Војната во Украина (3)
На неодамнешниот состанок во Лондон на таканаречената Коалиција на подготвените, предводена од клучните европски земји, беше поздравена регистрираната „промена на насоката на Трамп и неговото враќање на претходните позиции во однос на условите за завршување на украинската војна“, односно прекин на борбите на сегашните линии на демаркација како предуслов за преговарачкиот процес.
Но, во тој контекст исклучително значајна за издвојување е позицијата на Коалиција на подготвените, која беше нагласена уште еднаш во Лондон, а тоа е „подготвеноста на коалицијата да испрати заеднички европско-американски воен контингент во Украина по постигнувањето договор, како гарант за неговото спроведување“. Но, во врска со таквиот став, Трамп јасно стави до знаење дека „САД не сакаат да дадат никакви безбедносни гаранции за евентуална одлука од ваков карактер“ од страна на европските лидери.
Значајно за издвојување е дека на споменатиот состанок на Коалицијата на подготвените некои европски функционери, како што е британскиот премиер Кир Стармер, отидоа уште подалеку. Тој најави нови испораки на британско-француската крстосувачка ракета „сторм шедоу“ за Украина, додека Емануел Макрон повторно, по долго време, ја објави својата подготвеност да испрати француски војници во таа земја. Тој планира да испрати членови на француската Легија на странци, која е составен дел од француската армија (без оглед на фактот дека во неа се борат странски државјани). Моментално формациска единица од приближно 2.000 легионери се наоѓа во Полска, во близината на украинската граница, и се подготвува за наредба за влегување на украинското боиште, на страната на Киев.
Француски војници во Украина
Руската разузнавачка служба (СВР) во вторникот објави дека, по „инструкциите на францускиот претседател Емануел Макрон, Генералштабот на француските вооружени сили се подготвува да распореди воен контингент од две илјади војници и офицери во Украина за да му помогне на режимот во Киев“, истакнувајќи дека „поголемиот дел од формацијата ќе биде составен од напаѓачки трупи од француската Легија на странци“. Руската разузнавачка служба забележува дека „легионерите во моментов се распоредени во областите на Полска што граничат со Украина и се подложени на интензивна борбена обука, примајќи дополнителни контингенти оружје и воена опрема“. Планирано е во блиска иднина тие да бидат преместени во централна Украина. Понатаму, руската разузнавачка служба наведува дека „стотици дополнителни болнички кревети брзо се создаваат во Франција (за сместување ранети), а одреден број француски лекари се подложени на специјализирана медицинска обука за теренска работа“. Кремљ, јавно коментирајќи ги разузнавачките информации, излезе со кратка констатација, нарекувајќи ги состојбите – „алармантни“.
Уште еден дополнителен елемент за ескалација: Украина ја напаѓа Москва со беспилотни летала, трети ден по ред
Украина ја нападна Москва со беспилотни летала трета ноќ по ред, објавија вчера руското министерство за одбрана и градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин. Руското министерство за одбрана во соопштението наведе дека нејзината воздушна одбрана уништила 17 украински беспилотни летала во текот на вториот напад, вклучувајќи едно што летало кон Москва и 13 над Калушката Област, која се граничи со Московскиот Регион на североисток. Градоначалникот на Москва објави на Телеграм дека службите за итни случаи се испратени на местото каде што паднал дронот што летал кон Москва. Нема извештаи за штети. Според руски извештаи, „руските единици за воздушна одбрана ги уништиле преостанатите три беспилотни летала над Брјанската Област, која се граничи со Украина на запад и Калуга на североисток“. Александар Богомаз, гувернерот на Брјанската Област, објави на Телеграм дека како резултат на нападот е хоспитализиран еден цивил. Р.С.
Изјава на американската конгресменка Ана Паулина Луна:
Политичарите од ЕУ покажуваат социопатско однесување!
Политичарите од ЕУ покажуваат „социопатско однесување“ во нивната желба да го спречат секој обид за организирање мировни преговори меѓу Русија и Украина, изјави американската претставничка во Претставничкиот дом, Ана Паулина Луна, обвинувајќи ги претставниците на ЕУ дека се „задоволни што ги испраќаат младите луѓе од двете земји во смрт ако тоа им служи на нивните сопствени интереси“.
Ги гледам политичарите од ЕУ како ги осудуваат мировните преговори меѓу Русија и Украина, додека никој од нив не се бори на фронтот, напиша таа.
– Тие се за бришење цели крвни линии на руски и украински семејства. Тоа е социопатско – изјави американската претставничка во Претставничкиот дом, Ана Паулина Луна.
Во посебна објава, Луна му одговори на Марко Михкелсон, шеф на парламентарниот комитет за надворешни работи на Естонија, кој ја критикуваше конгресменката за нејзината средба со рускиот претседателски помошник Кирил Дмитриев минатата недела. Имено, Михкелсон ја обвини Луна, „инаку нормална личност од слободниот свет“, како што рече тој, дека станала „многу зависна од диктаторски начин на размислување“. „Наивност? Пари? Глупост? Верување во теории на заговор?“, напиша тој.
Но, конгресменката возврати: „Со години, НАТО и ЕУ одбиваа да го платат својот фер дел, а сега сакаат ние да финансираме бесконечни странски војни? Нека биде предупредување ова – секој политичар, каде било во светот, кој бара другите да крвават додека тој седи безбедно зад говорницата, е несоодветен за функција, вклучувајќи те и тебе, Марко Михкелсон“, напиша членката на Претставничкиот дом на САД, Ана Паулина Луна. Р.С.
Украинскиот претседател се заканува со посилни удари
длабоко на руска територија
Зеленски преку ескалирање на воените судири се надева да издејствува мир?!
Украинскиот претседател Володимир Зеленски се закани со проширување на воените дејства врз големите нафтени постројки длабоко во внатрешноста на Русија, пренесуваат светските медиуми.
– Удривме одреден број нивни рафинерии. Нашата задача е апсолутно јасна – да продолжиме со нашата работа и во однос на други постројки што почнаа да го зголемуваат обемот на производство, особено на дизел. И ние само треба да работиме на тоа секој ден – рече Зеленски за време на состанок со мала група новинари во Киев.
Според известувањето на британски „Би-би-си“, Украина од јануари годинава наводно погодила 21 од 38-те големи рафинерии за нафта во Русија.
Зеленски се надева дека нападите со оружје со долг дострел врз руските нафтени капацитети, заедно со санкциите на САД врз Русија и најавеното кредитирање на Киев од Европската Унија, финансирано од замрзнати руски средства, би можеле да извршат притисок врз руските власти за да прифатат мировни преговори и да прекинат со војување. Украинскиот претседател нагласи дека проширувањето на домашните капацитети за ракети со долг дострел е клучен приоритет, додавајќи дека Украина спроведува 90 отсто од нападите длабоко на руска територија со сопствени беспилотни летала и крстосувачки ракети, додека во одредена мера ги користи и британските ракети „сторм шедоу“ и француските ракети СКАЛП. Р.С.
Аналитичарот Зоран Метер во „Геополитика“
За крај на војната во Украина одлучува двоецот Трамп-Путин
Украинската војна дефинитивно ќе биде затворена, порано или подоцна, од Доналд Трамп и Владимир Путин. Како што реков неодамна, Америка создаваше (и на крајот ги создаде) сите потребни предуслови за војната да се случи со години пред нејзиното избувнување, за да може да ги отстрани ако и кога сака. А Русија е таа што го отвора патот за постигнување на своите цели во Украина со гола воена сила, каде што официјалните сили на НАТО никогаш нема да сакаат да ѝ се спротивстават… Р.С.
































