Проф. д-р Солза Грчева:
Примената на алатките (несвојствени за демократиите) далеку ги надмина проекциите на Охридскиот договор
– Македонија целосно го има испочитувано Охридскиот договор, го има вградено во Уставот, па дури ја има и надминато и проширено во многу случаи неговата рамка. Примената на алатките (несвојствени за демократиите), „бадентер“ и „балансер“, далеку ги надмина проекциите на Охридскиот договор, а особено Законот за употреба на јазиците. Сега за озаконување на т.н. принцип „победник со победник“ при формирање влада, повторно се бара основа во Охридскиот договор, а ако ја нема, од ДУИ тргнуваат во потрага по некој ирелевантен американски адвокат, прогласувајќи го за автор на рамковниот договор, веројатно за да им го толкува или да го допише тоа што го замислиле. Навистина, нас нѐ очекуваат многу преиспитувања на тој план, меѓу кој и на спроведувањето на Охридскиот договор, но не во насока како што замислува ДУИ. Во ниту една демократија не постои таков принцип „победник со победник“ за формирање влада. Партијата што победила е слободна да избира партнери за коалиција. Најактуелен пример се изборите во Франција, каде што партијата што практично беше победник во првиот круг, по коалицирањето на различни политички субјекти, по вториот круг беше на третото место. Во нашиов случај, ДУИ го злоупотребува Охридскиот договор, а иницијативата за озаконување на принципот „победник со победник“ е неиздржана – и правно и демократски и антиевропски – вели универзитетската професорка Солза Грчева.
Проф. Мирјана Најчевска:
Кога решенијата за еднократна употреба продолжуваат да опстојуваат, стануваат рак-рана на општеството
– Рамковниот договор беше еднократен договор за мир, чии одлуки беа вградени во Уставот. Но во Македонија ваквите еднократни решенија стануваат институции, кои продолжуваат да имаат свој посебен живот, дури и кога се надминати состојбите поради кои се донесени и стануваат извор на неправо. Кога продолжуваат да опстојуваат овие решенија за еднократна употреба, стануваат рак-рана на општеството. По завршувањето на нивната улога, тие треба да отидат на полиците на историјата, а не да бидат извор на право. Изворот на правото се Уставот и законите! – вели професорката Мирјана Најчевска.
Проф. Ида Мантон:
Инсистирањето на етнички модели на владеење доведе до зголемена сегрегација
– Охридскиот договор е документ што имаше цел да биде рамка што ќе ѝ обезбеди демократска иднина на Македонија и ќе дозволи „развој на поблиски и интегрирани односи меѓу Македонија и евроатлантската заедница“. Оваа рамка подразбираше престанување на насилствата што имаа политички цели, мирен и хармоничен развој на граѓанското општество, земајќи ги предвид етничкиот идентитет и интересите на сите граѓани. Меѓународната заедница се обврза да го надгледува тој процес, во чии предговори беше директно вклучена. Чувствувам дека треба да појасниме дека Законот за амнестија не ги опфати криминалните дејства во периодот од конфликтот во 2001 година ниту, пак, случаите за кои беше надлежен Трибуналот во Хаг. Но одговорноста е пред сѐ на државата, не на тие што помогнале во процесот на преговори. Советот на Европа, дел од меѓународната заедница, неодамна побара државата да ги процесира вратените случаи. Тие не само што не застаруваат туку и, ако не се адресираат, оставаат простор за политички манипулации и чувство на незавршеност на конфликтот. Значи, духот на Охрид беше да се создаде подемократско и инклузивно општество, но, за жал, инсистирањето на етнички модели на владеење доведе до зголемена сегрегација и злоупотреба на моделот за правична застапеност во многу сектори во општеството. Ние отидовме од преговарање за начини како да обезбедиме недискриминација до целосна сегрегација бидејќи етнопопулизмот вирее во клима на поларизација. За жал, работата на меѓународната заедница е жртва на проектни циклуси, некоординираност, преклопување и немање институционална меморија, повторување програми што и пред 20 години не дадоа плод. Имам чувство дека и меѓународните институции и билатералните амбасади често се плеткаат во вителот на штиклирање наметнати обврски, без да знаат зошто некои програми продолжуваат иако не дале плод цели две децении. Мониторингот што го прават ОБСЕ и ЕУ мора да е во насока на исполнување принципи и вредности, не потценувајќи притоа дека помирувањето е можно само ако чувството за правда е задоволено – вели Ида Мантон, професорка по меѓународни преговори и медијација.
