На денешната владина седница, и покрај утврдените процедури, заменик претседателот на Владата задолжен за координација на политички прашања на ресорите, Артан Груби бил тој што одлучува која точка ќе помине, а која не. Сите предлози за кои се надлежни Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) и Министерството за здравство (МЗ), Груби, без да ги чита, ги одбивал, а техничкиот премиер Арбен Џафери тоа го аминувал. На седницата биле разрешени и двајца директори од Алијанса за Албанците (AA), а за нивното разрешување гласале замениците министри од АА, Тирон Јајага и Вјолца Бериша.
Ова вечерва на прес-конференција пред Владата го соопштија министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу и министерот за здравство, Фатмир Меџити. Според нив, нема образложение зошто се разрешени двајцата директори. Груби одлучил заедно со членови на АА, директорите да бидат разрешени и најверојатно, разрешувањата, онаму каде што може, ќе продолжат.
Тие истакнаа дека оставки нема да поднесат, дека АА е единствена и дека група во партијата, за нејзини цели, прави отпор за АА да оди заедно со ДУИ на изборите. Алијанса за Албанците е единствена, потенцираа, нема крило, има легитимни органи и легитимен претседател – Арбен Таравари.
И Алиу и Меџити напоменаа дека како министри постигнале одлични резултати, работеле одговорно, чесно, сериозно и транспарентно, но тоа, веројатно, како што додадоа, некому му пречи.
Веднаш по прес-конференцијата на двајцата министри, преку својот фејсбук-профил се огласи и лидерот на АА, Таравари.
– Не отпуштаат затоа што сакаме Промена. Ви кажуваме повеќе од кога било дека промената започна! 8-ми мај….блиску, многу блиску – напиша Таравари.
– Од вчера, дел од една група на АА прави голем притисок врз диркекторите, со цел тие да бидат на нивна страна. Исто така, денеска на седница на Влада имавме точка за разрешување на директори од АА. Станува збор за Бујарe Абази, директорка на Пошта на Македонија и Газменд Абдија, директор на Агенцијата за странски инвестиции, двајцата исклучителни активисти на АА. Тоа ние директно го цениме како „фрлање масло во оган“ од страна на ДУИ, но, за жал, двајцата наши заменици министри, Тирон Јајага и Вјолца Бериша, гласаа за разрешување на овие двајца директори. Сакам да ве известам дека процедурите се такви, таков тип на кадровски прашања прво треба да се синхронизираат на ниво на владина коалиција и потоа да излезат како точки на дневен ред. По моето барање како може тие две точки, тие двајца наши директори да бидат на дневен ред без да бидам јас консултиран како надлежен од нашата партија, Артан Груби инсистираше дека тоа мора да биде така и дека тие мора да бидат разрешени. Артан Груби одлучуваше која точка ќе помине, а која не. Артан Груби сите проекти за кои се надлежни МИОА и МЗ, без да ги чита, ги одбиваше, а, за жал, техничкиот премиер на тоа аминуваше – изјави Алиу.
Меџити оцени дека очигледно не е прашање јавниот интерес на народот, туку политичка одмазда. На седницата, како што рече, предложил покачување на платите на медицинските сестри и останатите здравствени работници, потпишување Колективен договор во МЗ, потпишување Колективен договор за клиниката во Козле што се пренамени во Универзитетска клиника и потпишување одлука за паркингот на Клинички центар, но ниту една од овие точки не била прифатена, сите биле отфрлени наеднаш од страна на техничкиот премиер.
Според Алиу, денешната одлука што ја донесе партиската Кадровска комисија за негово разрешување и за разрешување на Меџити, не е легитимна.
– Не може да биде легитимна. Според нашиот Статут, не може да се донесе таква одлука за назначување или разрешување министри. Ние нема да поднесеме оставка поради две работи. Прво, како што рече колегата Меџити, ние транспарентно, отчетно и чесно работевме, и второ, не цениме дека нашата партија ќе бара наша разрешување, бидејќи нема за што да се бара разрешување на министри кои нависитна работеа и имаат резултати. Во однос на директорите, најверојатно ќе продолжат да разрешуваат тоа што можат, а тоа што нема да можат најверојатно ќе се мачат повеќе или ќе пробаат со други методологии и пристап. Со нас е правдата, ќе се бориме до крај за да докажеме дека ова што се случува со активистите во нашата партија, прво не е во ред и не е демократски и најверојатно им пречат резултатите што ги имаат министрите на АА. Најверојатно очекуваат да не фатат на кондиција да дадеме оставка, но од вечерва им велам дека оставка од нас нема да има. Ако имаат други можности и методологии нека се обидат – подвлече Алиу.
На прашањето како гласал Кренар Лога за директорите, Алиу информира дека тој не бил денеска на седницата.
– Лога многу малку бил на седници на Влада за 11 месеци. Најверојатно не сака да се соочи со тие процеси – истакна Алиу.
Попладнево, на прес-конференција во Владата, министерот за надворешни работи Бујар Османи, одговорајќи на новинарски прашања, не кажа дали е пристигнато барање за разрешување на министрите за здравство и за информатичко општество и администрација. Тој само накусо ја објасни процедурата за именување и разрешување министри. Рече дека Владата не именува и разрешува, туку Собранието.