- Ветувањето од Солун во 2003 година допрва треба да стане реалност, и покрај неодамна обновениот политички фокус (како резултат на војната во Украина) и реафирмацијата на високо ниво дека проширувањето навистина е геостратегиска инвестиција во безбедноста, стабилноста и просперитетот на самата ЕУ. Тука е и нелогичноста, истакнаа некои од учесниците на Генералното собрание, потсетувајќи на неисполнетите ветувања од ЕУ, особено кон Македонија, и покрај огромните отстапки што таа ги направи за да започне со преговорите и да стане членка на ЕУ
- Првиот чекор во редефинирањето на глобалната улога на Европа треба да започне со Балканот. ЕУ мора да се справи со сегашните нееднаквости и да обезбеди дека Македонија и другите аспиранти се цврсто интегрирани во нејзината визија за иднината. Ни треба ЕУ што ќе донесе силни политички одлуки и ќе постави предвидлива пристапна траекторија за регионот…
Додека во Минхен се одржуваше безбедносна конференција конференцијата и на неа се зборуваше меѓу другото и за забрзувањето на интеграцијата на Западен Балкан, истата тема се најде и на Генералното собрание на Меѓународната пан-европска унија (УПИ) во Европскиот парламент, на која учествуваше и делегација на македонскиот огранок на УПИ.
Застојот на евроинтегративниот процес се одрази на ЕУ
Шесте земји од Балканскиот Регион што се стремат кон членство во Европската Унија се географски и политички опкружени со земји членки на ЕУ. Ветувањето од Солун во 2003 година допрва треба да стане реалност, и покрај неодамна обновениот политички фокус (како резултат на војната во Украина) и реафирмацијата на високо ниво дека проширувањето навистина е геостратегиска инвестиција во безбедноста, стабилноста и просперитетот на самата ЕУ. Тука е и нелогичноста, истакнаа некои од учесниците на Генералното собрание, потсетувајќи на неисполнетите ветувања од ЕУ, особено кон Македонија, и покрај огромните отстапки што таа ги направи за да започне со преговорите и да стане членка на ЕУ. Тоа особено го истана Бернд Поселт, поранешен европратеник и член на УПИ.
– Многуте несигурности и разочарувања низ годините го оставија својот данок врз нашите општества и произведоа чувство на фрустрација и скептицизам за вистинските изгледи за членство. Многуте назадувања имаа директно негативно влијание врз кредибилитетот на Унијата, влијаејќи на нивото на доверба и јавна поддршка – истакна Андреј Лепавцов во своето обраќање, кој по четврти пат беше избран за член на претседателството на УПИ.
Според него, ЕУ беше поактивно ангажирана со регионот во контекст на нејзините поголеми геополитички интереси, приспособувајќи го процесот на проширување според новите геополитички околности. И покрај тоа што им дава приоритет на геополитиката и безбедносните грижи, ЕУ се движи по деликатната рамнотежа помеѓу заслугите и контекстот, помеѓу тоа да биде фер кон сите кандидати и да дејствува на начин што му обезбедува стабилност и безбедност на целиот европски континент.
Она што нам како земји кандидати од регионот ни треба од ЕУ е јасност на стратегијата, придружена со силни заложби за опипливи резултати. Целта за проширување на ЕУ до 2030 година е секако амбициозна и достижна, иако нејзиниот реализам зависи од повеќе фактори, почнувајќи од политичката волја и подготвеноста за реформи во земјите кандидати, како и кохезијата на ЕУ во претставувањето обединет фронт во однос на брзината и опсегот на проширувањето.
– Примерот на Македонија, за жал, е најдрастичен. Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ први ја потпишавме во 2001 година, неколку месеци пред Хрватска. Статусот на кандидати за членство го добивме во 2005 година. И додека Хрватска во јули ќе одбележи 12 години како земја членка, Македонија ќе „прослави“ многу отрезнувачка годишнина – 20 години како кандидат за ЕУ. Вистински ветеран, без сомнение, кој допрва треба целосно да ги отвори преговорите за членство, и покрај длабоките предизвици и непринципиелните барања што успеавме да ги издржиме низ годините. Да се стави во перспектива, децата што се родени околу времето на нашата кандидатура за ЕУ наскоро ќе завршат факултет – рече Лепавцов од говорницата во Стразбур.
– Ова е, едноставно кажано, предолго и мора да се промени бидејќи е директно поврзано со прашањето каква ЕУ сакаме (и ни треба) во светот што се менува – се согласија со него учесниците на Генералното собрание на УПИ.
