Фото: Маја Јаневска-Илиева

Продлабочување на трендот на несогласувања во ЕУ: Бриселските либерални елити на една страна, суверенистите на друга

  • Сѐ позачестена во ЕУ станува појавата на отфрлање на диктатите на актуелниот либерален Брисел, кои се спротивни на националните интереси на членките на ЕУ. Низ ЕУ се шири бранот на несогласувањето, се омасовува „движењето на суверенистите“, кои ги отфрлаат диктатите на актуелните бриселски водечки елити, кои честопати, нагласуваат соговорниците, се спротивни на државните и национални интереси на нејзините членки

Во сегашнава политичка Европа, олицетворена во Европската Унија, сѐ повеќе станува забележлив порастот на политички тешки несогласувања: не само од Унгарија и Виктор Орбан, од Словачка и Роберт Фицо, не само од идниот чешки премиер Андреј Бабиш туку и од пред неколку дена и од белгискиот премиер Барт де Вевер, а во блиска иднина многу веројатно и од новата ирска претседателка Кетрин О’Коноли.
Шефот на белгиската влада Барт де Вевер стави сопирачка, макар и само привремено, на планот за конфискација на неколкуте стотини милијарди евра руски финансиски депозит во „Евроклир“, во Белгија. Според предлогот на Европската комисија, средствата на руската Централна банка, замрзнати во Европа, треба да се искористат за исплата на „заем за репарација“ на Украина, вреден 140 милијарди евра, кои би се искористиле за покривање голем дел од финансиските потреби на Украина за 2026 и 2027 година. Најголемиот дел од овие руски суверени финансиски средства, или околу 175 милијарди евра, се депонирани во „Евроклир“ со седиште во Брисел, што на белгискиот државен буџет му носи годишен приход од околу 1,25 милијарда евра по основа на корпоративен данок. Премиерот Де Вевер и неговата влада го оправдуваат своето спротивставување на планот на ЕУ да се користат овие руски пари со стравување дека посегањето по овие пари би можело да го наруши угледот на Белгија како сигурен депозитар и да предизвика домино-ефект – повлекување на други депонирани странски средства во Белгија.
На претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и на другите челници во ЕУ како да не им е многу грижа како би реагирал светот на украинизирањето на рускиот суверен финансиски фонд во „Евроклир“, дали тоа би се протолкувало како „европско разбојништво“ врз туѓи пари. Затоа, Де Вевер мораше да ги заштити белгиските државни и политичко-економски интереси наспроти наредбите на Европската комисија и Урсула фон дер Лајен за рускиот финансиски фонд во „Евроклир“.

Либерален Брисел етикетира лидери на ЕУ-членки како „членови на европски клуб на дисиденти“ на Унијата

Не им предизвикува главоболка само Белгиецот Барт де Вевер на еврократите во Брисел: нов член на таканаречениот „клуб на европските премиери и претседатели дисиденти кон ЕУ“ е и новоизбраната ирска претседателка Кетрин Коноли, избрана пред неколку дена на претседателските избори во Република Ирска. Без оглед што таа има само церемонијална, уставно ограничена претседателска моќ, сепак, без никакво сомневање на Урсула фон дер Лајен и на другите функционери во Брисел ќе им биде повод за нова „сериозна главоболка“. Коноли се спротивставува остро на „планот за вооружување на ЕУ“ и инсистира на поголема самостојност на Ирска во водењето на својата внатрешна и надворешна политика. Во политичка анализа, објавена на 25 октомври во „Еурактив“, Кетрин Коноли се означува како „тврда и отворена критичарка на политиката на ЕУ“.
– Коноли ја опиша ЕУ како неолиберална и недемократска, но инсистира за себе дека е „посветена Европејка“. Таа се спротивставува на ратификацијата на неколку договори на ЕУ од страна на Р Ирска. Кетрин Коноли нагласува дека „има многу работи за кои треба да се грижиме во врска со Урсула фон дер Лајен“. Коноли, 68-годишна адвокатка и членка на ирскиот парламент од 2016 година, главно се всредоточува на она што таа го нарекува растечка милитаризација на ЕУ, осудувајќи го „воено-индустрискиот комплекс во Германија“, па дури и повлекувајќи паралели со 1930-тите – пишува во анализата на „Еурактив“ во врска со „политичкиот портрет“ на новоизбраната ирска претседателка Коноли, која на своевиден начин им се придружува на нејзините колеги „бунтовници“ и „непослушници“ кон официјален Брисел од Унгарија, Полска, Чешка, Словачка…

Се отфрлаат диктатите на либерален Брисел спротивни на националните интереси на членките на ЕУ

Сето ова значи дека низ ЕУ се шири бранот на несогласувањето и дека се омасовува „движењето на суверенистите“, кои ги отфрлаат диктатите на Брисел, кои честопати се спротивни на државните и национални интереси на нејзините членки. Веќе објавивме дека во својата политичко-економска студија со наслов „Враќање на политичкиот простор и спроведување алтернативи преку стратегиска непослушност“, објавена во 2018 година, Етјен Шнајдер и Лиза Митендрајн разработуваат две сценарија на „стратегиска непослушност кон Европската Унија“. Етјен Шнајдер е економист, министер за економија и вицепремиер на Луксембург од 2013 до 2020 година, а Лиза Митендрајн е консултантка за економија на глобализацијата во Одделот за ЕУ ​​и меѓународни односи на Виенската стопанска комора, од Австрија.
– Левицата и социјалните движења со децении го критикуваат неолибералниот карактер на ЕУ. Како што ЕУ се движеше сè подалеку во погрешна насока, тие се залагаа за „различна“ и, пред сè, „посоцијална“ ЕУ. За да ја променат ЕУ за доброто на многумина, моќните напредни сили ќе треба да дејствуваат на координиран начин во неколку земји членки – вклучително и во најмоќните земји Германија и Франција. Стратешката „непослушност“ може да има две форми. Тивката „стратегиска непослушност“ е ограничена на непочитување одредени правила на ЕУ. Офанзивната „стратегиска непослушност“ предизвикува отворен судир со ЕУ. Токму таканаречената „стратегиската непослушност“ отвора нов простор за општествените движења. Наместо да се обраќаат до ЕУ за промени без никаква перспектива за успех, овие движења можат да извршат притисок врз домашните политичари и да бараат да ги прекршат правилата на ЕУ – напишаа двата автора уште пред седум години и како да предвидоа дека денес и навистина ќе следува бран на непослушност кон ЕУ, но во вид на офанзивна стратегиска непослушност и влегување во судир со ЕУ, што веќе го практикуваат Словачка и Унгарија, претседателот на Полска, Карол Навроцки, но и други европски држави, државници и политичари, водечките партии во Франција и Германија…

Свето Тоевски