Илустрација: „Нова Македонија“

Европската Унија се проширувала неколкупати од своето формирање во 1957 година до денес, така што во своите редови примала нови земји членки. Проширувањето на ЕУ некогаш се случува со „доброволни“ преседани, т.е. со прогледување низ прсти за подготвеноста на кандидатите за членство во Унијата и покрај неисполнетите критериуми, а другпат (за други кандидати) се инсистира на строго придржување до критериумите, па и на специјални услови, според каприците на одредена земја членка. Македонија го има искуството на тие негативни преседани на ЕУ

Отворањето на пристапните преговори на ЕУ со Босна и Херцеговина како повод

Пред една недела Советот на Европа донесе одлука за отворање пристапни преговори со Босна и Херцеговина. Европската комисија минатата седмица објави извештај во кој заклучува дека БиХ во доволна мера ги исполнува условите за почеток на преговорите за нејзино членство во Европската Унија. На Босна и Херцеговина ѝ е доделен статус на кандидат за членство во ЕУ во декември 2022 година, речиси седум години откако поднела барање за членство во Унијата, во февруари 2016 година.

Политичките одлуки посилни од декларираните т.н. критериуми за проширување на Европската Унија

Одлуката за отворање преговори со Босна и Херцеговина, четири месеци по онаа за Украина и Молдавија, кои во експресно време од апликацијата стигнаа до покана за отворање преговори, уште еднаш ја потврди „непредвидливата принципиелност“ на Европската Унија во нејзината политика на проширување и односот спрема земјите од Западен Балкан. Регионалните медиуми ја откриваат статистиката на чекање за отворање на пристапните преговори со ЕУ на државите што произлегоа од поранешната југословенска федерација. Па така, забележано е дека Црна Гора на одлуката за отворање пристапни преговори чекала околу три и пол години, како и Србија. На Хрватска ѝ биле потребни помалку од три години, на Словенија помалку од две години, додека Македонија за отворање пристапни преговори чекаше повеќе од 18 години. Во статистиката на чекање за ЕУ, сепак, не се споменува дека одлуката за отворање на пристапните преговори за Македонија е условена со особено непринципиелни барања, на работ на прекршување на меѓународното право и основните човекови права, кои се вградени во основачките акти на Унијата. Со целата своја досегашна евроинтегративна историја, Македонија веројатно е најсериозен кандидат за потврдување на преседаните врз кои се чини дека функционира Европската Унија, повеќе отколку на принципите.
– Проширувањето отсекогаш било политичка одлука. Во зависност од политичката одлука, ЕУ како најважни алатки ги користела определувањето на динамиката и поставувањето на агендата на пристапниот процес. Критериумите што произлегуваат од нормите на ЕУ се секако значајни и тие имаат влијание на политичката одлука. Постојан е натпреварот или, ако сакате подипломатски кажано, постигнувањето рамнотежа – меѓу политичкото и нормативното. Во конкретната ситуација факт е дека критериумите многу се спуштија за Украина, Молдавија и за Грузија. Исто така, процесот се забрза во однос на истите стадиуми за државите од Западен Балкан. Во таква ситуација Босна и Херцеговина излезе позитивна последица од „спуштањето на рампата“, иако сега многумина со право аргументираат дека Босна и Херцеговина требаше многу порано да добие кандидатски статус, ако се применеа слични аршини и се искористеа поповолни времиња за реформи – вели Малинка Ристевска-Јорданова, експертка за евроинтегративните процеси и стручна познавачка на принципите на функционирање на Европската Унија.

Преседаните како практика во проширувањето на Европската Унија

Европската Унија се проширувала неколкупати од своето формирање во 1957 година до денес, така што во своите редови примала нови земји членки. За да стане дел од ЕУ, државата кандидат мора да исполни економски и политички услови наречени копенхашки критериуми (според самитот во главниот град на Данска, Копенхаген, во 1993 година), а кои условуваат постоење на стабилна демократска влада, која го почитува владеењето на правото. Според Договорот од Мастрихт, секоја земја членка и Европскиот парламент мора да дадат зелено светло за секое проширување.
Тоа е приближно „теоретскиот дел“ за проширувањето на Европската Унија, но од табелата што ја прикажува динамиката на проширувањето од 1957 година до денес може да се заклучи дека тој процес никогаш не бил цврсто поставен на зададените принципи и критериуми. Често се случувало државите да поднесат кандидатура за почеток на преговори за членство во Унијата, па да ги повлечат, да ги замрзнат, да им биде ставено вето или едноставно другите земји членки да имаат „специјални барања“ од кандидатите. Проширувањето на ЕУ некогаш се случува со „доброволни“ преседани, т.е. со прогледување низ прсти за подготвеноста на кандидатите за членство во Унијата и покрај неисполнетите критериуми, а другпат (за други кандидати) се инсистира на строго придржување до критериумите, па и на специјални услови, според каприците на одредена земја членка. Македонија го има искуството на тие негативни преседани на ЕУ, и тоа како сериска уцена: прво од Грција, а сега и од Бугарија. Притоа мошне парадоксално е што овие две земји станале членки на ЕУ со широко прогледување низ прсти, во однос на исполнувањето на критериумите за членство на ЕУ, пред сѐ оној базичниот критериум – почитување на владеење на правото. И денес двете земји членки на ЕУ (Грција и Бугарија) имаат сериозен проблем со владеењето на правото во поглед на почитување на правата на малцинствата. Но, парадоксално и лицемерно, Бугарија ѝ наметнува на Македонија проблематизирање на почитувањето на правата на малцинствата и со тоа го уценува отворањето на поглавјата во преговарачкиот процес со ЕУ.
– Во науката е познато дека земјите членки на ЕУ го користат своето членство за т.н. екстернализација на нивните интереси во текот на проширувањето. Меѓутоа, Македонија е преседан поради опсегот на условите во секој чекор на евроинтегративниот пат и поради карактерот на тие услови, нивната неповрзаност, па дури и спротивност со нормите на ЕУ. Со тоа директно се загрозуваат токму објективните критериуми за членство што произлегуваат од нормите на ЕУ и процесот станува некредибилен. Меѓутоа, жалбите и посочувањето на негативни примери во пристапувањето не се популарни аргументи во ЕУ и таквиот пристап воопшто нема да ни помогне да се поправи ситуацијата. Нашата стратегија мора да биде автономна, по сестрана процена на геополитичките услови и да се заснова на почитување на европските норми – пред сѐ затоа што тоа го бараат граѓаните на оваа земја – вели Малинка Ристевска-Јорданова.


