Соговорниците забележуваат индикатори за тренд на системско разградување на образовниот систем, во кој е неважен квалитетот на знаењето што ќе го добијат учениците или студентите, туку е важен „бројот на бодови што ќе ги освојат“. Во таквите образовни тенденции, многу е забележливо потиснувањето на општествените науки, имено, токму оние науки и научни дисциплини што најмногу тргнуваат од принципите на истражување, анализа, синтеза, методи со кои се поставуваат прашања, се поттикнува на размислување…
Реформата на образовниот систем во една држава е реформа на иднината на општеството
Дебатата предизвикана во јавноста во врска со реформите во наставната програма за шесто одделение во основното образование, односно за изземањето на тематското подрачје со историскиот дел во предметот Македонски јазик, отвори повеќе аспекти за анализа, меѓу кои и оној дека „со реформите во образованието всушност се реформира општеството“. Предвидените промени во наставата по предметот Македонски јазик предизвикаа гласни реакции од страна на самите предметни наставници. Засега, регистрирано е и едно официјално јавно артикулирано изјаснување на Здружението на просветни работници од Куманово дека „целата нова концепција на образованието е неприфатлива“.
Реформи и деформи
По реакцијата на наставниците по македонски јазик од основното образование, од нивни колеги во средните стручни училишта беше регистрирано и дека „од програмата за четврта година се изземени од обработка делата од современата македонска литература ’Црно семе‘ од Ташко Георгиевски и ’Црнила‘ од Коле Чашуле“. Поради содржината на делата, во кои се говори за теми и личности поврзани со историјата, животот и страдањата на Македонците во егејскиот и пиринскиот дел на Македонија, во јавноста се создаде логичен заклучок произлезен од доминантниот општествено-политички амбиент, дека таквите програмски реформи во образованието се поради спроведување на условите од Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија.
– Прво нешто што секому му паѓа на памет, барајќи одговор зошто токму овие две дела се извадени од наставната програма, е конкретната сегашна политичка ситуација. Бидејќи „Црно семе“ обработува теми од Граѓанската војна во Грција и Македонците во неа, а „Црнила“ од Коле Чашуле го обработува атентатот на Ѓорче Петров, поточно антимакедонизмот, предавството и братоубиството. Нешто со што можеме да направиме паралела и со сегашната политичка ситуација – вели универзитетската професорка Симона Груевска-Маџоска од Институтот за македонски јазик.
Според Груевска-Маџоска, оваа грешка мора да биде исправена и овие две дела повторно да бидат вратени во програмата на задолжителни лектири во средното стручно образованите. Таа истакнува дека токму овие две дела имаат големо историско значење Македонија.
– Особено што тие дела се од историско значење за македонската литература и не само за литературата. Да се потсетиме дека според романот „Црно семе“, во 1971 година е снимен филм, кој беше добитник на „златна арена“ на Филмскиот фестивал во Пула за режисерот Кирил Целески и „златна арена“ за најдобра машка улога на Дарко Дамевски, а беше и кандидат за „оскар“ од тогашна Југославија, но не беше номиниран од разбирливи причини – потсетува професорката Груевска-Маџоска.
Неподготвеност на образовниот систем за реформи и во предметот Природни науки
Една од порадикалните промени на новата образовна концепција за основното образование е спојувањето на досегашните предмети Географија, Биологија, Физика и Хемија во еден интегриран предмет, Природни науки. Со ваквата промена се почнува веќе од септември, практично како со остар рез, без јасна претстава на образовните власти како ќе функционира и за учениците и за наставниците. Засега има информации дека предметот Природни науки би се изведувал преку образовни модули за секоја од четирите интегрирани научни дисциплини, а секој модул ќе го предава посебен наставник, кои досега предавале посебни предмети, според својата стручна образовна специјалност. Според неофицијални сознанија, за интегрираниот предмет Природни науки би се изведувала просечна оценка за учениците од сите предмети, но сепак во свидетелствата ќе бидат забележани и оценките од модулите, односно од секоја научна дисциплина.
