции – било претходни или идни – претставува опасен преседан, но веќе е виден. Тој го поткопува кредибилитетот на институциите што треба да бидат гарант на мирот и ја продлабочува недовербата во меѓународниот систем. Но во исто време тоа е аргумент за погоре кажаното, дека претстои период на трансформација, унапредување и зајакнување на кредибилитетот на ОН и на другите слични меѓународни организации, и за тоа не треба да се губи верба. Тие треба да постојат, но со малку поинаква форма и содржина, која ќе одговара на новите предизвици во светот во 21 век – велат нашите соговорници, искусни дипломати од кариера.
Во крајна линија, додаваат тие, прашањето што останува не е дали правото постои, тоа мора да постои, но дали тоа може да опстане принципиелно независно од силата, а не некој центар на моќ да се обидува постојано да ги трансформира ОН да бидат нејзин најсофистициран инструмент.
































