Деновиве во македонскиот медиумски простор беше објавено интервју на Ник Стефанов, долгогодишниот член на раководството на Македонската патриотска организација (МПО), во кое тој, меѓу другото, говори за еден народ со два идентитета, како и за етнички македонски идентитет и бугарско-македонски идентитет. Тезите за еден народ со два идентитета се повеќедимензионални. Во секој случај, тезите се деноминирачки за македонскиот супстрат и народ и, според соговорниците со кои се консултиравме, обид за да се протне нова форма на асимилација, заради хегемонистички цели! Соговорниците предупредуваат на исклучително внимателен и претпазлив приод кон ова прашање од страна на медиумите во Македонија
Нов обид за деградирање на македонското
национално ткиво, идентитет и обележја
со идејата за „двоен идентитет“
Од северноамериканскиот континент и понатаму продолжува деградирањето на македонските национални особености – јазик, култура, историја, обичаи итн., преку тезите за наводен „македонски географски идентитет“.
Деновиве во македонскиот медиумски простор беше објавено интервјуто на Ник Стефанов, долгогодишниот член на раководството на Македонската патриотска организација (МПО), во кое тој, меѓу другото, говори за еден народ со два идентитета, како и за етнички македонски идентитет и бугарско-македонски идентитет. Овие тези не се новина. Минатата година синот на Ник Стефанов, Метју Стефанов, во својство на претседател на МПО во писмена форма се обрати до македонските медиуми и ја образложи тезата дека Македонецот е потомок на која било етничка група во историските и географските граници на Македонија. Претходно, МПО се обрати до етничките Македонци во Северна Америка промовирајќи ја својата теза дека секој со македонска свест е вистински Македонец, како и барање за помирување помеѓу луѓето со етничкиот македонски идентитет и луѓето што се асоцираат со бугарскиот македонски идентитет. Нашите соговорници, кои се добро упатени во оваа проблематика, велат дека тезите што сега повторно се пласираат не се новина, туку, напротив, станува збор за стари тези, кои во минатото беа промовирани од Ванчо Михајлов. Доколку внимателно се анализира, тезите искажани од Ник и Метју Стефанов се континуитет на тврдењето дека македонскиот народ се состои од Бугари, Срби, Грци, Власи итн., односно од различни етникуми, етникуми што имаат свој одделен јазик, култура и историја. На овој начин најдиректно се деградираат македонските национални обележја, велат нашите соговорници.
Тезите за бугарско-македонски идентитет се должат на влијанието на Ванчо Михајлов
Овие тези што произлегуваат од Македонската патриотска организација (МПО) не треба да ја изненадуваат македонската јавност, бидејќи во минатото МПО се најде под идеолошко влијание на Ванчо Михајлов и неговите приврзаници. Историски гледано, Македонската патриотска организација (МПО) беше формирана како македонска организација со јасни македонски национални сфаќања. Тоа се потврдува од неколку документи, како што е барањето на Крсто Трајков до Централната управа на МПО за создавање македонски синод и македонска црква, со што ќе се поткрепи македонската борба за независност, како и да се направи дистинкција од Бугарија и бугарската црква. Во 1927 година претставниците на МПО ги информираат Македонците дека „целата претстава ќе биде дадена на македонски јазик“, како и дека „воведот ќе биде на македонски јазик“. Во овој контекст треба да се спомене и извадокот од напис на МПО за нејзиното основање во американската сојузна држава Индијана, каде што Македонците се означени како посебен народ (етнос), како и одбивањето на Македонската политичка организација во 1938 година за поставување на бугарското знаме во црквата во Торонто, одбивање што било срдечно одобрено од градоначалникот на Торонто.
Овие позиции на Македонската патриотска организација се видоизменуваат под влијание на Ванчо Михајлов кога се вметнува клаузулата дека Македонец е „географски поим“, а не етничка припадност. За влијанието на Михајлов во МПО постојат повеќе документи и сведоштва. Тука може да се спомене искажувањето на Томас Лебамов за неговата средба со Ванчо Михајлов во 80-тите години на 20 век во Рим.
