Кога не стојам пред штафелајот, во приквечерните часови го вклучувам телевизорот, гледам наши ТВ-канали, гледам и француски. Пристојно се служам со францускиот јазик, па затоа сакам да гледам француски ТВ-канали. Од овој репертоар најчесто го гледам ТВ-каналот Ел-се-и (LCI), кој е двојник на првиот француски ТВ-канал TФ-1 (TF-1), каде што можат да се видат интересни дебатни емисии, од политиката, од културата, од економијата, во кои гостуваат познати личности од дома или надвор од Франција.
Пред некој ден гледав една емисија на спомнатиот канал, темата беше војната во Украина, меѓу гостите една дама, ни многу возрасна ниту многу млада, изразито нашминкана, по потекло од Украина, долго време живее во Париз и одлично зборува француски јазик. Во еден дел од емисијата се спомна Германија, како водечка земја во ЕУ, па дамата од Украина се вклучи во разговорот велејќи дека на Германија сега ѝ е лесно, но порано, кога имаше Источна и Западна Германија не ѝ беше лесно, како што сега нам Украинците ни е тешко бидејќи сме поделени од Русија! И сакам да ви соопштам еден податок што можеби не го знаете, продолжи дамата од Украина, госпоѓа Ангела Меркел во тоа време како надежна активистка, работела за странски разузнавачки служби, а тој податок не е забележан во нејзината биографија! Ми дојде чудно, си реков зошто дамата од Украина, ни многу млада ни многу возрасна, ја вклучи Меркел во емисијата, според мене, без причина, без разлика дали податокот што го соопшти е вистина или не. Со таквата работа, ако е вистина, Германците треба да се занимаваат, ако Ангела Меркел се однесувала некоректно кон некоја друга земја може да биде критикувана, ама Меркел соработувала со служби, ми заличи малку долно, не знам од кои причини дамата, ни многу млада ни многу возрасна, се реши на таков потег. Како и да е, не знам кој рекол, дека интересите секогаш се важни, понекогаш и најважни.
Како и во филмот, така и на телевизијата се случуваат изненадувања. По спомнувањето на Меркел во емисијата, два дена потоа на службена балканска турнеја дојде претседателката на Европската комисија, госпоѓа Урсула фон дер Лајен, не нѐ заборави нас, исто и Меркел нѐ има посетено, не знам колкупати, но една нејзина посета беше повеќе важна за нас отколку за другите, за гостите, од ЕУ и преку ЕУ. Интересно е тоа што Урсула е џокер на Меркел, а штитеник на Макрон беше Тиери Бретон, поранешен француски комесар за внатрешен пазар при ЕУ и своевремено во таа битка за интерес и влијание победи Меркел, односно Урсула, која стана прва личност при Европската комисија на ЕУ. Можеби затоа Урсула и Тиери Бретон видливо не се трпеа и повторно можеби затоа Бретон поднесе оставка! Тоа е приказна за интересот личен, општ и благодатен. Сепак, си реков, добро е тоа што важни личности од ЕУ нѐ посетуваат, тоа значи дека не нѐ заборавиле, сепак и ние од Балканот сме Европа.
При првата средба со нашите челни политички личности Урсула фон дер Лајен ни предочи:
,,Сакам да ве уверам дека ќе бидеме со вас на секој дел од патот за да стигнеме до заедничката цел. Може да сметате на нас. И мене ми е навистина важна таа цел, да не се вртиме многу наназад, туку да гледаме кон иднината. И сакаме заедно да го пишуваме следното поглавје од нашата заедничка иднина“. Чудно, како во ехо ми дојде повратниот звук од зборовите минато и иднина! Истовремено ми се пристори, како во времето некој, ова за минатото и иднината, го има речено овде кај нас во Македонија, среде Балкан! Па да, Меркел беше тоа, кога во едно време во мисија за промена на името беа дојдени цела фаланга од Европејци, Могерини, Хан, не Џингис, туку Јоханес Хан, кој ни велеше, зграпчете ја иднината, не мислите на минатото, вратата за во ЕУ останува отворена за вас! За вас, за нас, во тоа време не се знаеше за кого се отворени вратите, само тие двајцата наши претставници, кои летаа во облаци, нешто во главите им се чинеше дека минатото не вреди ич пари, само иднината фаќа место, бидејќи, нели, таа ќе нѐ брани и таа ќе нѐ храни!
А Урсула вели, сакаме заедно да го пишуваме следното поглавје од нашата заедничка иднина! Да, минатото звучи чудно, кај нас минатото живее во осцилации, во други земји се мисли без минатото нема ниту сегашност ниту иднина. А во тоа време, кога се водеше битка за нашето име, европската фаланга, Могерини, Хан, Венс, Меркел, дојде кај нас, и што е најголем апсурд дури и Тереза Меј беше дојдена да лобира за нашата иднина да бидеме во ЕУ, а нејзината земја се бореше да излезе од ЕУ. Така, во тоа време со продадено име изгубивме дел од нашето минато. Во интерес на јужниот сосед се откажавме и од нашиот народ, Македонците што живеат во Грција. Се чини сите што доаѓаат кај нас одат по иста жица и го демонстрираат само својот интерес!
Во ова време, нели рековме нѐ посети Урсула фон дер Лајен, и во нејзиното обраќање кон нас додаде дека ги вложуваат сите напори со цел Македонија да ги отвори преговорите, но додаде дека е потребно да се работи на уставните измени. Така е почитувана Урсула фон дер Лајен, велите, и вам ви е важна таа цел, да не се вртиме многу наназад, туку да гледаме кон иднината. Проблемот е што овие наши соседи се вртат само кон нивната иднина, а од нас го гледаат и бараат исклучиво нашето минато. Според ваквиот европски рецепт, ако постојано гледаме кон иднината и го забораваме минатото, од нас нема да остане ништо.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, можеби се труди да направи некаква „европска“ рамнотежа, кога веќе во интерес на Грција го сменивме името и ни ја пресекоа врската со античкиот период, во тој случај зошто на Бугарија да не ѝ ги поклониме нашата историја, јазик, култура и историски личности за работите некако се средат, односно во име на некаква балканска хармонија управувана од ЕУ, притоа ние сами да се согласиме и да се откажеме од нашето минато, како што ни беше приреден фестивалот со името, а сега без минато да бараме да нѐ поклопи тотален мрак.
Но мадам Урсула фон дер Лајен. Мерси!