Кус коментар: Некои аспекти за неопходноста на претстојниот длабок рез и преструктурирање на полето на правото, политиката, економијата… а најмногу на менталитетот
Ресетирање, рестартирање… Деновиве повторно овие два збора се во врвот на статистиките според употребувањето во македонската јавност… И луѓето си ги употребуваат како да се едно исто, за работи што се од колосално значење за нас самите: Бараат ресет и рестарт за системот, или за државата, или за менталитетот. А суштински толку е различно дали ќе се ресетира или, пак, ќе се рестартира, колку што е различно што ќе биде предметот на тоа дејство: Системот ли? Државата ли? Менталитетот ли?
Драги мои, веднаш да ја отстраниме дилемата. Ресетирање или рестартирање? Затоа што имам навистина силен впечаток дека дилемата треба да се отстрани, пред и да се преземе нешто во таа насока.
Имено, причината зошто е важно да се знае разликата помеѓу толку употребуваните зборови и толку посакуваните сличноимени зафати (рестартирање и ресетирање на нештата) е затоа што овие две работи егзекутираат (прават) две многу различни работи, и покрај тоа што звучат како ист збор. Едниот е многу повеќе деструктивен и постојан од другиот, а со тоа, постојат многу сценарија каде што треба да знаеме која акција треба да се изврши за да се исполни одредена задача. Во редовиве што следуваат, со еден технички јазик и многу пластично, ќе направиме едноставна споредба на термините, а вие слободно ставете го истото тоа во контекст на ресет или рестарт на системот, државата или менталитетот, за да добиете слика што сакал да каже и да порача авторот.
Рестартирање
Да се рестартира нешто значи – „да се окупира состојбата на моќ“. Кога ќе го исклучите уредот, тој не прима енергија. Кога се враќа, добива енергија. Рестарт/рестартирање е единствен чекор што вклучува исклучување и потоа напојување на нешто. Тоа значи дека ниту софтверот ниту програмите што потоа пак со рестартирањето се вклучени и отворени – не се бришат! Истите се! Апликациите едноставно се исклучуваат кога моќта е изгубена. Откако ќе се врати моќта, тогаш може да ги отворите истите софтверски програми, датотеки итн.
Ресетирање
Од друга страна, најлесен начин да се опише зафатот наречен „ресетирање“ е – бришење. Имено, ресетирањето е исто како бришење. Кога ќе се направи ресетирање, тоа значи дека нештата треба да се вратат во иста состојба во која се наоѓале првично (за уред тоа значи дека со ресетирањето се враќа состојбата кога била првично купена или – фабричко ресетирање). Тоа буквално значи „бришење и повторно инсталирање систем“, бидејќи единствениот начин за вистинско ресетирање е да се отстрани актуелниот постоен „софтвер“. Ова е малку подеструктивен од претходно објаснуваниот метод (рестартирање), а технички многу поблизок до „уништување на нештата“. Но и тоа е начин да се стартува од почеток на нештата, малку поагресивно и навистина ако сме процениле дека тоа го сакаме и дека тоа навистина треба.
И сетне, кон предметот на барањата за рестартирање или ресетирање… Трите блока на преструктурирање што најчесто се споменуваат во јавноста се: системот, државата и менталитетот на општеството (индивидуата и колективитетот)? И на кој начин? Дали е потребно, всушност, сукцесивно, еден по еден или, пак, сите заедно?
Но, важна е констатацијата дека треба навистина да се направи тоа! Тоа е најтешкиот и прв чекор од „седум километри“.
Свето Тоевски