Фото: ЕПА

Судирот на трампизмот со британскиот финансиски империјализам како повод

  • „Економско-финансиското јаже“ меѓу Велика Британија и САД се „затегнува“ сѐ повеќе: Велика Британија се бори да го одржи и да го
    наметне уште повеќе својот досегашен однос со Вашингтон и Брисел, саботирајќи го на секој можен начин отпорот што ѝ го дава на трампистичката доктрина. Лондон, како што велат експертите и аналитичарите, се обидува да ја одржи и да ја обезбеди „сопствената глобална хегемонистичка улога во светот на финансиите“

Врз одлуката на Врховниот суд на САД за царините влијаеја странски интерес и политичко движење. Странските земји, кои нѐ пљачкаа со години, сега се во екстаза и танцуваат на нашите улици. Но нема да им биде тоа за долго, изјави неодамна американскиот претседател Доналд Трамп, гневен на странските земји и на судиите во Врховниот суд, кој ги поништи повеќето од неговите царински политики. Шефот на американската држава не прецизираше на кои странски држави и на чиј „странски интерес“ мисли дека влијаеле врз таквата одлука на највисоката американска судска институција. Но меѓу финансиските и политичките експерти се зацврснува мислењето дека Трамп не мисли на Кина, традиционалниот глобален ривал на САД, туку оти тој сосема прецизно го вперува прстот кон „невидливата рака од Лондон“! Анализирајќи го изразот на Трамп дека „странските земји танцуваат на нашите улици“, овие аналитичари сметаат дека тој, всушност, мисли на „танцувањето на британскиот империјален финансиски систем и на британската хегемонија низ Америка и на американските финансиски пазари“.

САД ја актуализираат доктрината на Хамилтон

Кога министерот за финансии на САД, Скот Бесент, неодамна изјави дека „економската безбедност е темел на националната безбедност“, тој практично ја оживеа доктрината на Александар Хамилтон, прв министер за финансии на САД, економист и политички теоретичар. Хамилтон тврдеше дека индустрискиот развој е предуслов за суверенитет и тој не ѝ се спротивставуваше на Кина, туку се бореше против англискиот империјален финансиски систем, олицетворен во кралот Џорџ Трети (1760-1820), Банката на Англија и Британската источноиндиска компанија. Токму ова се смета дека беше механизмот што ја ширеше британската хегемонија преку „слободната трговија“. Според денешните аналитичари, тој модел „никогаш не исчезна, туку само се преобрази во современ глобалистички финансиски поредок, со центар во Лондон“.
На историскиот состанок на т.н. Одбор за мир, каде што 60 држави одговорија на повикот на Трамп, тој иронично го спомена и поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер. А токму Кисинџер беше архитект на повоениот светски поредок, при што останаа добро запомнети неговите изјави во јавноста дека британската дипломатија била подобро информирана од американските институции. Ова дополнително ја поткрепува тезата дека и во времето на Кисинџер, во трансатлантските врски САД-Англија во целосен капацитет била вмешана „долгата рака на британскиот империјализам и хегемонизам“…

Британскиот либерален систем главна пречка за доктрината Донро

Критиката насочена кон „британскиот либерален систем“ не е нова. Во суверенистичките кругови се тврди дека финансискиот модел создаден во времето на Британската Империја продолжува да живее преку глобалните финансиски институции, офшор-мрежи и идеологијата на дерегулирана трговија. Според ова гледиште, отпорот кон царините (не само блокирањето на Врховниот суд на САД) не е реакција на економска мерка, туку одбрана на систем што му овозможувал историски на Лондон да ја задржи својата хегемонистичка позиција – дури и над поранешните колонии, вклучително и САД.
Е сега на сцената стапува Доналд Трамп со својата суверенистичка доктрина Донро, кој ја прогласува западната Земјина полутопка за американска сфера на влијание. Реномирани експерти и аналитичари тврдат дека САД ги сметаат токму „британскиот империјален финансиски систем и современиот глобалистички финансиски поредок, со центар во Лондон“ за една од главните пречки на доктрината Донро, на возобновувањето и консолидирањето на американската политичка, економска и финансиска хегемонија на западната Земјина полутопка.
Во рамките на стремежите за зацврстување на сопствената хегемонија, инспирирана и од проектот „Да ја направиме Америка повторно голема“, што вклучува наметнување царини на трговските партнери, вклучувајќи ја и Велика Британија, САД активно продолжуваат и во оваа 2026 година да ги сузбиваат „преостанатите остатоци од британското финансиско влијание и хегемонијата на Лондон“.

Отворен судирот на американскиот МАГА -суверенизам со финансискиот
империјализам на Лондон

Блокирањето на царинските политики на Доналд Трамп од страна на американскиот Врховен суд се смета за дел од „судирот на американскиот МАГА-суверенизам и финансискиот империјализам на Лондон“, кој, наводно, „се стреми да ги држи и натаму во своја финансиска потчинетост Соединетите Американски Држави“.
Според американската аналитичарка Сузан Кокинда, прашањето што останува да се одговори е суштинско и гласи: дали американските гласачи ќе ја препознаат оваа битка како продолжение на историскиот судир меѓу американскиот републикански суверенитет и империјалниот финансиски либерализам, олицетворен во Лондон?
Во овој контекст, не случајно и „Лексингтон“, една од водечките британски консултантски агенции за односи со јавноста и комуникации, во своја анализа од 11 февруари пишува дека „британската влада очекува оти ќе продолжи нестабилноста во односите со САД и во оваа 2026 година“.
– Трамп во голема мера ја гледа Велика Британија како уште една проблематична европска земја, чија политика, барем некои во тимот на Трамп, сакаат да ја нарушат. Може да се очекуваат натамошни тензии во трансатлантските односи меѓу САД и Англија во сферите на трговијата, производството, енергетиката, одбраната… Ако биде потребно, во поглед на производството на челикот, британската влада ќе им возврати на САД со нови и поголеми царински квоти и тарифи во следните неколку месеци. Исто така, Велика Британија ќе се усогласи поблиску со ЕУ оваа година, во пракса видливо избирајќи ја ЕУ пред САД во областите што се важни за Вашингтон, како што се правилата за храна и цените на јаглеродот – истакна „Лексингтон“ во својата анализа со наслов „Каде би можеле да се зголемат тензиите меѓу Велика Британија и САД во 2026 година?“, објавена на професионалната бизнис-мрежа „Линкедин“.
„Економско-финансиското јаже“ меѓу Велика Британија и САД се „затегнува“ сѐ повеќе: Велика Британија се бори да го урамнотежи својот однос со Вашингтон и Брисел, справувајќи се со притисокот од протекционистичката американска агенда, но едновремено обидувајќи се да ја одржи, како што се велат експертите и аналитичарите, и „сопствената глобална улога во светот на финансиите“.
Од друга страна настапуваат САД со својата МАГА-агенда „Да ја направиме Америка повторно голема“, сега во поширока смисла и во глобалните финансии и во самата западна хемисфера, но и со индиректна порака: „Ќе ги спречиме светските финансиски империјалисти да танцуваат и на американските финансиски пазари и низ Америка“. Притоа со намера да ја „скратат невидливата долга рака на Лондон“.

Свето Тоевски