Фото: Маја Јаневска-Илиева

Самиот либерален концепт на ЕУ им овозможува на земјите членки на Унијата што се водечки да имаат и силно доминантна улога при носењето одлуки, така што на некој начин веќе внатре во Унијата функционира принципот на ЕУ во повеќе брзини. Оние што се во подредена улога и кои мора да молчат и да ги слушаат помоќните земји членки ги истураат тие фрустрации врз земјите кандидати за ЕУ

Зошто да негуваме илузии дека со почетокот на преговорите ќе се подобри македонската преговарачка позиција?

Наративот што извесно време се шири во македонската јавност дека со почетокот на пристапните преговори Македонија ќе биде во порамноправна позиција во однос на Бугарија (па и кога би била членка и „би седела на иста маса, рамноправна со другите“) едноставно веќе не држат вода, бидејќи и внатре во самата Европската Унија, вака како што сега е поставена, постои воспоставен однос на помоќни наспроти послаби членки. Имено, самиот либерален концепт на ЕУ им овозможува на земјите членки што се водечки да имаат и водечка улога при носењето одлуки, така што на некој начин веќе внатре во Унијата функционира принципот на ЕУ во повеќе брзини.
Добар пример дека некои членки едноставно не се осмелуваат да го кренат својот глас наспроти постарите и помоќни членки е неодамнешната изјава на заменик претседателот на Бугарската академија на науките, професор доктор Емануел Мутафов, кој го коментираше феноменот на „уништување на спомениците во Егејска Македонија“, кои (се разбира) Софија ги смета за бугарски. Според него, прашањето за спомениците на грчка територија, бугарската страна не го отвора бидејќи „Грција има железна политика кон обидите да се реставрираат споменици што го доведуваат во прашање грчкиот карактер на овие територии“.
Она што прво паѓа во очи е токму чувството на инфериорност што Бугарија го има во однос на Грција, без оглед што и обете земји се „рамноправни“ партнери во ЕУ, па затоа не отвора никакви прашања што би можеле да ја доведат бугарската страна во непријатна позиција.

– Сѐ поочигледно е дека тезата „кога ќе ги почнеме преговорите со ЕУ и ќе почнеме да ги отвораме преговарачките поглавја ќе бидеме во подобра позиција да преговараме со Бугарија околу отворените прашања“ сѐ помалку е верна, бидејќи либералните елити во Брисел наметнуваат ЕУ-конфигурација, многу поразлична од онаа изворната кога се создаваше Европската заедница, на столбовите на демократијата и принципите на рамноправност меѓу членките, меѓусебно уважување и безрезервна соработка заради заеднички просперитет. Актуелните ЕУ-институции и носителите на високите функции во Унијата се веќе непрепознатливи, бидејќи практикуваат самите политики на доминација, внатрешен либерален хегемонизам и ЕУ-членки од прв ред и ЕУ-членки од втор ред. Еве, веднаш еден најсвеж пример: Бугарија е во ЕУ, зошто ова прашање околу наводните „нивни“ споменици во Егејска Македонија, или околу написите на спомениците во Грција на кои се споменува бугарски фашистички окупатор не ги отвори пред Брисел, туку молчи? Не треба никој да има илузии дека почетокот на преговорите ќе смени нешто. Напротив, Македонија и да ги направи уставните измени и да ги почне преговорите, нема да биде во подобра позиција, туку уште повеќе ќе биде предмет на дополнителни уцени. Ништо нема да се смени. Кога внатре во ЕУ членките не се рамноправни, тогаш како ќе бидат рамноправни или во подобра позиција оние што преговараат? Дури сметам дека фрустрациите од таа внатрешна немоќ на некои членки и чувството на инфериорност се излеваат врз земјите кандидати и врз нив се покажува моќ. Не е претерано да се каже дека нивниот однос повеќе наликува на изживување отколку на некаква принципиелна европска политика во која најмалку што има се принципи – заклучуваат соговорниците.


Проблемот на Софија со тоа што Атина не води грижа за „бугарските“ паметници во егејскиот дел на Македонија отвора уште едно горливо прашање за правата на малцинствата во Грција

Грчко-бугарските кошкања го „бришат“ македонскиот идентитет

Набљудувано низ призмата на грижата и почитувањето на спомениците во егејскиот дел на Македонија (разработено во горниот текст од еден друг агол), се наметнува уште едно клучно прашање што ја разобличува европската принципиелност кога станува збор за човековите индивидуални права, како и за правата на малцинствата, особено во земјите што со децении се членки на Унијата и кои не мрднале ниту милиметар во признавањето на малцинските права.
Она што е евидентно, тоа е дека грчката таканаречена „железна политика“ и ригидната „еднослојност на грчката држава во контекст на етносот што ја сочинува популацијата внатре во Грција“, при што до ден-денес не го признава постоењето на македонско малцинство на своја територија, не дозволува училишта во кои би се изучувал македонскиот јазик, се оглушува на повиците за одбележување на годишнините од издавањето на „Абецедарот“, ги опструира сенародните прослави на Македонците во егејскиот дел или, едноставно кажано, од петни жили се обидува тие луѓе да ги направи невидливи.
Ист однос кон македонското малцинство има и бугарската држава, која постојано се вади на својот устав, со констатација дека бугарскиот устав не признава малцинства, но дури и да признавал, во „Бугарија немало македонско малцинство“, без оглед што се добиени еден куп пресуди од Судот за човекови права во Стразбур, во кои се бара од бугарската држава да дозволи формирање здруженија на Македонците во Пиринска Македонија.
Непризнавањето на македонското малцинство и спомениците што говорат за нивното вековно присуство на тие територии од страна на Грција и Бугарија е исклучиво со една и единствена цел – да се докаже таму немало Македонци, а главната нивна теза е дека ако нема Македонци во соседството, тогаш ги нема ниту во нивната држава Република Македонија.
Во консултации со домашни експерти и добро упатени извори во малцинските политики беше констатирано дека станува збор за процес на бришење на секакво македонско присуство на овие простори, почнувајќи од ретуширање на спомениците, преку непризнавање на цел еден народ.
– Бугарија не реагира оти има комплекс од Грција, како влијателна членка во ЕУ. Второ, официјална Софија не реагира за спомениците/паметниците на грчка територија од едноставна причина, а тоа е дека тие се – македонски. Во егејскиот дел имало пред сѐ и над сѐ Македонци, тоа го покажуваат сите историски факти. Но бугарската намера е да ги присвои тие паметници и историски артефакти и да ги прикаже како свои. Така, и Бугарија има нихилистички тенденции спрема македонските инсигнии на територијата на Грција, а и Грција има исти такви деноминирачки тенденции кон сѐ што значи македонски идентитет и во Грција, а и надвор од Грција. Истото тоа го прави и во Албанија, но и на Косово. Малку потешко ѝ оди во Србија, но и таму прави притисок. Во целата оваа работа е нејасна ЕУ, која не реагира кај своите земји членки поради непочитување на малцинските права, недозволување малцинствата слободно да ги артикулираат сопствениот идентитет, јазик и култура, но и поради рекреирањето на историјата. Тоа само говори за „демократскиот“ капацитет на овие две држави во поглед на малцинствата, а тоа говори и за самата Европа, која го толерира тоа – посочуваат познавачите.