Само врв на сантата мраз е претставата со учениците Албанци во училиштето во тетовското село Челопек, облечени во униформи на УЧК од 2001 година и со пластични „калашникови“ во рацете, по повод Денот на албанското знаме и независноста на Албанија што се прославува на 28 ноември. Тие дечиња облекоа униформи со симболи на УЧК и зедоа во раце пластични реплики на оружје, затоа што така им рекле возрасните – наставниците или директорот на училиштето или нивните родители и роднини… Претставата во Челопек со УЧК во главна улога е само еден одраз на одредени општествено-политички случувања во Македонија, кои се одвиваат подлабоко под површината на општествените текови.
Повеќеслоен, сложен и раширен процес
Ова „пригодно“ празнично училишно величање на УЧК како „вредност“ за Албанците во Македонија е само мал дел од еден раширен и повеќеслоен процес, кој се реализира веќе подолго време меѓу припадниците на оваа етничка заедница во Македонија. Станува збор за „надградување“ на индивидуалната и колективната свест кај младите албански генерации во Македонија. Станува збор за „пишување“ една нова засебна историја на Албанците во Македонија, која нема баш многу заеднички допирни точки со историјата на македонската нација и држава, без оглед што двата етникума опстојуваат под исто небо, што дишат ист воздух и што газат иста земја… „Сеалбанскиот буквар“, кој е веќе во рацете на првачињата Албанчиња и во Македонија, е еден индикатор за различната насока по која етноцентристите фабрикуваат засебно интраетничко образование во Македонија, згрозувајќи ја интегралноста на образовниот процес во државава. Со тоа се прави ненадоместлива штета на животот и комуникацијата меѓу Македонците и Албанците, кои почнуваат помалку да комуницираат и да се разбираат на македонски јазик, а повеќе на англиски јазик…
Споредба на бранителите со агресорите?!
Министерката за образование и наука Весна Јаневска решително изреагира на 30 ноември 2024 година во врска со претставата на децата со униформи на УЧК и со пластични пушки во рацете, искажувајќи разочараност и вознемиреност поради овој настан.
– Разочарана сум и вознемирена од одлуката на раководството и наставниците во Основното училиште „7 Март“ во Челопек да организираат, но и од одобрувањето на родителите на учениците нивните деца да учествуваат во училишна приредба, на која облечени во униформи со амблеми на неформални воени групации од минатото, парадираат со пушки во рацете. Родителите и ракоплескаа на сето тоа – порача Јаневска.
Само два дена по овој став, нејзиниот колега во владата, вицепремиерот Арбен Фетаи, од коалицијата Вреди, ќе изнесе ставови на „политички слалом“, кои во еден дел се совпаѓаат со ставовите на министерката, но во друг дел се разидуваат, па дури и на спротивставуваат.
– Претставите со деца униформирани и вооружени се погрешни, независно од етничката припадност, или историографијата. Комитите се важен дел од македонската национална свест. Но УЧК е најсублимирана, највозвишена вредност за албанскиот народ. Таа ја претставува жртвата за еднаквост, правда и достоинство. За Албанците УЧК е симбол на напорите за поправедно општество и за градење држава во која секој граѓанин ќе биде еднаков и почитуван – нагласи Фетаи.
УЧК за министерката Јаневска е „неформална воена групација од минатото“, но за вицепремиерот Фетаи тоа е „највозвишена вредност на албанскиот народ“! Дури, Фетаи става знак на равенство меѓу македонските комити и припадниците на албанската УЧК, индиректно порачувајќи ѝ на Јаневска дека биле „погрешни“ и претставите со македонски деца во одделни градинки или училишта облечени во комитска рува.
– Македонските комити се дел од историјата на оваа држава, а војската на УЧК и нејзините симболи за оваа држава не значат ништо. Во Челопек мали деца ги учат на воинственост, на држење оружје, некакви позиции на стрелање, на нешто што не е поврзано со нашата историја – ќе каже Јаневска, возвраќајќи му на Фетаи за неговата споредба „македонски комити – албанска УЧК“.
Дали е грешка ако се употреби терминот „антагонизам“?
