Фото: „Нова Македонија“

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, најостро ги осудува навредливите изјави упатени кон Претседателот на Владата и институциите на Македонија од страна на министерот за надворешни работи на Република Бугарија, Георг Георгиев, дадени во текот на денешното гостување во утринската програма на телевизијата БТВ.

– Во врска со ова, Министерството денеска го повика на разговор амбасадорот на Република Бугарија во Скопје, г. Жељаско Радуков, на кого му беше пренесен официјалниот протест и му беше укажано на несоодветноста на ваквиот јавен дискурс од страна на висок функционер на бугарската влада. Таквите изјави, во кои се користи недоличен речник и се омаловажуваат претставници на суверена држава, претставуваат директна повреда на основните принципи на меѓународното право и дипломатската комуникација. Тие не придонесуваат за унапредување на добрососедските односи и се во спротивност со духот на конструктивен дијалог и заемно почитување што треба да ја води соработката меѓу двете земји – велат од министерството.

Од МНР велат дека очекуваат од официјална Софија да упати соодветно извинување, во насока на зачувување на достоинствената и принципиелна билатерална комуникација.