Можеби сѐ уште има стравови, ама предрасуди и стереотипи сѐ помалку и помалку, што е охрабрувачки. Ризикот од етничко насилство исто така станува сѐ помал и помал, па и тоа охрабрува. Севкупните сознанија од ова истражување можат да послужат како основа за конструктивни политики и добронамерни иницијативи што ќе придонесат за натамошно унапредување на соживотот и соработката меѓу различните етнички заедници во Македонија. И покрај некоректните и недобронамерни заканувања од една политичка партија во опозиција (ДУИ), новата владејачка коалиција (ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ) во осумте месеци владеење успева да одржува релаксирачки и нетензични меѓуетнички односи во Македонија

Истражување на јавното мислење во врска со меѓуетничките односи и состојби во Македонија

Во периодот од 1 до 4 февруари годинава беше спроведено истражување на јавното мислење на теми поврзани со актуелните состојби во областа на меѓуетничките односи во Македонија. Истото тоа е направено во рамките на платформата „ОМНИБУС“, за потребите на групацијата „Бренд концепти“, на репрезентативен примерок од 1.150 испитаници од целата територија на Македонија. Во оваа кратка анализа ќе ги изнесам главните рефлексии од истражувањето на наведената тема.
Целта на истражувањето беше да се добијат релевантни и веродостојни податоци за заедничкото живеење, ставовите, искуствата и перцепциите на граѓаните во врска со меѓуетничките односи и за актуелните состојби и можности за развој и подобрување. Анкетата беше дизајнирана да обезбеди анонимни одговори, гарантирајќи искреност во одговорите и точност во добиените крајни и збирни резултати, што обезбедува систематски увид во јавното мислење, покривајќи различни аспекти во меѓуетничките односи. Беа употребени квантификативни прашања со скала за мерење на ставови од 1 до 5, дихотомни прашања, како „да“ и „не“, перцептивни прашања за оценките на граѓаните во врска со актуелната состојба на меѓуетнички план и перспективите за нивни иден развој. Овој вид методолошки пристап овозможи конкретна и реална анализа на состојбите, трендовите, разликите во перцепциите и клучните фактори што влијаат врз јавното мислење.

Во продолжение ви ги презентирам осумте поставени прашања на испитаниците и анализа на одговорите и добиените резултати.

1. Така, на прашањето „Како би ги оцениле меѓуетничките односи во Македонија?“, 38,7 отсто одговориле дека тие се просечни, 25,1 отсто веруваат дека се одлични, а 9,8 отсто се убедени дека се одлични. Тоа значи дека 73,6 отсто од испитаниците имаат позитивно мислење за меѓуетничките односи во Македонија. За лоши односи се изјасниле 16,6 отсто, а 5,8 отсто мислат дека тие се многу лоши. Ако ги собереме, добиваме 22,4 отсто испитаници што не се задоволни од тоа какви ни се меѓуетничките односи.
2. На прашањето „Дали сметате дека меѓуетничките односи се подобруваат, остануваат исти или се влошуваат во последната година?“, 39,2 проценти од испитаниците одговориле дека тие се подобруваат, 34,8 отсто мислат дека се исти, а само 16,5 отсто мислат дека се влошуваат, додека 9,5 отсто немаат мислење.
3. На прашањето „Дали сметате дека развојот на меѓуетничките односи е приоритет за владата?“, 50,1 проценти одговориле со да, 29,3 отсто со делумно, 10,4 отсто со не и 10,2 отсто не знаат.
4. Четвртото прашање „Дали сметате дека партиите во Македонија предизвикуваат меѓуетнички тензии за да ја поткопаат борбата против криминалот и корупцијата на институциите?“, одговорите се загрижувачки: 59,7 отсто одговориле со да, 24,9 отсто со не и 15,4 отсто не знаат. Тука, на овој план одредени партии треба малку да се замислат и да го променат своето однесување.
5. Следно прашање е „Дали поддржувате иницијативи за повеќе мешани политички партии, наместо етнички базирани партии?“, 44,8 отсто одговориле дека поддржуваат такви иницијативи, додека 39,6 отсто не го поддржуваат тоа. Само 15,6 отсто не знаат дали да го поддржат тоа или не.
6. На прашањето „Дали би прифатиле брак со личност од друга етничка заедница?“, 54,3 отсто би прифатиле, што значи дека мнозинството немаат предрасуди кон друга етничка заедница, додека 31,2 отсто сѐ уште не се подготвени за такво нешто, што значи кај нив сѐ уште има и предрасуди и стереотипи, ама добро е што оваа групација не е во поголем процент. Само 14,5 отсто немаат мислење по ова прашање.
7. На прашањето во врска со младите генерации, „Дали сметате дека младите генерации се потолерантни од постарите во однос на меѓуетничките односи?“, 49,3 проценти одговориле дека младите се многу поотворени, 30,8 отсто мислат дека се малку поотворени, 14,7 отсто се на мислење дека се исти како постарите, додека само 5,2 отсто мислат дека младите имаат повеќе предрасуди. Мора да се констатира дека ваквиот степен на меѓуетничка толеранција кај младите охрабрува и е добра основа за уште поголем процент на подобрување на меѓуетничките односи во Македонија. А ние повозрасните треба малку да се подзамислиме и да ги преиспитаме нашите ставови и погледи во врска со ова прашање.
8. Истражувањето завршува со многу конструктивно прашање „Кои мерки сметате дека се најважни за подобрување на меѓуетничките односи во Македонија?“, а одговорите се многу интересни: 30,9 отсто од испитаниците се категорични дека е повеќе од потребно намалување на политичката злоупотреба на етничките прашања (уште еднаш да се замислат поединечни партии), 25,6 отсто бараат подобрување на медиумската покриеност со позитивни примери на соживот, 20,7 отсто мислат дека ни се потребни културни и спортски настани што ги обединуваат различните заедници, 12,3 отсто се залагаат за поголема економска еднаквост меѓу сите заедници и 10,5 отсто мислат дека е неопходно подобрување на образованието за различни етнички заедници.

Со право можеме да констатираме:

Прво и најважно, но и доста охрабрувачки, резултатите од анкетата покажуваат стабилност во меѓуетничките односи. Имено, повеќето испитаници сметаат дека состојбата се подобрува или останува иста, при што младите генерации се гледаат како поотворени и потолерантни во однос на постарите;

Втора позитивна констатација е дека најголем дел од граѓаните истакнуваат потреба од подобра медиумска покриеност со позитивни примери на соживот, како и повеќе заеднички културни и спортски настани. Тоа значи и многу повеќе култура, уметност и спорт (отколку кавгаџиска политика и политикантство), што е одлика на држава со модерна парламентарна демократија, но е и главен белег на едно граѓанско општество со високо ниво на општа и политичка култура;

Трето, податоците покажуваат дека мнозинството граѓани веруваат дека одредени политички партии (ДУИ и поединечни нејзини коалициски партнери, како Алијанса на Албанците на Зијадин Села) намерно предизвикуваат меѓуетнички тензии со цел да ја поткопаат борбата против криминалот и корупцијата во институциите, во која длабоко се заглибени нивни поединечни членови. Овие наоди сугерираат дека, иако постои свест за важноста на меѓуетничките односи, граѓаните се свесни и за предизвиците што произлегуваат од нивната политичка инструментализација;

Четврто, и покрај тоа што значителен дел од испитаниците сметаат дека развојот на меѓуетничките односи е приоритет за Владата, анкетираните во исто време препознаваат политичка злоупотреба на етничките прашања како значајна пречка во овој процес;

И петта констатација е фактот што и покрај некоректните и недобронамерни заканувања од една политичка партија во опозиција (ДУИ), новата владејачка коалиција (ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ) во осумте месеци владеење успева да одржува релаксирачки и нетензични меѓуетнички односи во Македонија.
Квалитетот на меѓуетничките односи е важен фактор, како лично за секој поединец така и во целост за Македонија како демократска држава и мултикултурно општество. Оптимизмот кај младите и отсуството на стереотипи и предрасуди се најохрабрувачки за перспективата на меѓуетничките односи.
Можеби сѐ уште има стравови, ама предрасуди и стереотипи сѐ помалку и помалку. И тоа е добро и охрабрувачки. Ризикот од етничко насилство исто така станува сѐ помал и помал, па и тоа охрабрува. Впрочем, 24 години по конфликтот од 2001 г., непријателското гледање на меѓуетничките состојби се среќава само во поединечни случаи (мал број милитантни поединци, кои треба да бидат посочени, јавно осудени и неприфатени од сите во Македонија). Севкупните сознанија од ова истражување можат да послужат како основа за конструктивни политики и добронамерни иницијативи што ќе придонесат за натамошно унапредување на соживотот и соработката меѓу различните етнички заедници во Македонија.
За крај би додал нешто што ги надминува рамките на предметното истражување, ама е инспирирано од истото тоа, читајќи го во и помеѓу редови: видливи се позитивните ефекти од акциите на граѓанското општество, но и од културните институции и спортските асоцијации и федерации. Сепак, и покрај тоа, потребни ни се повеќе познавања и почит на културите и уште повеќе признавање и негување на заеднички вредности ако сакаме продлабочување и зацврстување на меѓуетничкиот дијалог во Македонија.
Претходно споменатото бара уште поголема социјализација преку пријателства и директни комуникации помеѓу различните етникуми. Како на работните места во државните институции и приватните фирми така и со соседите од нашата улица, нашето маало, нашиот кварт и нашата општина (село и град). За овој посакуван идеал треба да поработиме нешто повеќе отколку досега, првин сите ние во нашите семејства (домашно воспитување), потоа сите субјекти од образованието (општа и политичка култура), секако и културните и спортските асоцијации, во кои според нашите лични афинитети сите имаме еднакви услови и шанси за активност, творење, создавање и постигнување на саканите резултати и успеси.

Автор: Сотир Костов