Несовпаѓањата на ставовите меѓу два претставника на високи носители на јавна коалициска власт не е новина ниту во други држави. Но тоа е индикатор дека сепак во процесите постојат и разлики. Составен дел на тие процеси е, за жал, континуираниот тренд на поларизација во меѓуетничките односи, во односите меѓу Македонците и Албанците, кои и покрај добиениот извонредно висок преференцијален однос (на државата кон Албанците, со Охридскиот договор и низа озаконети иницијативи, дури спротивни на Уставот), на моменти се демонстрираат во јавноста несфатливи националистички, па и шовинистички агенди. Тоа беше и со горенаведениот случај со прославата на албанското знаме, при што беше испровоциран и нов бран антагонизам, и тоа меѓу Македонците и другите малцинства на една страна и од друга страна Албанците, во својата сопствена држава. Зборот „антагонизам“ значи „непомирлива спротивност, непријателство“, но дали авторот на оваа анализа греши, употребувајќи ваков израз?
Повремените меѓуетнички физички пресметки и други такви инциденти, скандирањата на спортските натпревари, објавите на општествените мрежи, колумните објавени во медиумите, истапувањата на одделни политичари, сето тоа „набиено“ со тешки етнички навреди и омаловажувања, пцости даваат доволно „материјал“ и основа да се согледа не само каква е моментната ситуација во македонско-албанските односи туку и во која насока тие можат дополнително да се развиваат.
Дечињата, главните „актери“ во дваесет и осмоноемвриската „УЧК-претстава“ во тетовски Челопек, но и многу други од младите генерации, се исклучително ранлива категорија во општеството. Токму таа млада популација, сѐ уште во фаза на формирање на личноста, се поподложни на овие негативни процеси во општеството, кои неповолно влијаат врз формирањето на нивната свест, воспитување и образование. За демонстрирање милитаризам, агресивност, непријателска настроеност во пакет со решавање конфликти со оружје и насилство нема место во процесот на образование. Не треба да има место и воопшто во едно демократско општество.
Министерката Јаневска ги истакна и овие ставови во својата реакција кон спорната детска претстава во Челопек.
– Не очекував дека педагози ќе ги учат децата во Македонија да не ја почитуваат сопствената земја, да не ги почитуваат своите сограѓани и ќе индоктринираат милитантност, насилство, омраза. Наместо да се бориме за единство, градење на мирно и хармонично општество и силна заедничка држава, во 21 век гледаме дека нечии размислувања и идеали се заглавени во некој минат век. Апелирам до сите преостанати училишта да се оградуваат од вакви активности, да промовираат вистински човечки вредности и да градат генерации опремени со знаење, а не со оружје. Генерации што ќе ја сакаат земјата во која се родиле и растат и во која ќе ги почитуваат другите независно на етничката, верската или каква било друга разлика – порача Јаневска.
Но дали е целосно познато, дали се води сметка педагозите на што ги учат децата во Македонија, и тоа не само во овој општествен момент туку и во еден временски континуитет? Она што се случи во Челопек со УЧК е констатирано и во училиште во Чаир, во две училишта во Тетово и во едно училиште во Струга, за што Јаневска информираше дека има докази со слики и пријави дека се случувале такви немили настан и во тие образовно-воспитно институции. Семето на нетрпеливост и антагонизам се засадува уште од најраната возраст: низ образовно-воспитниот процес, на училиште, дома, во најблиското опкружување… И доколку неуморно не се работи со генерации и со децении таквите дегенеративни процеси педантно да се лоцираат, да се изолираат и да се отстранат, бидејќи се во антагонистичка спротивност со соживотот, мирот, почитувањето, благосостојбата, растот и развојот на сите нас како индивидуи и колективитети во нашата татковина, тогаш во иднина претстојат предизвици и искушенија со кои многу потешко ќе се излегува накрај.
Останува должноста специјализираните надлежни служби за образование, но и други државни институции, да проценат, да проанализираат и да согледаат дали и во колкава мера и првачињата што се образоваат на албански јазик во Македонија, учејќи од овој буквар, ќе се учат „да ја почитуваат сопствената земја Македонија“, „да ги почитуваат своите сограѓани“, „да се учат на единство, градење мирно и хармонично општество и силна заедничка држава Македонија“, токму онака како што неодамна решително истакна македонската министерка Весна Јаневска
За сеалбанскиот унифициран буквар Учебник ли е она што подучува на сепаратизам и иредентизам?!
