Во мигот кога почина кралицата на Обединетото Кралство, Елизабета Втора, во четвртокот на 8 септември 2022 година, тронот веднаш и без церемонија премина кај наследникот, нејзиниот прв син Чарлс, бившиот принц од Велс. Сепак, и покрај директното „преземање на должноста“ за владеење со британската монархија, постојат низа практични, но и традиционални чекори што мора да бидат исполнети за Чарлс Трети да биде крунисан за крал

Македонија и британскиот принц престолонаследник, а сега крал Чарлс Трети

Во мигот кога почина кралицата на Обединетото Кралство, Елизабета Втора, во четвртокот на 8 септември 2022 година, тронот веднаш и без церемонија премина кај наследникот, нејзиниот прв син Чарлс, бившиот принц од Велс. Сепак, и покрај директното „преземање на должноста“ за владеење со британската монархија, постојат низа практични, но и традиционални чекори што мора да бидат исполнети за Чарлс Трети да биде крунисан за крал.

Церемонијално прогласување на новиот крал на Обединетото Кралство

Формалната церемонија, со која Чарлс официјално ќе биде прогласен за крал се очекува да биде одржана денеска, во палатата „Сент Џејмс“, пред церемонијалното тело, познато како Совет за пристапување, кое се состои од членови на Тајниот совет, односно здружение на повозрасни парламентарци (бивши и сегашни), како некои повисоки државни службеници, високи повереници на Комонвелтот и градоначалникот на Лондон. Теоретски, околу 700 луѓе имаат право да присуствуваат на настанот, но со оглед на краткиот рок до одржувањето на церемонијата, реалниот број веројатно ќе биде помал. На последниот Собор за пристапување, во 1952 година, при крунисувањето на сега покојната кралица Елизабета Втора, имало околу 200 присутни. На состанокот, претседателката на Тајниот совет (моментално парламентарната претставничка Пени Мордаунт) ќе ја објави смртта на кралицата Елизабета, а прогласот ќе биде прочитан наглас. Текстот на објавата може да се промени, но традиционално тој содржел низа молитви и ветувања, пофалби за претходниот монарх и ветување поддршка за новиот. Овој проглас потоа ќе биде потпишан од голем број високи функционери, вклучувајќи ги и премиерот, надбискупот од Кантербери (поглаварот на Англиската црква) и лордот канцелар. Како и кај сите претходни церемонии, внимание ќе се посвети на тоа што би можело да биде сменето, додадено или ажурирано, во знакот на новата доба.
Кралот нема да даде класична заклетва, како кај некои други шефови на држави. Наместо тоа, постои изјава во согласност со традицијата, која датира од 18 век – ќе даде заклетва дека ќе ја зачува Црквата на Шкотска. По огласувањето на фанфарите ќе биде објавено јавното прогласување на Чарлс за нов крал. Тоа ќе биде направено од балконот над Фрајари корт во палатата „Сент Џејмс“. Потоа, првпат од 1952 година, државната химна ќе биде изведена со зборовите „Боже чувај го кралот“, наместо „кралицата“. Ќе бидат испалени плотуни на „Хајд парк“, кај лондонскиот Тауер и од морнаричките бродови, а прогласот со кој Чарлс Трети се прогласува за крал ќе се читаат во Единбугр, Кардиф и во Белфаст.
Симболичната кулминација ќе биде крунисувањето. Поради потребните подготовки, крунисувањето веројатно нема да се случи набрзо по стапувањето на должност на Чарлс Трети. Кралицата Елизабета го наследила тронот во февруари 1952 г., а била крунисана дури во јуни 1953 г. Во изминатите 900 години, крунисувањата се одржуваат во Вестминстерската опатија. Вилијам Освојувачот бил првиот монарх што бил таму крунисан, а Чарлс Трети ќе биде 40-от.
Одлуката за своето именување како крал Чарлс Трети е прва одлука во времето на владеењето на новиот крал. Тој можел за кралско име да го избере кое било од неговите четири имиња – Чарлс Филип Артур Џорџ. Иако е престолонаследник, принцот Вилијам нема автоматски да стане принц од Велс, туку таа титула ќе мора да му ја додели неговиот татко. Постои и нова титула за сопругата на Чарлс, Камила, која станува кралица консорт, односно кралица сопруга.