Проф. Наташа Котлар-Трајкова: Политичка е грешката или намерно е направен таков политички конструкт воУставот што беше направен по Охридскиот рамковен договор
– Со сите изјави Ахмети, прво и основно, оди против Охридскиот рамковен договор. Според тој договор, ние сепак сме унитарна држава. Мислам дека политичка е грешката или намерно е направен таков политички конструкт во Уставот што беше направен по Охридскиот рамковен договор, каде што Македонија е држава на македонскиот народ и другите делови на народи, односно, како што велат правниците, ова е ендемичен случај на устав каде што малцинствата не се именуваат како во европските документи како малцинства, туку како делови од народ. Поаѓајќи и од 1991 година, кога тие како албанско малцинство го направија оној нелегитимен референдум за Илирида, сè од таа година, па наваму упатува на тоа дека македонскиот народ не може да има сувереност и интегритет на македонската држава и сè тргнува од тој датум, па и преку рамковниот, па и преку административната територијална поделба, фактички со меѓународен благослов, но и со внатрешен политички благослов, се оди кон интенцијата на кршењето на правото на македонскиот народ на сопствена држава на овој дел што го ослободил за време на Втората светска војна, со тоа што Македонија треба да претставува еден вид збир на народи како што беше СФРЈ, или САД, каде што сите имаат право на сувереност и интегритет, меѓутоа не постои посебен македонски народ. Се работи за едно сериозно негирање на историската генеза на македонскиот народ и антифашистичката борба на македонскиот народ и на народностите бидејќи така е создадена оваа држава. АСНОМ е тој што ги прави Собранието и сите други државни институции и ја гради државата во своите решенија што имаат државотворен карактер – вели професорката Наташа Котлар-Трајкова.
Александар Литовски:
Меѓународната заедница во повеќе ситуации имаше значително влијание во
носењето политички решенија, често на сметка на правдата и правичноста
– Со предизвикот за правдата во Македонија за судско процесирање на хашките случаи, во етичко-политичка смисла, државата се поставува во едно мошне шекспировско искушение: „Нека се спроведува правдата, макар и да пропадне светот“. Хашките случаи во политички контекст имаат статус на „завршена работа“. Нивната амнестија ги има поминато сите легални и легитимни процедури (судски и во законодавниот дом), и тоа во време на власта на двете доминантни политички опции. Така што, правно гледано, нивното процесирање е непотребно, но правдата и понатаму не е задоволена. Политичката дилема во Македонија, поврзано со овој случај, е дали „ќе пропадне светот“, т.е. воспоставениот поредок и односи во земјата, ако се „спроведе правдата“. Амнестијата за хашките случаи е спроведена како влог за помирување во општеството, со Охридскиот рамковен договор, но прашање е како се одрази тоа на градењето на системот на правда и правичност во Македонија. Меѓународната заедница, не само со Охридскиот договор туку и во повеќе ситуации потоа, имаше значително (дури и пресудно) влијание во носењето политички решенија, често на сметка на правдата и правичноста. Тоа се покажа и со педесетината предмети на СЈО, кои беа кулминација на неказнивоста. Но одговорност има и меѓународната заедница, но не треба таа да се префрли само на меѓународните фактори, поголема е одговорноста на домашните политички чинители. Најчесто изговорите за деградирање на правдата се дека политичкиот момент не е погоден за нејзино стриктно спроведување. Секогаш е време за правда, но не само за старите случи туку и за неправдите и деградирањето на правдата што ни се случуваат сега. Ние практично немаме ни почнато со градење на системот на правда и правичност – вели историчарот Александар Литовски.
Драган Јањатов: Тоа што не е добро осмислено ќе ги покаже своите недостатоци
– Тоа што не е добро осмислено, што е еден вид експериментално, ќе ги покаже сите недостатоци. Ги покажа Охридскиот рамковен договор, ги покажа Пржинскиот договор, ги покажуваат и договорите со Бугарија и со Грција. Тие што притискаат гледаат да ги остварат сопствените цели и затоа наметнуваат решение што ним им се чини добро во одреден момент, без да ги знаат вистинските состојби и потребите на една суверена држава. Не може тие однадвор да се грижат за нашите национални интереси, треба самите да решаваме што е добро за нас. Тука е генезата на проблемот на фалинките во сите тие брзоплети решенија – заклучува дипломатот од кариера Драган Јањатов.
Мелпомени Корнети: Договор добиен со војна се сомневам дека ги има капацитетот и вредноста за дефиниција за културно богатство
– Основниот предуслов за нешто да биде културно богатство е неговaта содржина и постоење да ги збогатуваат сите. Еден договор добиен со војна, со жртви во сѐ уште нерасчистени случаи, за кои никој не одговарал и кој сѐ уште предизвикува чувство на загрозеност кај мнозинскиот народ за територијалниот интегритет и суверенитет на државата, се сомневам дека ги има капацитетот и вредноста на дефиницијата за културно богатство. Тоа се апсурдни претензии, кои личат на израз на егзалтација на дете што добило играчка што не очекувало дека ќе ја добие, но која, сепак, ја содржи заканата од (не)очекувана експлозија – вели поранешната амбасадорка на Македонија, Мелпомени Корнети.