Министерката Весна Јаневска упати апел „децата во Mакедонија да се учат да ја почитуваат својата земја, за градење заедничка држава“, а во образованието на најмладите на албански јазик во Македонија им се вметнува нешто сосема спротивно! Тие веќе добија, за првпат оваа година, т.н. сеалбански буквар.
Според јавувања на информативните агенции, во своја статија со наслов „Претставување на унифицираниот Буквар – Куши: Учебник што ќе нѐ обедини и кој ќе ги засили врските со Косово“, објавена на 1.9.2022 година, албанскиот информативен портал МЦН ја пренел пораката на Евис Куши, актуелната министерка за образование на Албанија.
– Овој учебник ќе нѐ обедини и ќе го засили уште повеќе нашето обединување еден со друг. Ние сме еден народ! – кажала министерката Куши, во присуство и на косовскиот премиер Албин Курти, за албанскиот буквар, кој се користи и за првачињата Албанчиња во Македонија. Од кој учат и првачињата во тетовското училиште во Челопек…
– Унифицираниот буквар е спроведување на договорот потпишан меѓу владите на Албанија и Косово. Отпечатен е во издавачката куќа „Дукаѓини“ во Приштина. Негови автори се Мимоза Ѓокутај, Тереза Бабасули, Насер Забели и Саранда Божегу – напишал информативниот портал МЦН во таа своја статија.
Сеалбанскиот учебник – дидактички материјал за описменување првачиња во Македонија
Во распределбата на сеалбанскиот буквар на децата во училиштата во Македонија лично учествуваа вицепремиерот и лидер на Демократското движење, Изет Меџити, и тетовскиот градоначалник и лидер на Беса, Билал Касами.
Останува должноста на македонското Министерство за образование да процени и да согледа дали и во колкава мера и првачињата што се образоваат на албански јазик од Македонија, учејќи од овој буквар, ќе се учат „да ја почитуваат сопствената земја Македонија“, „да ги почитуваат своите сограѓани“, „да се учат на единство, градење мирно и хармонично општество и силна заедничка држава Македонија“, како што има кажано македонската министерка Весна Јаневска.
Заради објективност на оваа анализа за весникот „Нова Македонија“, нејзиниот автор не се впушта во вредносни судови за тој буквар и само ги изнесува фактите, без никаква етничка заднина. Единствено ќе укаже на дилемата: во случајот со Македонија, бидејќи и во неа веќе се користи албанскиот буквар, дали може да има и какво би било дополнителното значење на изјавата на албанската министерка за образование Евис Куши дека „унифицираниот буквар ќе ги избрише границите меѓу Албанија и Косово“ и „овој учебник ќе нѐ обедини и ќе го засили уште повеќе нашето обединување еден со друг, бидејќи сме еден народ“? Св.Т.
По амбициите на Софија за „бугарско ревидирање“ на македонските учебници, следува и „албанско филтрирање“ на учебниците?!
И поединци во албанскиот кампус заразени од вирусот на историска и образовна ревизија
Има уште еден неодминлив момент поврзан со прашањето на образованието и учебниците што се користат во училиштата. На 17.11.2024 година, ТВ Алсат ја пренесе изјавата на вицепремиерот Изет Меџити дека „не ја исклучува можноста да се ревидираат текстовите во одделни учебници за македонските ученици во основното и средното образование со содржини навредливи кон албанската историја и култура“.
– Вицепремиерот Меџити ветува ревизија на учебниците за основно и средно образование со тенденции навредливи кон албанската култура и историја. За ова прашање можат да му се дадат надлежности на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците со седиште во Скопје, кој има капацитет да ги ревидира таквите учебници, да ги филтрира, па откако ќе бидат ревидирани да одат во рацете на учениците. Меџити подвлекува дека тоа може да се случи, бидејќи нема потреба да се очекува регионална иницијатива, повикувајќи се на можноста за отворање на школските учебници, по барањето на бугарскиот претседател Румен Радев, кој пред неколку дена побара отворено промена на некои учебници – објави ТВ Алсат во врска со оваа најава, но и веќе ветување на вицепремиерот Изет Меџити.
– Без оглед дали ќе се отворат школските учебници, или не, ние овде не навлегуваме да ја менуваме историјата – посебно нагласил Меџити.
