Повод: Дваесет и втори март, Светски ден на водата, и односот кон водата во Македонија
- Светскиот ден на водата е потсетник, но и годишно гласно предупредување. Годинава најгласниот очаен повик за заштита на пивката вода беше од Струга и стружани. Годинава пораката „каде што тече водата, расте еднаквоста“ извонредно се совпадна со повеќемесечниот проблем во нашиот „бисер на Охридско Езеро – Струга“ и отвори уште една важна тема, а тоа е „нееднаквиот пристап до вода, кој и натаму претставува глобален, но и локален предизвик“
- Изградбата на браната „Отиња“ во Штип претставува клучен чекор кон зајакнување на водниот фонд во источниот дел од државата. Овој проект, кој во моментов е реализиран 70 проценти, е јасен сигнал дека стратешкото планирање на водните резерви конечно станува приоритет
Светскиот ден на водата е потсетник, но и годишно гласно предупредување. Годинава пораката „каде што тече водата, расте еднаквоста“ нè соочува со фактот дека во иднината моќта на една држава нема да се мери само со нејзината економија туку и со нејзините капацитети за складирање пивка вода.
Иако Македонија се смета за земја богата со водни ресурси, реалната слика е посложена. Иднината на глобално ниво ќе зависи исклучиво од тоа која земја ќе поседува поголеми резерви од пивка вода. Во свет во кој климатските промени носат непредвидливи суши, создавањето нови акумулации не е само инфраструктурен проект туку и прашање на национална безбедност и опстојување.
Во тој контекст, изградбата на браната „Отиња“ во Штип претставува клучен чекор кон зајакнување на водниот фонд во источниот дел од државата. Овој проект, кој во моментов е реализиран 70 проценти, е јасен сигнал дека стратешкото планирање на водните резерви конечно станува приоритет.
Браната „Отиња“ повеќе од туристичка атракција
При неодамнешниот увид на терен, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски истакна дека изградбата се одвива според предвидената динамика. Од обезбедените 488 милиони денари, веќе се реализирани 311 милиони, што гарантира стабилност на проектот.
– Доколку нè послужат временските услови и имаме сува градежна сезона, може да го завршиме езерото уште оваа година. Потоа ќе биде потребно една година за полнење, што значи дека во пролетта 2028 година тука ќе имаме езеро, кое ќе биде вистинска атракција – изјави Николоски.
Иако примарен фокус за јавноста се развојот на туризмот и локалната економија по примерот на Мавровско Езеро, суштината на овој проект лежи во неговата мултифункционалност. Покрај рекреацијата, езерото ќе служи за наводнување, но, што е уште поважно, во критични периоди ќе биде клучен ресурс за решавање на проблемот со водоснабдувањето на регионот.
Македонија – земја со вода што допрва гради систем на одговорност кон тој ресурс
Додека се градат површинските акумулации како „Отиња“, реалната слика е многу посложена. Домашните медиуми, особено весникот „Нова Македонија“, со години предупредуваат дека проблемот не е во количеството, туку во управувањето.
Македонија располага со значителни резерви од површински и подземни води. Сепак, тие често се недоволно заштитени, нерамномерно распределени и изложени на загадување.
Парадоксално, во земја со природни извори на квалитетна вода, дел од населението се соочува со проблеми во водоснабдувањето, особено во руралните средини.
Загадувањето, негрижата и неодговорноста се најголемите закани
Еден од најсериозните проблеми е загадувањето на водните ресурси. Реките и езерата често се изложени на диви ископи во близината или внатре во заштитените подрачја, фрлање индустриски отпад, земјоделски хемикалии, непречистени комунални води, близина на диви депонии…
Недостигот од пречистителни станици и слабата контрола дополнително ја влошуваат состојбата. Тоа директно влијае врз квалитетот на водата за пиење, земјоделството и екосистемите.
Подземните води се невидливото богатство за кое треба да се освестиме
Како што беше нагласено и во глобалната тема за 2022 година, подземните води се клучен ресурс. Тие претставуваат најголем дел од слатката вода достапна за човештвото.
Во Македонија тие резерви се значајни, но недоволно истражени, слабо мониторирани и често неконтролирано користени.
Со засилувањето на климатските промени, нивната важност ќе расте, што бара итна стратегија за нивна заштита.
И климатските промени носат нов ризик со кој треба да се справиме
Климатските промени веќе влијаат врз водните ресурси во Македонија. Сè повеќе сведочиме на почести суши, намалени водостои и непредвидливи врнежи.
Тоа создава дополнителен притисок врз водоснабдувањето, земјоделството и енергетиката. Без долгорочно планирање, овие ефекти ќе станат уште поизразени.
Водата како прашање на безбедност и сувереност
Во глобален контекст, водата сè почесто се смета за стратешки ресурс. Конфликтите во различни делови од светот покажуваат дека пристапот до чиста вода може да биде причина за тензии.
Во тој контекст, Македонија има предност – располага со доволно ресурси. Но таа предност може лесно да се изгуби ако не се вложува во инфраструктура, заштита и одржливо користење.
Иако целите на Обединети нации (ОН), особено Целта за одржлив развој 6 (вода и санитација за сите до 2030 година), се јасно поставени, нивната реализација бара конкретни чекори на национално ниво.
За Македонија тоа значи изградба на пречистителни станици, зајакнување на инспекциските служби, едукација на населението и долгорочни стратегии за управување со водите.
Затоа, Светскиот ден на водата не е само симболичен датум – тоа е потсетник дека водата не е неисцрпен ресурс. Македонија има природен потенцијал што ретко која земја го поседува, но истовремено се соочува со сериозни предизвици во неговото управување.
Пораката упатена на Денот на водата е едноставна, но суштинска.
Водата мора да се вреднува, штити и користи одговорно денес, за да ја има и утре, не само неа туку и нас. С.Т.
































