Историјата на Македонија ја пополнија Атина, Белград, Софија и Тирана… Историјата не познава дупка во просторот, ако еден го нема друг ја пополнува… пишува претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, во својата реакција на говорот и одредени ставови на пратеници искажани од собраниската говорница на 18.8.2023 година… Говорницата на македонскиот парламент не смее да се претвори во мегафон на лаги или да биде ползувана за гласноговорништво на пропаганда, невистини и измислици!
Уште една жестока реакција во јавноста предизвикана по дискусиите на последната седница на македонскиот законодавен дом
Говорницата во македонскиот законодавен дом стана разглас за ширење невистини, навреди, клеветења, измислици и пропаганда, а само не за издржани ставови, аргументи и позиции во функција на граѓаните. Токму последно споменатите aим дале мандат на говорниците (пратениците) во нивно име да владеат и да им го унапредуваат животот на граѓаните, да ја подобруваат функционалноста на државата со законски акти, донесени во таа функција. Но далеку дека работите во парламентот се одвиваат така. Во низата реакции на македонски интелектуалци, членови на Академијата, професори, аналитичари и засегнати граѓани, зачести јавното обрнување внимание на пропустите и девијациите што се манифестираат во македонскиот законодавен дом.
Од писменото обраќање за јавноста на претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, ги издвојуваме следниве елементи, кои уште еднаш децидно ја потврдуваат тезата за импровизации на пратениците од собраниската говорница.
– На седницата на Собранието за уставните измени, одржана на 18 август 2023 година, пратеникот на Алијанса за Албанците, Халил Снопче, рече дека албанскиот јазик е најстар јазик во Европа, стар 6.000 години! Рече и остана жив. Според Халил Снопче, албанскиот јазик е еден од најстарите јазици во Европа и чест е за секоја европска држава албанскиот да им биде службен јазик.
Се сеќаваме, 2009 година Албанците во Тетово демонстрираа против Македонската енциклопедија, демонстрантите беа облечени во црни маици со жолта апликација на градите: главата на Александар Македонски, а околу неа натписот Македонско-илирски фаланги. Образложението им беше дека тие се наследници на Античките Македонци, мајка му на Александар Македонски била Илирка, а наследници на Илирите биле денешните Албанци…
Па, се сетив и на Хисни Шаќири, професор по историја, беше пратеник во Собранието на Република Македонија во периодот 1990-1994, 1994-1998 и 1998-2002 година. За време на војната во 2001 година, од пратеничките клупи замина во терористичката организација ОНА: во Витина, Косово, формира група од триесетина војници и влезе во општината Липково. Во почетокот требало политички да ја претставува ОНА во случај на „преговори“ пред меѓународната јавност со македонските власти, бидејќи другите членови од Главниот штаб на ОНА не биле од Македонија. На 27 јули 2001 година е ставен на црната листа на американскиот претседател Џорџ Буш. На 86-та седница одржана на 16 ноември 2001 година, Собранието му го одзеде мандатот поради отсуство и учество во терористичка организација против државата.
Интересна беше една негова „историска“ опсервација во Собранието на Македонија, за време на мандатот 1990-1994 година, како историчар де, рече: „Адам и Ева се Албанци и живееле во Липково!“ Таму бил рајот… И така…
Времето од Хисни Шаќири до Халил Снопче има своја генеза, само веројатно станува збор за друга планета…
Претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, го завршува своето обраќање со констатацијата дека „историјата на Македонија ја пополнија Атина, Белград, Софија и Тирана“… Имено, Петров констатира дека „историјата не познава дупка во просторот, ако еден го нема, друг ја пополнува“…
И тоа на начин како што на другиот, посилниот му одговара, без притоа да има историски извори за да ја потврди историската вистина… или, пак, во согласност со своите политички аспирации, да фалсификува, да ревидира и силеџиски да прекројува историја, за што сме сведоци во последно време. Во тој контекст, говорницата на македонскиот парламент не смее да се претвори во мегафон на лаги или да биде ползувана за гласноговорништво на пропаганда, невистини и измислици!