Насушната потреба од што побрзо процесирање на резултатите од пописот е заради утврдување нови развојни политики, а не заради политичко-партиски калкулации со етнички предзнак. И покрај ова, сепак, надлежните одлучија да го чекаат крајниот рок за да се објават конечните резултати од пописот. Со тоа се пропушта можноста релевантни статистички податоци што побрзо да бидат во функција на нови развојни политики. Истовремено, тоа значи и уште изгубено драгоцено време во периодот кога на државата ѝ се најпотребни креирање и утврдување на идните развојни политики во повеќе сфери, базирани врз основа на пописните податоци и показатели!
Државниот завод за статистика (ДСЗ) ќе го чека крајниот рок да ги објави податоците од пописот
Државата ќе изгуби дополнително време во креирањето развојни политики, бидејќи Државниот завод за статистика (ДСЗ) одлучи да го чека крајниот рок пред да ги објави собраните податоци од најголемата статистичка операција во земјава, кој истекува на 31 март.
Иако имаше најави дека тоа ќе се случи и пред крајниот рок, сепак статистичарите решија да почекаат додека да ги комплетираат сите податоци и тогаш да ги објават, без оглед на очекувањата на јавноста тоа да се случи што поскоро. Некои од европските земји што минатата година спроведоа попис веќе објавија прелиминарни резултати и пред истекот на законскиот рок, овозможувајќи овие податоци да се искористат за да се има некаква претстава при креирањето одредени развојни политики уште на почетокот на оваа година.
Кај нас, надлежните одлучија да го чекаат крајниот рок за да нема реакции во јавноста околу точноста на резултатите од пописот, особено во однос на чувствителните прашања, но тоа од друга страна значи дополнително изгубено време за државата, која, во најдобар случај, идните развојни политики базирани врз основа на пописните податоци ќе може да почне да ги креира некаде од есен или на почетокот на следната година.
Нејасно е зошто ДЗС не обелодени барем дел од податоците пред крајниот рок, (за кои веројатноста е мала некој злонамерно да ги стави во политичка конотација), на пример, некои податоци што би можеле да придонесат за креирање проекти во делот на земјоделството, економијата, образованието…
Токму на овој момент посочуваат познавачите на економските состојби, за кои располагањето со релевантни податоци во вистинско време е клучно за изготвување навремени развојни политики, за разлика од сегашните практики, одлуките и мерките да се преземаат „ад хок“, што од друга страна резултира со несинхронизираност во политиките и плановите.
– Треба најпрвин да се дефинираат контурите и да се знае што ќе се развива, каде ќе се движи државата, да се стимулираат секторите што сакаме да се развиваат. Ако сакаме поголемо производство на храна, тогаш треба низ мерки и проекти да се поттикнува производството, не да отвора државата фирми, туку да презема мерки што ќе го направат производството исплатливо, дали преку намалени даноци или други мерки. Но, за жал, кај нас беа вложени огромни средства во земјоделска поддршка, а производството и понатаму се намалува, ефект нема, поради тоа што изостанува сериозно планирање бидејќи нема релевантни и навремени податоци. Затоа е значајно да имаме индустриска, земјоделска или друг тип политика, која ќе посочи што ќе произведуваме, каде ќе се развиваме, а над сѐ што ќе испланираме за тоа – порачуваат економските експерти.
Државниот завод за статистика останува на ставот дека 31 март е најкраток можен рок воопшто да се обработат податоците од ланскиот попис, правдајќи се со малиот број вработени во оваа институција, но истовремено тврдејќи дека не е испуштена можноста за креирање на развојните политики оваа година.
– Крајниот рок за објавување на податоците од пописот, 31 март 2022 г., е најкраткиот рок за обработка на пописни податоци што некогаш сме го имале. Како што е нова методологијата за спроведување на самиот попис така е нова и методологијата за обработка на податоците од пописот, што претставува дополнителен предизвик за малиот тим вработени од ДЗС што работат на обработката на податоците. Воопшто не сметаме дека „е пропуштена можноста овие податоци да бидат основа за новите развојни политики на државата“, туку напротив, силно веруваме дека по 20 години, сите оние што имаат потреба од овие податоци ќе знаат како најдобро да ги искористат – велат од ДЗС.
Оттаму уште појаснуваат дека пописот е многу сложена статистичка операција, а таква е и обработката на податоците и затоа се потребни трпение и време.
– За да добиеме квалитетни статистички податоци, потребно е уште малку трпение за тимот од ДЗС да може најпрофесионално и со почитување на сите меѓународни стандарди и процедури да ја заврши обработката на податоците – порачуваат од ДЗС.
Според податоците што досега ги објави заводот, со пописот на населението, кој траеше од 5 до 30 септември, во земјава се регистрирани 1.832.696 жители, 568.175 семејства и 837.255 стана.