Балканот е клучот за новата ЕУ
Светот навистина се менува. Тој претрпува длабоки промени, кои се карактеризираат со сурова геостратегиска средина, каде што конкуренцијата за пристап до суровини, нови технологии и глобални трговски патишта стана приоритет за големите сили. Светот останува меѓусебно поврзан, но фрактурите се евидентни – меѓународната средина станува сѐ повеќе трансакциска и многу понепредвидлива од порано.
ЕУ мора да се приспособи на оваа реалност и да се трансформира за да може да ја проектира својата амбиција да стане автономен глобален актер, ургентниот состанок во Париз на неколку водечки земји на ЕУ само сведочи на обидот на Европа да се обиде да се врати како глобален играч, откако беше ноншалантно отстранета од преговарачката маса за Украина.
Токму затоа Балканот е олицетворение на моралните и кредибилните предизвици на ЕУ, сметаат учесниците на собранието во Стразбур, бидејќи глобалниот кредибилитет се гради не само преку зборови туку и преку дела. Моралниот авторитет на ЕУ на глобалната сцена многу зависи од нејзината способност да го практикува она што го проповеда во нашиот регион.
– Првиот чекор во редефинирањето на глобалната улога на Европа треба да започне со Балканот. ЕУ мора да се справи со сегашните нееднаквости и да обезбеди дека Македонија и другите аспиранти се цврсто интегрирани во нејзината визија за иднината. Ни треба ЕУ што ќе донесе силни политички одлуки и ќе постави предвидлива пристапна траекторија за регионот – нагласи Лепавцов.
Во Европскиот парламент почувствуван одек од силното обраќање на премиерот Мицкоски во Берлин
Во ходниците на Европскиот парламент се слушнаа и забелешки што одеа во насока на она што го кажа премиерот Христијан Мицкоски во Берлин, дека не може да се зборува дека земјите од Балканот ќе бидат под влијание на надворешни сили како Русија, Кина, Турција итн., а од друга страна да се држат на неодредено време во чекалницата на ЕУ. Всушност, констатацијата е горчлива, Европа, слично како и за време на војните во поранешна Југославија, а од пред три години и во Украина, не беше способна да извлече поуки и да се изгради и во одбранбен сојуз, кој ќе ги почитува правата и своите вредности за кои вербално се залага.
Силно зазвучи изјавата на премиерот Мицкоски во Минхен, која одекна во Стразбур, а сигурно и во Брисел, кој директно ѝ реплицираше на еворкомесарката за проширување Марта Кос, дека ќе има придвижување за Македонија и дека таа може брзо да напредува, како Албанија и Црна Гора, кои можат да станат земји членки во наредните пет години.
– Имам само една забелешка, се сеќавам на ветувањата со кои сакаа да нѐ убедат – сменете го името и во период од четири-пет години ќе станете членка на ЕУ. Им посакувам среќа на Црна Гора и на Албанија, но ве молам не споделувајте го нашето искуство – рече Мицкоски.
Тој посочи дека нашата држава има целосно усогласена надворешна и одбранбена политика со ЕУ и дека сме меѓу петте земји најголеми донатори на Украина по жител, а исто така го исполнивме условот два отсто за одбранбени трошоци на годишно ниво.
– Ние сме целосно усогласени со барањата за надворешната и одбранбената политика. Морам да го истакнам ова прашање, кога Русија го напаѓа и го негира украинскиот идентитет, за што и претседателот Зеленски зборуваше вчера, ние сме сите гласни, критикуваме, се бориме за правата на украинскиот народ и против оваа невидена агресија, но кога парламент на една земја членка од ЕУ го напаѓа и ги негира македонскиот идентитет и мојот македонски мајчин јазик, тогаш сите молчат – заклучи Мицкоски во Минхен.
И токму во насока на надминувањата на ветата од страна на земјите членки на ЕУ е поставена иницијативата на УПИ, која сака преку нејзините лобирања и врски во ЕУ да се смени начинот на гласање за прием на нови земји членки, на што денес е жртва Македонија. Инаку, на ова Генерално собрание на УПИ е избран и новиот претседател на Унијата, Паво Баришиќ од Хрватска, кој го заменува Французинот Алан Терноар, кој станува почесен претседател на УПИ.
Меѓународната паневропска унија (УПИ) е здружение основано по Првата светска војна, во 1926 година во Виена, од страна на грофот Ричард Куденхов-Калерги, кој ја објавил својата книга манифест „Паневропа“ во 1923 година, во која се залагал за создавање унија на европски држави, унија што нему му се чинела како единствено средство за да не се повтори катастрофата од 1914-1918: „Европа, во својата политичка и економска фрагментација, може ли да ги обезбедува својот мир и независност наспроти воневропските светски сили што растат брзо?“, беше прашањето што го поставуваше Куденхов-Калерги пред еден век, кое денес повторно е актуелно на европскиот континент.
Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур