Maрjaн Бојаџиев

Д-р Бојаџиев, ова интервју го правиме при Вашето обраќање на „Tркалезната маса по повод 25 години постоење нa ’Асоцијацијата за менаџмент консалтинг‘ (МКА 2000)“. Би започнале со прашањето што Ве опишува најблиску од следниве три опции: професор, стопанственик или консултант?
– Во моментов, немам дилема дека сум, пред сѐ, професор. Честопати говорам дека професурата ми зема 10 отсто од времето, а ми дава 90 отсто од задоволството од работата. Но, од друга страна, целиот мој работен век, од 1993 год. наваму, па сѐ до ден-денес, сум „одговорно лице во правното лице“, односно стопанственик. Јас ги делам луѓето на две категории: оние што ја заработуваат својата плата, но и се одговорни за платите во организацијата, и оние што се на платен список. Од тој аспект, одговорноста на првите, на стопанствениците, е огромна. Во однос на консултантството, за жал, немам доволно време да се занимавам со него. Но во еден период бев многу активен во тие води, кога и се стекнав со звањето CMC (Certified Management Consultant), на што сум особено горд.

Велите дека одговорноста на стопанствениците, на бизнис-лидерите, е огромна. Што поточно мислите со ова?
– Бизнис-лидерот е одговорен за растот на членовите на неговата организација. Тие можат да бидат вработени или да бидат следбеници. Ако бизнис-лидерот успее да создаде следбеници што веруваат во неговата визија, во неговиот начин на гледање на работите, тој успеал да создаде успешна организација. За оние што не успеале, велиме дека се во сферата на „трансакциски менаџмент“ – јас ви давам плата, вие работите за мене. Тоа е рецепт за неуспех и медиокритетство. Но тоа не е прашање само на една организација, само на една фирма. Во оваа пригода би го споменал Џек Велч, еден од најголемите стопанственици на XX век, легендарниот извршен директор на „Џенерал електрик“, единствената компанија што беше дел од индексот Дау Џонс повеќе од 150 години. Тој, во една пригода, при гостување на „МИТ Слоун скул оф бизнисис“, им вели на MБA-студентите: „Сите очекуваат да бидете успешни! Целата нација очекува да бидете успешни. Прашање е колку енергија имате и колку можете да ја пренесете таа енергија на другите? Прашање е колку сте храбри да носите тешки одлуки и да ги спроведувате? На крајот, дали имате страст кон тоа што го работите?“. Од тој аспект, велам дека бизнис-лидерите имаат голема одговорност.

Каква е улогата на стопанските комори? Кое е Вашето искуство?
– Стопанските комори се едни од најзначајните чинители на економскиот развој.
Нашата Стопанска комора е еден комплексен механизам. Традиционално, комората беше организирана според функционални групации, како и регионалните облици на здружување. Тоа беше доминантно во претходните периоди, говорам за 1990-тите години, кога бев активен учесник како претседател на Здружението на штедилници. Денес комората разви нови содржини, како на пример: Совет за унапредување на високото образование и стратешките истражувања и Совет на странски инвеститори. Последниве пет години бев член на Собранието и на Управниот одбор на Стопанската комора на Северна Македонија, и можам да кажам дека сегашното раководство на чело со претседателот Азески создаде респектабилна институција. Да не изумиме дека комората е член на Коморскиот инвестициски форум, заедница на шесте комори на Западен Балкан, спонзорирана од Европската Унија. Во меѓувреме, во периодот 2007-2009 бев и потпретседател на Американската стопанска комора во Македонија (AMCHAM), која, сепак, има малку поинаква мисија, во споредба со Стопанската комора на Северна Македонија.

Според Вас, каква е улогата на државата во овие процеси?
– Ако дозволите, јас би говорел за улогата на општеството. Државата е само еден чинител; тука се и медиумите, цивилниот сектор, коморите. На што мислам?
За жал, живееме во општество што има многу лоши резултати во две клучни димензии на националната култура, според Хофштеде: Power Distance (разлика во моќ) и Uncertainty Avoidance (прифаќање на неизвесност). Ако ја видиме споредбата со најразвиените земји, САД и Германија, гледаме на пример дека САД имаат резултат од 35, Германија 40, а Македонија 90 за димензијата „разлики во моќ“. Слично е и кај „неизвесноста“ (uncertainty avoidance), каде што на пример Македонија бележи резултат од 87 наспрема САД од 46. Може да се толкува дека Македонија е поповолна за непланирани промени, какви што гледаме премногу често. Доволно е да се потсетиме на последните две години и експериментите со данокот на екстра профит, на пример.

Што треба да направиме следно?
– Можеби ќе звучи грубо, но треба да заборавиме на социјализмот. За жал, социјализмот не е општествено-политички систем, туку состојба на општествената свест. Видете ја бројката за „индивидуализам“, каде што Македонија е на „погрешната страна“ на историјата. Кај нас, синдикатот бара од Владата плати, фирми штрајкуваат и бараат Владата да им помогне – едноставно тој колективистички дух е сеприсутен. Да биде бељата поголема, ние не ги славиме нашите стопанственици, нашите херои, кои создаваат бизниси, создаваат работни места и, на крајот, нормално, создаваат и лично богатство. Кога говориме за Карл Маркс, честопати се говори само за „Капиталот“. Според мене, негово најзначајни дело се „Теориите на вишокот на вредноста“. Во нив, Маркс вели: „Капитализмот се базира на завист, а примитивниот комунизам на примитивна завист“. Во превод, во капитализмот зависта се базира на „како да заработам и јас…“, а во примитивниот комунизам „тој заработил, мора да е криминалец, да го пријавиме на инспекција“… Дали ви е ова позната ситуација?
Во Америка, во прво одделение, децата учат за Џони Еплсид (Џони Јаболково семе), кој бил прв земјоделски претприемач во 18 век. Создавал јаболкови насади низ цела тогашна Америка, од Атлантикот, па сѐ до Охајо. Но тоа е приказна за индивидуата и како човек може да се збогати, а да има благородна мисија „никој да не биде гладен“. Ние, едноставно, не ги славиме нашите херои.

Што е тоа што ги прави државите успешни?
– Веројатно треба да почнеме од патриотизам и љубов кон татковината. Потоа од консензус за главните прашања, и тоа широк општествен консензус. Денес, Македонија сериозно заостанува во развојот. Просечната стапка на раст од независноста до денес е 1,4 отсто. Тоа е далеку од доволно за да станеме развиена држава. Од 1991 год. до денес, Полска го зголеми БДП 10 пати, Чешка и Словачка девет пати, а Македонија само три пати. Би потсетил и на еден од најзначајните автори во менаџментот, Мајкл Портер, кој во своето дело „Конкурентна предност на нациите“ вели: „Националниот просперитет не произлегува од природните ресурси или од евтината работна сила, туку од конкурентската предност што ја создаваат фирмите. Портер нагласува дека иновациите, продуктивноста и интензивната локална конкуренција го поттикнуваат глобалниот успех. Владите треба да дејствуваат како катализатори – а не како контролори – на конкурентноста“. Мислам дека оваа книга треба да биде задолжително четиво за сите наши влади. Македонија е премногу мала за да си дозволи да биде неефикасна.

Како гледате на поврзаноста на академијата и бизнисот?
– Погоре во текстот ги споменавме Хофштеде и неговата национална култура. Ние на „Американ колеџ“ сме горди што активно учествуваме во истражувања поврзани со оваа тема. Заедно со колешките Томовска, Милева и Ванева напишавме серија трудови со кои додаваме нови димензии на националната култура, а што се особено значајни за претприемаштвото. Евидентно е дека Македонија има најнизок резултат – по Јапонија. Во однос на европските земји, „статусот на претприемачите“ е понизок за дури 30 отсто. Дали можеме да извлечеме аналогија со стопанскиот раст?
Би споменал и дека заедно со колешката Миодрага Стефановска од УАКС и колегите Александра Јанеска Илиев и Стојан Дебарлиев од Економскиот факултет ја ставивме Македонија на светската мапа, односно спроведовме истражување во рамките на проектот ГЛОБЕ (Global Leadership and Organizational Behavior).

Да се вратиме на образованието, каква е улогата на универзитетите во создавањето подобро општество?
– Деновиве слушаме за битката за академска автономија на „Харвард“. Малкумина знаат дека колеџот „Харвард“ е: 1) најстара образовна установа во САД, и 2) најстара регистрирана фирма во САД. Со еден збор – историја што трае. И таа установа, денес се бори за својата академска слобода. Како и некои установи и некои професори во Македонија. Но Бизнис-школата на „Харвард“, која беше и остана врвна установа за создавање идни лидери, во голема мера се базира на врски со заедниците. „Харвард“ прв воведе звање „професор по менаџерска пракса“. Универзитетот „Американ колеџ“ – Скопје гордо го копира овој модел, со тоа што голем дел од нашите предавачи доаѓаат од индустријата и се врвни стопанственици. Всушност, мојот став е дека идеален професор е оној што има значајно животно и работно искуство и, згора на тоа, академски достигнувања.
Втора придобивка на „Харвард“ е партиципативниот начин на предавање. Имав среќа во 2008 и во 2009 година да добијам стипендија да одам на „Харвард бизнис скул“ на професионална обука за „participant centered learning“. Станува збор за филозофија на одржување час во која учесникот е во центарот на вниманието. Па дури и на Универзитетот „Тор Вергата“ во Рим имам чест да им предавам на докторандите, токму на темата „Ефективни стратегии за настава“. Тука би споменал една мала епизода: имав чест да бидам слушател на некои од легендите на „Харвард“, како на пример Хауард Стивенсон, „таткото на претприемаштвото“, авторот на најзначајната дефиниција: „претприемаштвото како потрага по можности со кои се надминуваат ресурсите што моментално ги контролирате“.

Кои се другите придобивки од академската работа, пред сѐ во доменот на меѓународната соработка?
– Главната предност е запознавање прекрасни луѓе од прекрасни организации.
Минатата година гордо потпишав договор со „Њујорк сити јуниврзити“, универзитет каде што предавал Алберт Ајнштајн по доаѓањето во САД. Минатата година потпишавме и договор за соработка со универзитет од Индија, од Бенгалур, град што се смета за Силициумска Долина на Индија. Но апсолутно најзначаен за УАКС, како и за мојот професионален развој, е договорот со Универзитетот „Тор Вергата“ од Рим. Со нив потпишавме договор во 2017 година, а веќе полни девет години јас сум избиран за професор во Рим. Како благодарност за развивање на односите помеѓу Италија и Македонија, во 2024-та го добив и орденот Витез на ѕвезда, кој го доделува претседателот на Република Италија.

Вие сте и активен член на Европската академија за менаџмент (ЕУРАМ).
– Да, тоа е резултат на соработката со „Тор Вергата“. Да потсетиме дека „Тор Вергата“ е рангиран во врвните 500 и според Шангај, но и според „Кју-ес“ и „Тајмс хајр еџукејшн“. Како релативно нов универзитет, тие се рангирани во топ 50 универзитети помлади од 50 години. Проф. Лука Гнан, долгогодишниот шеф на меѓународни програми, беше и претседател на Европската академија за менаџмент (ЕУРАМ). Во рамките на таа соработка, досега публикуваше неколку труда и две книги од менаџментот. Од УАКС учествувавме јас, Ана Томовска, Миодрага Стефановска – Ивона Милева.

Вие сте и почесен конзул на Унгарија во Македонија. Како гледате на таа своја улога?
– Прв ректор на УАКС беше проф. Биро Гашпар, Унгарец, врвен експерт за човекови права. За жал, почина прерано, а потоа од страна на Министерството на Унгарија ми беше понудено да ja продолжам соработката со Унгарија како почесен конзул. Со големо задоволство ја прифатив оваа улога – да служам како мост меѓу двата наши народа. Конзулатот го отворивме во 2017 година.

Што би истакнале дополнително во делот на меѓународната соработка?
– Посебно ми е драго што во 2023 година бев поканет да бидам дел од клубот „Женева“. Тоа е непрофитна организација, чии членови се истакнати личности од граѓанското општество, кои најчесто вршеле или сѐ уште вршат раководни функции на сите континенти. Неговата мисија е да ги проучува геополитичките и социјалните проблеми на современиот свет на непартиски начин. Тој не е поврзан со ниту едно политичко или верско движење и се стреми да ги промовира мирољубивите односи меѓу државите. Членството е само по покана, и сега има само 42 члена од целиот свет. Од минатата година стана советодавно тело на Обединетите нации. Мислам дека неговото значење допрва ќе се зголемува.

Н.М.