– Не е суштински важно дали природните науки во основното образование ќе се предаваат во еден интегриран предмет или како и досега – по одделни предмети, туку многу поважно е како, односно со каква подготвеност на системот квалитетно би се реализирала која било прифатена концепција. Во светот постојат два образовни концепта, според кои се предаваат природните науки. Во Западна Европа се применува интегрираниот концепт, додека во централноевропските и источноевропските земји се практикува концептот на посебни предмети за природните науки. И двата концепта имаат и предности и недостатоци, но покажуваат добри резултати. Во нашиот актуелен реформски предизвик со интегрирање на природните науки во еден предмет е што во него се влегува пребрзо и неподготвено. Не е оставено време за целиот образовен систем да се подготви за ваквите реформи. Зашто ако еден предмет го предаваат четворица наставници и секој модул посебно се оценува (иако ќе се изведува просечна оценка), немаме некоја суштинска промена од досегашниот концепт. Само формално сме го намалиле бројот на предметите, а сме генерирале нови проблеми во образованието: загриженост на наставниците за бројот на часови, загриженост за работното место и уште низа други фрустрации. Воведување нов концепт, значи дека треба да постои обучен наставен кадар за да предава наставна програма за Природни науки, т.е. еден наставник да го предава тој предмет, а учениците да добијат соодветни знаења и претстава дека сите тие природни науки се темелат на исти методи на истражување. Потребни се најмалку пет-шест години за студиски програми за такви наставници, а во меѓувреме да се спроведе доквалификација на постојниот наставен кадар за еден наставник да може да предава Природни науки. Во секој случај, навистина се потребни реформи во образованието за природните науки. Ако се одлучиме за интегрираниот концепт, тогаш ни се потребни квалитетни подготовки на системот. А ако се задржи традиционалниот концепт со посебни предмети за секоја природна наука и таму се потребни подобрување и осовременување на наставата. Најлошата варијанта е ништо да не се прави – вели деканот на Природно-математичкиот факултет при УКИМ, Александар Скепаровски, каде што се продуцираат образовни кадри за природните науки.
Тенденција за квантификација на образованието
Универзитетскиот професор Љубомир Цуцуловски, кој од филозофски аспект ги опсервира современите општествени, социјални, политички случувања и тенденции, укажува дека реформата на образовниот систем во една држава е всушност реформа на иднината на општеството. А тенденциите во образованието на светско ниво, кои веќе триесетина години се настојува да се пренесат и во Македонија, е квантифицирано (изразено преку бројки) дозирано знаење за учениците и студентите.
– Самата новововедена терминологија во образованието, како: термините „модули“, па број на бодови што го носи секој испит на студиите, оценување според определен број бодови, сведување на некоја научна дисциплина да административен број на часови, определување дека изборот на стручна литература не може да надминува десетина наслови… укажува на една тенденција да се квантифицира знаењето, односно да се ограничи на мерливи компоненти, само на бројки. Тоа многу ми навестува дека системски се работи на разградување на образовниот систем, во кој е неважен квалитетот на знаењето што ќе го добијат учениците, студентите, туку бројот на бодови што ќе ги освојат. Во таквите образовни тенденции, многу е забележливо потиснувањето на општествените науки. Општествените науки, кои најмногу тргнуваат од филозофијата што поставува прашања и се темели на сомнежот, поттикнуваат на размислување. Додека во сегашните образовни тенденции се поттикнува папагалско учење, за точни одговори на тестовите, кои носат доволно поени за одреден испит. Таквите „квантифицирани“ реформи, кои пред триесетина години почнаа во високото образование, сега стигнаа и до основното образование, а се насочени на стекнување ограничено, дозирано знаење. Уште со воведување на деветолетката во основното образование, им се скрати една година од детството на децата, а тоа е многу важен формативен период за една личност. Тоа практично значи дека една година порано се прекинува формативното влијание на семејството и државата, преку образовниот систем ги зема децата „под свое“. Реформата на образовниот систем, кој стигна до основното образование, практично значи реформа на иднината на општеството – вели професорот Љубомир Цуцуловски.