Покрај решавањето на сообраќајната инфраструктура, општината ќе биде домаќин на 44 студенти од Универзитетот „Св. Климент Охридски“, кои се избрани на јавниот повик за универзитетска летна практика, во соработка со Центарот за кариера, алумни и доживотно учење при УКЛО
Битола
Со конкретни чекори кон подобрување на урбаната мобилност и поттикнување здрави животни навики, Општина Битола започна со обележување на новите велосипедски патеки, како дел од планот за развој на вело-инфраструктурата во градот. Обележувањето се изведува во вечерните часови, а во оваа фаза велосипедската патека ќе биде обележана на десната страна од улицата, на потегот од кружниот тек кај Педагошкиот факултет до кружниот тек кај „Веро“.
Паралелно со овие активности продолжува и асфалтирањето на другиот дел од тротоарите и вело-патеките на улицата Партизанска, со што општината покажува континуирана грижа за инфраструктурен развој и безбедно движење на сите учесници во сообраќајот.
Проектот има цел не само да обезбеди безбедни услови за велосипедистите туку и да придонесе за намалување на загадувањето и сообраќајниот метеж и за подобрување на квалитетот на животот во урбаната средина.
Инаку, кога станува збор за активностите на општината, таа ќе биде домаќин на 44 студенти од Универзитетот „Св. Климент Охридски“, кои се избрани на јавниот повик за универзитетска летна практика, во соработка со Центарот за кариера, алумни и доживотно учење при УКЛО. Овој проект, кој се реализира по третпат, годинава привлече најголем интерес, со рекорден број избрани практиканти. Летната практика ќе се одвива во одделенијата на општината и во јавните претпријатија, во текот на јули, август и септември. За време на практиката, секој студент ќе има можност да работи еден месец и за тоа ќе добива месечен нето-надомест од 10.000 денари, обезбеден од буџетот на Општина Битола. Целта на оваа иницијатива е стекнување практични вештини и искуство во реалниот сектор, што ќе им биде од значење на студентите во нивниот понатамошен професионален развој.