Фото: „Нова Македонија“

КОПНЕНА ИНВАЗИЈА НА САД ВО ИРАН КАКО ОПЦИЈА

  • Копнена интервенција во Иран би била повеќе од уште една воена операција. Таа би претставувала стратешки скок во непознато, со огромни воени, економски и политички ризици. Во светот во кој регионалните конфликти лесно стануваат глобални кризи, сценариото на копнена војна со Иран не изгледа како демонстрација на сила, туку како можен рецепт за долготрајна и скапа катастрофа и за Америка и за светот

Изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека „не ја исклучува можноста за испраќање копнени трупи во Иран“ отвори една од најчувствителните воени опции во контекст на актуелните геополитички теми врзани за Блискиот Исток. Во време на длабоки глобални тензии и воени жаришта низ светот, ваквата реторика не е само политичка порака. Таа некако изгледа како „перфектна бура“ и сценарио што би можело да ги надмине сите досегашни воени судири. Воедно, тоа би можело да прерасне и во најголемиот воен ризик за САД во последните децении, а голем број аналитичари тврдат дека за САД опцијата за копнена интервенција во Иран би значела „голема воена катастрофа“?!
Аргументите што одат во прилог на оваа теза се многубројни. Од географијата на Иран, преку воената стратегија на Техеран, до економијата, па сѐ дури до внатрешната политика на Америка и реперкусиите во самите САД.
Во продолжение на оваа анализа кусо ќе развиеме некои од горенаведените тези во прилог на тоа дека „копнена операција би била воена катастрофа за САД“.

Географијата го брани Иран

Иран не е мала и лесно контролирана територија. Со повеќе од 80 милиони жители и простор четири пати поголем од Ирак, земјата претставува комплексно боиште. Планинските масиви Загрос и Алборз, густо населените градови и големите пустински пространства создаваат природни одбранбени позиции што го фаворизираат Иран.
И историјата покажува дека надворешни сили тешко успевале да ја покорат Персија (Иран). Дури и во модерната ера, обидите за силно влијание биле ограничени и внимателно калибрирани, а не класични инвазии за освојување територија и окупирање.

Ќе следува герилска асиметрична војна на терен на кој САД веќе имаат лошо искуство

Воениот капацитет на Иран не се сведува само на класична армија. Клучна улога игра Револуционерната гарда, идеолошки мотивирана и тесно поврзана со безбедносниот апарат на државата. Дополнително, Иран изгради мрежа на регионални сојузници и прокси-структури во Ирак, Сирија, Либан и Јемен, како и развиена програма за балистички ракети и дронови.
Во евентуална копнена војна, Техеран веројатно би избегнал директна конфронтација со технолошката супериорност на САД и би преминал на долготрајна асиметрична и герилска стратегија. Искуствата од Авганистан и Ирак сѐ уште се свежи. За потсетување, тоа беше брза почетна победа, но потоа проследена со години исцрпувачка окупација, бунтови и политичка ерозија…

Опасност од отварање повеќе воени жаришта во регионот

Конфликт со Иран ретко би останал ограничен на неговата територија. Активирањето на сојузничките групи во регионот би можело да отвори нови фронтови/жаришта. Ќе следуваат ракетни напади врз Израел, напади врз американски бази во Ирак и Сирија и во другите земји во регионот каде што има американски бази и аеродроми. Ќе следуваат атаки врз Ормускиот Теснец, тој ќе биде несигурен или блокиран, при што ќе биде запрен протокот низ клучната артерија на глобалната трговија со нафта.
Една таква ескалација лесно би се претворила во регионална војна со глобални последици.
Ормускиот Теснец претставува една од најважните енергетски точки во светот. Дури и краткотрајна блокада би предизвикала драматичен раст на цените на нафтата и гасот. Тоа би значело нов инфлациски бран во САД и Европа, потенцијална глобална рецесија и сериозен политички притисок врз секоја администрација во Вашингтон.
Во глобализирана економија, војната повеќе не е само воена категорија. Таа е финансиски ризик со светски размери.

Дипломатска изолација и нови геополитички линии

Инвазија без широка меѓународна поддршка би можела да ги влоши односите со европските сојузници, каде што апетитот за нова блискоисточна војна е минимален. Дополнително, ваков потег би можел да го турне Иран поблиску до Русија и Кина, трансформирајќи регионална криза во дел од поширока глобална конфронтација.
Натаму, и американското општество е веќе длабоко поделено и заморено од долготрајни воени ангажмани. Повлекувањето од Авганистан во 2021 година покажа колку брзо една интервенција може да стане политички товар.
Долга и крвава војна со илјадници жртви би можела да предизвика силни протести, пад на рејтингот на администрацијата на Трамп и сериозно продлабочување на внатрешна нестабилност на САД.

Дури и победата на САД може да биде пораз

Најтешкото прашање не е како би започнала војната, туку како би завршила. Дури и во сценарио на воена победа, останува дилемата кој ќе управува со земја од над 80 милиони жители. Како ќе се спречи распад на државата, радикализација, граѓанска војна или долготрајна окупација?
Искуството од Ирак во 2003 година јасно покажа дека рушењето режим не е исто што и создавањето стабилност. Р.С.