Советот на Европа за „брзо усвојување“
на преговарачките рамки за Украина и за Молдавија

Челниците на земјите членки на Европската Унија на последниот самит на Унијата, одржан пред една седмица, се зазедоа за забрзано усвојување на преговарачките рамки за Украина и за Молдавија, клучните документи за почеток на преговорите.
– Советот на Европа го поздравува напредокот на Украина и на Молдавија во спроведувањето на потребните реформи на патот кон ЕУ. По поднесувањето на нацртот на преговарачката рамка за Украина и за Молдавија, Советот на Европа повикува на брзо усвојување и продолжување на работата без одложување – се наведува во заклучоците за проширувањето, кое челниците на ЕУ го усвоија на првиот ден од самитот.
Исто така ги „зедоа предвид“ напорите на Грузија за исполнување на критериумите и испратија охрабрување да продолжи да работи на приоритетните реформи.
Балтичките држави сакале нешто посилна формулација за Украина и Молдавија, некој вид гаранции дека во јуни ќе отворат преговори со Украина и со Молдавија. На крајот, сепак, се согласиле да не се споменува датум, туку да се повика Советот дека „брзо“ ќе се усвојат преговарачките рамки, без што не може да се отворат преговорите.
Претседателот на Советот на Европа, Шарл Мишел, рекол дека „искрено се надева дека ќе биде можно да се одржи првата меѓувладина конференција за пристапување со Украина до крајот на белгиското претседателство, кое трае до крајот на јуни“.
Советот на Европа во декември минатата година донесе одлука за отворање на преговорите со Украина и со Молдавија.


Во ЕУ и во НАТО, на Бугарија се гледа како на „портата на Европа“ и затоа таа е „милениче“

И во Брисел и во сите земји членки на ЕУ, а и надвор од ЕУ, нашироко е познат фактот дека Бугарија стана членка на Унијата со „специјален попуст“, со протекции, со гледање низ прсти, кога станува збор за исполнување на критериумите за членство во ЕУ. Дури и денес, 17 години по приемот во ЕУ, Бугарија влече „рецидиви“ од тој специјален третман, односно никако да ги исполни критериумите на ЕУ, па затоа никако и да влезе целосно во шенген-зоната, туку тоа се случува етапно, за разлика од Хрватска, која стана членка на Унијата шест-седум години подоцна. Имено, проекцијата за Бугарија беше да стане членка на ЕУ во групата на големото проширување во 2004 година, но поради длабоките проблеми со владеење на правото, криминалот, корупцијата, и не само тоа…, нејзиниот прием на мускули и од политички причини (без стандардните ЕУ-критериуми) се случи во 2007 година. Од политички мотивираниот прием на Бугарија, во 2007 до 2019 година, цели 12 години ЕУ потроши ресурси, енергија, финансии и нерви за контрола на реформите во правосудството и владеењето на правото во Бугарија и за тоа повторно Брисел е далеку од задоволен. За потсетување, Бугарија аплицираше во 1997 година за членство во ЕУ, но пред почетокот на преговорите, поради колапсот на финансискиот систем и практично бунтот што се случи во бугарското општество, ММФ интервенираше во оваа земја, воспоставувајќи валутен борд… Со еден збор, Бугарија со ниеден критериум не заслужи да биде во европското друштво.
Во бугарското пристапување во ЕУ има многу контроверзни моменти што се провлекуваат и денес, особено во однос на исполнувањето на критериумите за владеењето на правото и почитувањето на човековите права, во делот за малцинствата, па зачудува толеранцијата на Брисел за уценувачкиот однос на официјална Софија пред европските институции.
– За статусот на Бугарија во ЕУ треба да се има предвид и безбедносниот фактор на нејзината географска позиција, како за ЕУ, така и за НАТО. Во ЕУ и во НАТО, на Бугарија се гледа како на „портата на Европа“, која е првиот филтер на мигрантските бранови од Азија, Блискиот Исток и Африка. Војната во Украина уште повеќе ја нагласи геополитичката и геостратегиската позиција на Бугарија, па недостигот од демократијата, проблемите со правосудството и уставните реформи, непочитувањето на човековите права, што Советот на Европа редовно го забележува во извештаите…, едноставно се ставаат под тепих, поради новата стратегија за милитаризација на ЕУ, за соодветен одговор на Москва – вели Марјан Ѓорчев, поранешниот македонски амбасадор во Бугарија.