Илустрација: „Нова Македонија“

Преспанската спогодба е класичен пример за немањето реципроцитет во спроведувањето на договореното, каде што Македонија во првите пет години не само што ги спроведе сите предвидени точки туку отиде многу подалеку во имплементацијата на договореното, предвреме спроведувајќи работи за кои постоеше јасно утврдена временска рамка. Од друга страна, обврска на Грција беше да не го блокира македонскиот пат во НАТО и ЕУ, да ратификува три меморандума и да смени крајпатни табли. Ништо не направи од тоа

Грција бара од Македонија „доследно спроведување на Преспанската спогодба“!?

Грција продолжува да ја притиска Македонија околу имплементацијата на Преспанската спогодба, без оглед што од македонска страна речиси сѐ е исполнето, но очигледно на грчките власти и тоа не им е доволно, па сега наоѓаат замерки околу домашната употреба на новото уставно име од страна на политичарите.
Токму ваква забелешка неодамна изнесе шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис на заедничката прес-конференција со неговиот македонски колега Тимчо Муцунски во Атина.
– Би сакал повторно да ја истакнам поддршката на Грција за напредување на С. Македонија на нејзиниот европски пат, базирана врз основа на утврдената условеност и принципот на заслуги, со посебен акцент на фундаменталните принципи. Во таа насока, дозволете ми да ја нагласам најголемата важност за целосното, конзистентно и доследно спроведување на Преспанскиот договор, вклучувајќи ја и употребата на уставното име на земјата од страна на вашата влада – истакна Герапетритис.
Министерот Муцунски директно не ја спомена Преспанската спогодба, но посочи дека основата на трајна соработка и меѓусебна почит што трае со генерации е преземање на обврските од двете страни.
– Ја нагласивме важноста на меѓународното јавно право и обврските што ги имаат преземено двете страни, бидејки меѓусебното почитување е основата врз која се гради трајна соработка – објасни Муцунски.
Реципроцитетот во секој договор е клучен за негово успешна имплементација, во спротивно истиот документ повеќе претставува генератор на проблеми и недоразбирања отколку решение во меѓусебните односи меѓу две земји.
Токму Преспанската спогодба е класичен пример за немањето реципроцитет во спроведувањето на договореното, каде што Македонија во првите пет години не само што ги спроведе сите предвидени точки туку отиде многу подалеку во имплементацијата на договореното, предвреме спроведувајќи работи за кои постоеше јасно утврдена временска рамка.

Од друга страна, обврска на Грција беше да не го блокира македонскиот пат во НАТО и ЕУ, што впрочем и не беше обврска, но и да ратификува три меморандуми, првиот за забрзување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, вториот за основање координативен комитет за економска соработка и третиот за техничката спогодба за надгледување на македонското небо. Овие обврски Грција не ги испочитува и нема намера да ги почитува ниту во блиска иднина.
Ставот на актуелната грчка влада е дека нератификуваните меморандуми се „дополнително преговарачко оружје“ за Грција, од кое земјата не смее да се откаже, и најави дека „во овие околности меморандумите нема да се ратификуваат во грчкиот парламент“.
Но не се само меморандумите обврска на Грција, туку кога станува збор за имплементација на Договорот од Преспа од грчка страна постојат одредени доцнења, меѓу кои промената на патните табли и одржувањето на вториот совет на високо ниво. Во согласност со Договорот, Советот за соработка на високо ниво предводен од премиерите на двете земји, „ќе се состанува најмалку еднаш годишно и ќе биде надлежно тело за правилно и делотворно спроведување на оваа спогодба и акцискиот план што ќе произлезе од неа“. Првата и единствена меѓувладина седница беше одржана во Скопје во април 2019 година, при посетата на тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас, додека, пак, на втората домаќин требаше да биде Грција, но досега таква висока средба не е одржана.
Сето ова јасно покажува дека асиметричните договори создаваат обврски само за едната страна, а другата ги користи за дополнителни притисоци и уцени.