Фото: „Нова Македонија“

Словачка и Унгарија пред некој ден ги блокираа заклучоците на состанокот во Луксембург за постепено напуштање на увозот на руски гас, додека Европската
комисија наведе дека ќе ги занемари заклучоците и ќе објави законски предлог во оваа смисла за кој не е потребен консензус. Ова покажува како ЕУ-елитите се секогаш „инвентивни“ кога сакаат да се заобиколи нечие вето, при што актуелен Брисел без проблем наоѓа начин да ја истурка својата агенда. Од друга страна, во случајот со Македонија, Брисел цврсто се држи до заклучоците и не се ни труди да најде други начини како да ја надмине бугарската непринципиелна противправна блокада

Европската Унија покажува максимална инвентивност и креативност кога станува збор за задоволување на нејзините интереси, но кога треба да ја покаже својата креативна страна во поглед на надминување на бугарската блокада, таа изостанува и одговорите на европските челници се сведуваат на тоа дека одлуките се носат со консензус.
Во неколку наврати ЕУ демонстрира дека консензусот не е клучен, а уште помалку се почитуваат спротивставените ставови на некои нејзини земји членки кога станува збор за целите поставени од европските либерални елити што ги диктираат европските политики. Јавноста сведочеше како пред година и пол беше искористен моментот на кафе-пауза на унгарскиот премиер Виктор Орбан за ЕУ да изгласа почеток на преговорите со Украина и Молдавија, толкувајќи дека „консензусот е постигнат со тоа што гласале сите присутни во салата“. Тоа што овие две земји, особено Украина, ни оддалеку не ги исполнуваат потребните услови за преговори со Унијата е сосем друга работа, која бриселските политичари воопшто не ја коментираат.
Сега ЕУ повторно прави слични заобиколувања и наоѓа инвентивни начини за надминување на блокадите од некои земји членки, само да го избегне консензуалното одлучување.

Имено, Словачка и Унгарија пред некој ден ги блокираа заклучоците на состанокот во Луксембург за постепено напуштање на увозот на руски гас, додека Европската комисија наведе дека ќе објави законски предлог во оваа смисла за кој не е потребен консензус. Според правилата на ЕУ, за усвојување на заклучоците е потребен консензус, додека законските предлози што се усвојуваат во редовна постапка во која Советот и Парламентот одлучуваат заедно можат да бидат усвоени со квалификувано мнозинство од земјите членки и со едноставно мнозинство во Европскиот парламент.
Со други зборови, ова покажува како ЕУ секогаш е инвентивна кога сака да заобиколи нечие вето и да најде начин да ја истурка својата агенда, но во случајот со Македонија цврсто се држи до заклучоците и не се ни труди да најде други начини како да ја надмине бугарската блокада.

– Ако ЕУ сака да ги почне преговорите со Македонија, секако може да најде начин да го направи тоа. Кога најде решение за Украина, која е во војна, која нема контрола над дел од својата територија, за која Унгарија има забелешки за односот кон унгарското малцинство, за високата корупција, тогаш зошто за Македонија да не најде решение, особено ако се има предвид фактот дека постојат билатерални пречки, а не пречки поврзани со критериумите за членство. Впрочем, доволно е ЕУ да се повика на пристапниот договор на Бугарија со ЕУ, во кој официјална Софија потврдила дека нема отворени прашања со соседите. Еве ја таа законска рамка наместо заклучоците со која Брисел може да одлучи без консензус околу отворањето на пристапните преговори со Македонија, а Советот на ЕУ може да одлучи со квалификувано, додека Европскиот парламент со просто мнозинство и на тој начин да се тргне блокадата. Многу е едноставно доколку ЕУ сака да го направи тоа, но очигледно се потврдуваат зборовите на шефот на унгарската дипломатија кажани неодамна во Скопје, дека има и други противници на проширувањето – истакнуваат познавачите на евроинтегративните процеси.