Некако невообичаено е предлагање да му се даваат надлежности на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците за „филтрирање навредливи содржини“ од настава и учебници за македонски ученици, па уште и со повикување во стилот „тоа го бара бугарскиот претседател Радев – го бараме и ние“… Ќе треба ли да се очекува и некој трет заинтересиран да се јави во редот, по „бугарското ревидирање на македонската историја“ и „филтрирањето на навредливите содржини кон Албанците“, овој пат со барање за трето „прекројување и ретуширање“ на македонските учебници во државата Македонија? Треба решително да им се стави точка и на ваквите девастирачки потенцијали насочени кон нацијата и македонската држава. Св.Т.
Институтот за духовно и културно наследство организирал „свечена комеморативна академија по повод 25-годишнината од ‘Епопејата на УЧК од Косово’ и херојското загинување на Адем Јашари и неговото семејство“. Во истата пригода историчарот и директор на овој институт Скендер Асани, кој е и еден од авторите на книгата „Скопје, самата историја на Косово (Извештаи на италијански дипломати)“, покрај другото, посочил: „Имаме среќа што Адем Јашари, оваа голема фигура на нацијата, беше меѓу нас, овде во дарданско Скопје, на почетокот на 90-тите години од минатиот век“
За активностите на Институтот за духовно наследство на Албанците
Образованието и науката нападнати од националистички токсини
Да фрлиме поглед на предлогот на вицепремиерот Меџити да му се дадат споменатите надлежности на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Македонија. Во својата статија со наслов „Скопје било еден од трите главни албански политичко-административни центри!?“, објавена на 7.8.2024 година, „Нова Македонија“ ја регистрираше недоследноста на одредени испечатени и изнесени информации и податоци во горенаведената статија на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Македонија. Во статијата, а и во одредени публикувани книги на Институтот за духовно и културно наследство „се фалсификува македонската национална историја од позиции на великоалбанизмот“.
– Великоалбанизмот може да се забележи и во книгата „Скопје, самата историја на Косово (Извештаи на италијански дипломати)“ од авторите Скендер Асани, Мехмет Приштина и Алберт Рамај (уредници), објавена од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје. Фалсификатот дека Битола, Јанина и Скопје, седишта на Битолскиот, Јанискиот и Скопскиот вилает, биле најважни албански политичко-административни центри, нема никаква ниту вистинита ниту научноистражувачка основа. Таквата констатација е чисто политикантска, фалсификаторска констатација, со заднина што содржи елементи на антидржавни, па и противуставни однесувања – се наведува, покрај другото, во оваа статија на „Нова Македонија“.
Според информативните агенции, ТВ 21 на 6.3.2023 година известила дека тој ден Институтот за духовно и културно наследство организирал „свечена комеморативна академија по повод 25-годишнината од ‘Епопејата на УЧК од Косово’ и херојското загинување на Адем Јашари и неговото семејство“. Во истата пригода историчарот и директор на овој институт Скендер Асани, кој е и еден од авторите на книгата „Скопје, самата историја на Косово (Извештаи на италијански дипломати)“, покрај другото, посочил: „Имаме среќа што Адем Јашари, оваа голема фигура на нацијата беше меѓу нас, овде во дарданско Скопје, на почетокот на 90-тите години од минатиот век“.
Сѐ на сѐ, навистина постојат „опашки“ што одамна се влечат и кои полека но сигурно треба да се расчистуваат. Сѐ уште постојат „генератори на омраза и нетрпеливост“, кои тлеат и кои низ различни форми и методи до денес постојат и се манифестираат. Последниот пример на Денот на албанското знаме го потврди тоа. Без разлика што овие новодемонстрирани форми не се класично воени, терористички или злосторнички акти, на надлежните институции останува како натаму да се третираат, и превентивно, а и репресивно. Повеќеслојниот, сложен и раширен процес на поделба и оддалечување (сепарирање) на албанскиот етникум во нашето мултиетничко општество е неопходно да биде сопрен, во интерес на сите граѓани на нашата унитарна држава. Се разбира дека тој процес нема да се случи прекуноќ, но работите мора да се постават на своето место во една правна држава и со владеење на правото, токму почнувајќи од фундаментот, односно од највисокиот конституционален политичкоправен акт.
Свето Тоевски