Оние што искрено сакаат проширувањето да успее трагаат по решенија
- Иако планот на ЕК за „обратно проширување“ беше отфрлен, пред сè од некои помали земји членки што тешко се откажуваат од ветото, во пракса тој целосно не е ставен ад акта, туку зад кулисите се работи на негови модификации и адаптации во согласност со новите состојби. Блискоисточниот конфликт, војната во Украина и разнишаните односи во НАТО се доволен сигнал дека ЕУ мора да ги збие сопствените редови така што конечно ќе ги исцрта европските граници и ќе биде начисто, како безбедносно така и економски. Ова е многу поважно за самата ЕУ бидејќи се затвораат сите пукнатини и сиви зони што може дополнително да го поткопаат европскиот проект
Земјите членки на Европската Унија што искрено сакаат процесот на проширување да се заокружи што поскоро не прекинуваат со иницијативите и барањето решенија, иако постојано наидуваат на опструкции од страна на оние што го користат проширувањето како алатка за задоволување на билатералните апетити.
Иако декларативно сите истакнуваат дека се за проширувањето, во пракса гледаат на секој начин да го спречат приемот на нови членки до оној момент додека не бидат исполнети нивните барања кон одредена земја кандидат, дури и тие што не се однесуваат на Копенхашките критериуми.
Токму поради таквиот пристап на некои земји членки пропадна неодамнешниот план на Европската комисија за таканареченото „обратно проширување, односно прво прием на кандидатите, а потоа исполнување на критериумите“. Тој план овозможуваше извесност и предвидливост кај земјите кандидати, што секако ќе влијаеше и врз интензитетот на реформите што треба да ги спроведуваат.
Пахор: На референдум да се одлучи кој е „за“ ЕУ
Иако овој план на ЕК беше отфрлен, пред сè од некои помали земји членки што тешко се откажуваат од ветото, во пракса тој целосно не е ставен ад акта. Имено, и натаму постојат некои неформални иницијативи на кои се работи, а што се однесуваат на модификации и адаптации на планот во согласност со новите состојби.
Блискоисточниот конфликт, војната во Украина и разнишаните односи во НАТО се доволен сигнал дека ЕУ мора да ги збие сопствените редови така што конечно ќе ги исцрта европските граници и ќе биде начисто, како безбедносно така и економски. Ова е многу поважно за самата ЕУ бидејќи се затвораат сите пукнатини и сиви зони што може дополнително да го поткопаат европскиот проект.
Во таа насока е и неодамнешната идеја што во интервју за британскиот сервис Би-би-си ја изнесе поранешниот словенечки претседател Борут Пахор. Во ова интервју Пахор предлага радикален и амбициозен пресврт во политиката на проширување на Европската Унија.
– Ако Брисел сака да се однесува како вистинска суперсила, може да организира референдуми во сите кандидатски земји во 2028 година и тие што ќе гласаат „за“ веднаш да станат членки – предлага Пахор.
Тој додава дека тоа би подразбирало и компромиси како привремено ограничување на правото на вето или на позициите во Европската комисија, односно новите земји членки да немаат право на еврокомесари.
Пахор сугерира дека ЕУ треба да престане со досегашниот бавен технички пристап и да дејствува како „геополитичка велесила“. На забелешките дека некои земји кандидати се отидени понапред во пристапниот процес, поранешниот словенечки претседател одговара дека иако процесот е технички, одлуката секогаш е суштински политичка. Како примери ги наведе Црна Гора и Албанија, за кои вели дека немаат постигнато суштински напредок, но добиваат позитивни сигнали од Брисел само за да се одржи впечатокот дека проширувањето е живо.
Европа бара излез од сопствените правила
Иако ваквите идеи во јавноста често се претставуваат како индивидуални визии или „интелектуални провокации“, сè повеќе дипломатски извори укажуваат дека зад затворени врати се разработуваат многу поконкретни сценарија.
– Во тесни кругови на неколку влијателни земји членки, проширувањето сè поинтензивно се третира како геополитичко прашање од прв ред, што подразбира и отстапување од досегашната строга логика на консензус. Во игра се модели на т.н. пакет-пристап, при што повеќе земји кандидати би биле примени истовремено, но и институционални иновации што би овозможиле заобиколување на блокадите што произлегуваат од билатерални спорови. Тоа вклучува разгледување механизми за одлучување со квалификувано мнозинство во одредени фази од процесот, како и правни и политички конструкции што би ја релативизирале можноста една земја членка да го држи целиот процес во заложништво. Ваквите идеи сè уште не се официјализирани, имаше и отворено отфрлање од страна на некои земји членки, но нивното повторно паралелно циркулирање во повеќе европски центри на моќ јасно сигнализира дека Унијата, притисната од надворешните кризи, сериозно ја преиспитува сопствената догма дека проширувањето мора по дефиниција да биде производ на апсолутен консензус – велат нашите дипломатски извори.
Според нив, се анализираат искуствата од претходните институционални кризи на Унијата, кога преку креативно толкување на договорите или преку меѓувладини аранжмани беа надминувани формалните блокади. Дел од дипломатите веќе отворено посочуваат дека доколку проширувањето остане заробено во рамката на едногласност, ризикот од негово целосно обезвреднување е реален. Оттука, во некои затворени кругови низ Европа се разгледуваат и поинакви форми на т.н. фазни членства, каде што кандидатите би добиле пристап до клучни политики и фондови уште пред формалното полноправно членство, со што би се намалил просторот за политички уцени во завршната фаза. Пакетот финансиска помош за Западен Балкан се смета како еден таков механизам за фазен пристап.
– Паралелно со ова, се отвора и прашањето за внатрешна реформа на самата унија, односно дали е можно да се воведе диференцирана интеграција во која не би учествувале еднакво сите земји членки во сите политики. Во таков модел, проширувањето би можело да се одвива побрзо, без да се чека целосен консензус за секој поединечен чекор. Ова практично би значело создавање „Европа во повеќе брзини“, но со јасно дефинирана крајна цел – целосна интеграција. Дополнително, во неформалните дискусии се појавуваат и идеи за политичко „пакетирање“ на чувствителните одлуки, при што проширувањето би се врзувало со други крупни теми, буџетот на Унијата, безбедносната политика или институционалните реформи. На тој начин би се создала поширока рамнотежа на интереси, во која отпорот на одредени земји би бил амортизиран преку отстапки на други полиња – посочуваат дипломатски извори упатени во внатрешните консултации.
Несомнено сето ова упатува на заклучок дека формалната реторика за почитување на процедурите и критериумите останува важна за јавната сцена, но во суштина Унијата влегува во фаза на прагматично редефинирање на сопствените правила. Прашањето повеќе не е дали ќе има проширување, туку под кои услови, во каква форма и со какви институционални алатки ќе се реализира тоа, имајќи предвид дека геополитичкиот вакуум на Балканот станува сè понеподнослив ризик за самата Европска Унија.
