Напуштањето на сопствените принципи ја турка Европа кон работ на амбисот

Зошто и Европејци ѝ го вртат грбот на ваквата ЕУ?

Ваквите тенденции треба да го вклучат алармот во Брисел, кој треба да почне да размислува зошто расте незадоволството меѓу Европејците, кои пред две и
повеќе децении од петни жили се трудеа да станат дел од европското семејство и да ги споделуваат европските вредности. Очигледно, по две децении,
разочарувањето е многу поголемо отколку придобивките

Политиките што најмалку десетина години ги наметнуваат актуелните европски елити не само што воопшто не ја зајакнаа Европската Унија туку, напротив, почнаа да генерираат растечко незадоволство кај мнозинството европски граѓани што не се задоволни од правецот по кој се движи Унијата, од нејзината безидејност, хипокризија, непринципиелност, како кон сопствените начела така и од односот кон земјите што искрено веруваа во европската приказна.

Евроскептицизмот прераснува во движење и тренд

Тоа растечко незадоволство почна јасно да се манифестира на сите европски избори каде што суверенистите добиваат масовна поддршка, па популарноста на партиите на кои нивната земја им е пред сѐ и над сѐ галопирачки расте.
Во Германија прашање на блиска иднина е кога суверенистичката традиционалистичка политичка партија АфД ќе биде неизбежен фактор за составување влада, во Франција иако Марин Ле Пен беше отстранета од изборниот процес, сепак нејзината партија ужива висока поддршка меѓу Французите. Во Холандија нова победа се предвидува за конзервативната партија на Герт Вилдерс, во Полска на неодамнешните претседателски избори победата ја извојува традиционалистот и антиглобалист Карол Навроцки. Кога вакви тенденции има кај водечките европски држави, тогаш овие процеси неминовно ќе се рефлектираат и кај помалите земји членки. Истражувањата и анкетите во Чешка тоа и го потврдуваат.
Имено, новозаживеаната десна алијанса во Чешка добива на сила пред парламентарните избори во октомври, враќајќи го силно скептичното ЕУ- расположение на дневен ред, и потенцијално позиционирајќи една од најевроскептичните партии во Европа како клучен фактор. Во центарот на промената е партијата Слобода и директна демократија (СПД), предводена од етноцентричниот активист Томио Окамура. Позната по своите тврдокорни ставови за имиграцијата и ЕУ, СПД неодамна ги здружи силите со три помали партии – Триколора, ПРО и Партијата на слободни граѓани, потег што помогна да почне да расте поддршката за суверенистичките политики.

Чехзит?!

Во Чешка веќе полека почнува дури и да се говори за „чехзит“ бидејќи Чесите не се задоволни од тоа каде и кон што се движи ЕУ.
– Би гласал за излегување на Чешка од Европската Унија – рече Окамура во повеќе наврати, притоа додавајќи дека ќе распише референдум и за преиспитување на одлуката за членство во НАТО.
Ова се јасни сигнали што ги испраќа чешкото општество дека работите во ЕУ не се како што треба и дека Чешка мора да почне да размислува за својата иднина.
Од друга страна, ова треба да го вклучи и алармот во Брисел, кој треба да почне да размислува зошто расте незадоволството меѓу Европејците што пред две и повеќе децении од петни жили се трудеа да станат дел од европското семејство и да ги споделуваат европските вредности. Очигледно, по две децении, разочарувањето е многу поголемо отколку придобивките.
Сите овие трендови низ Европа треба да го одредат и идниот курс на македонската надворешна политика кон ЕУ, која треба да се држи исклучиво кон она што значеа изворни европски вредности, без дополнителни условувања и уценувања. Ако сите европски земји жртвуваа дел од суверенитетот со влез во ЕУ, жртвата што се бара од Македонија е далеку поголема бидејќи под закана е идентитетот на македонскиот народ. Ако тој се загрози, тогаш самите евроинтеграции немаат никаква логика, особено не во време кога кај водечките европски земји расте евроскептицизмот. С.Т.