Никовски: Лондон беше главниот двигател на процесот за признавање на Македонија

Со прогласувањето за Чарлс Трети за британски крал, тој стана и челник на Комонвелтот, здружение на 56 независни земји, кои заедно имаат 2,4 милијарди луѓе. За 14 од овие земји, како и за Обединетото Кралство, кралот е шеф на државата. Овие земји, познати како кралства на Комонвелтот се: Австралија, Антигва Барбуда, Бахами, Белизе, Канада, Гренада, Јамајка, Папуа Нова Гвинеја, Свети Кристофер и Невис, Света Луција, Свети Винсент и Гренадини, Нов Зеланд, Соломонските Острови и Тувалу.
Кралот Чарлс Трети стапува на должност како највозрасен монарх во речиси милениумската монаршка традиција на неговата земја. Но сепак тој има долг стаж како принц престолонаследник, претставувајќи ги британска круна и кралицата на официјално ниво, како во својата земја, но и на меѓународен план. Политичкото значење на британскиот монарх навистина е повеќе протоколарно, но речиси илјадагодишната традицијата на владеење симболизирана во оваа титула сѐ уште има значително влијание, тежина и престиж во меѓународната политика. Како принц престолонаследник, кралот Чарлс Трети во 1998 година ја има посетено Македонија, кога имал прием во Охрид од тогашниот македонски претседател Киро Глигоров.
Првиот официјален дипломатски претставник на Македонија, од воспоставањето на независноста, во Обединетото Кралство, амбасадорот Ристо Никовски, се сеќава дека тој му ја упатил поканата на сегашниот британски крал Чарлс Трети, на дипломатски прием во Бакингемската палата. Посетата била реализирана по една година. И таа една посета на Македонија е дел од официјалната биографија како принц престолонаследник на сегашниот британски крал, што, секако, претставува важен елемент во основата на интересот за одржување релации на британската круна со земјите во Балканскиот Регион, како и со Македонија.

– Британската монархија владее со таа земја повеќе од 1.000 години. Навистина во последните периоди нема големо политичко влијание, меѓутоа претставува столб и симбол на единството, безбедноста, стабилноста и развојот на земјата. Монархијата владее со Обединетото Кралство и државите што му претходеа, повеќе од еден милениум, а тоа е традиција во сите аспекти на живеењето, која длабоко се почитува и од тоа произлегуваат и влијанието и почитувањето на кралевите. Кралицата Елизабета Втора беше во посета на Југославија во 1972 година, додека сегашниот крал Чарлс беше во посета на Македонија во 1998 година, и тоа на моја покана за време на извршувањето на мојата дипломатска должност како претставник на Македонија во Лондон – вели поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски.
Тој истакнува дека иако кралското семејство во Обединетото Кралство има повеќе протоколарно-церемонијална улога, сепак суверенот (кралот, кралицата) се добро информирани за настаните во светот и меѓународната политика.
– Инаку, Бакингемската палата досега, а сигурно и отсега, темелно следи што се случува во светот, вклучувајќи го и Балканот. Тие се редовно брифирани од Форин офисот (Министерството за надворешни работи), така што ги имаат најновите и најстручни информации за случувањата во светот. Интересот за Македонија е реален и постои. Додека јас службував таму, Лондон беше главниот двигател на процесот за признавање на Македонија од страна на земјите во тогашната Европска економска заедница (ЕЕЗ), т.е. сегашната ЕУ. Како што е познато, тоа се случи во декември 1993 г., кога шест земји од ЕУ ја признаа независноста на Македонија. Сето тоа беше иницирано и организирано од официјален Лондон – вели амбасадорот Никовски.


Кралицата Елизабета почина на 96-годишна возраст опкружена од своето семејство во замокот
„Балморал“. На тронот ќе ја наследи нејзиниот најстар син со титулата Чарлс Трети.
Елизабета Александра Мери беше
родена во Лондон на 21 април 1926 година, во семејството на војводата и војвотката од Јорк. Кога имала 10 години, нејзиниот татко седнал на британскиот кралски трон како Џорџ Шести по абдицирањето на неговиот постар брат Едвард Осми. Со тоа, младата принцеза стана идната престолонаследничка. Во 1947 година, таа се омажи за потполковникот Филип Маунтбатен, принцот Филип, војводата од Единбург, со кого имаше четири деца, Чарлс, Ана, Ендру и Едвард.
Нејзиното владеење опфати големи уставни промени, како што се деколонизацијата на Африка, децентрализацијата во Обединетото Кралство и брегзит.