– Иван нè погледна мене и мојот брат, посочи кон нас со долгиот прст… Ме гледаше со блескавите сини очи и рече: Ти си Бугарин и твоето семејство го зборува стариот бугарски јазик, уште од времето на царот Самуил и неговите војници – нагласува Томас Лебамов.
Врските помеѓу Македонската патриотска организација и Ванчо Михајлов се потврдуваат и од Христо Анастасов, некогашен верен следбеник на Ванчо Михајлов, кој на крајот го согледал негативното влијание на Михајлов. Според Христо Анастасов, „МПО е на работ да стане неефективна во голема мера поради неоправданата и грубата интервенција на Иван Михајлов во нејзините чисто внатрешни работи“, како и дека соработниците на Михајлов што неодамна мигрирале во Соединетите Американски Држави ги прекршуваат подзаконските акти на МПО во обид да ја преземат контролата врз организацијата.
Зошто МПО повторно ја актуализира тезата за „народ со два идентитета“
Еден подолг период Македонската патриотска организација се обраќа до сите етничките Македонци во Северна Америка преку веб-емисии, директни разговори, декларации и конференциски повици преку кои ја образложува сопствената теза дека секој со македонска свест е вистински Македонец и дека оваа заемност значи дека се еден народ.
Во однос на ова прашање, Ник Стефанов вели дека бараат да запре непријателството меѓу луѓето што се асоцираат со етничкиот македонски идентитет и луѓето што се асоцираат со бугарскиот македонски идентитет (македонски идентитет со бугарски корени)!
– Сега е време формално да се обратиме до организациите како ОМД и Обединети Македонци, со намера да се подготват заеднички изјави и официјални документи потпишани од МПО и другите две организации, со кои еднаш засекогаш ќе се изјасниме дека сите луѓе со заедничка македонска свест заемно се признаваат како вистински Македонци – објаснува Ник Стефанов.
Нашите соговорници, кои се добро упатени во оваа проблематика, велат дека ставовите за помирување на МПО наишле на одобрување во одредени македонските средини, но тие се во насока на внатрешна консолидација на МПО.
– Тезите за кои говори Ник Стефанов, како некои актуелни раководители на МПО, имаат внатрешна димензија. Ова е обид за консолидирање на МПО, која во изминативе децении има одлив на членството поради претходните крути ставови во однос на македонските национални особености. На овој начин, новите и млади водачи на МПО се обидуваат ја спасат организацијата од исчезнување, бидејќи голем дел припадници од македонскиот народ што живеат на северноамериканскиот континент ја одбегнуваат МПО и се вклучуваат во ОМД и Обединети Македонци, кои имаат јасни ставови за македонските национални особености – велат нашите соговорници.
Има само еден македонски идентитет
Во однос на тезите дека постојат повеќе македонски идентитети, неколкумина историчари и професори повеќепати укажаа дека тие тези се должат на бугарската политичка и културна пропаганда, како и на влијанието на Ванчо Михајлов кај македонската емиграција во САД и во Канада.
Според Наташа Котлар-Трајкова од Институтот за национална историја, националниот идентитет се создава сукцесивно низ времето, развивајќи повеќе идентитетски категории. Првата идентитетска категорија низ времето била онаа социјалната, односно припадноста на класата, сталежот. Животот на луѓето на иста територија е основа за препознавање на територијалниот идентитет.
– Националниот идентитет е сложен социјален композит од сите овие идентитети што се развивале низ времето. Македонскиот национален идентитет ги има сите овие компоненти и секој обид за негово релативизирање и сведување само на географски, па и само на историски идентитет, значи негово оспорување, негирање со асимилаторски цели и намери – вели Наташа Котлар-Трајкова.
Во однос на прашањето за повеќе македонски идентитети исто така досега неколкупати беше посочено дека станува збор за обид за релативизирање на македонскиот национален идентитет, обиди што не се прифатени од припадниците на македонскиот народ во САД и во Канада, како и дека тезата за повеќе македонски идентитети е неприфатлива и научно неодржлива бидејќи бугарско-македонски идентитет не постои, постои македонски и бугарски идентитет, нешта што треба јасно да се разграничуваат. Д.Ст.