Фото: Архива на „Нова Македонија“

Преку верата, солидарноста и меѓусебната поддршка градиме единство над поделбите

  • Денешниот муслимански празник Рамазан бајрам, празник на простувањето, солидарноста и заедништвото, наметнува потреба од една подлабока општествена рефлексија. Честитките и најубавите желби за мир, здравје и благосостојба до сите верници не треба да бидат само формален чин туку и можност да се потсетиме на суштинските вредности што треба да го држат едно општество обединето. Во време кога некој упорно се обидува да ги продлабочи поделбите, по верска, национална и политичка основа, токму овој празник нè повикува да го преиспитаме правецот во кој се движиме како заедница

Денес, кога некој се обидува да ги негира македонските национални особености, јазикот, историјата, културата и обичаите, предрасудите кон припадниците на македонскиот народ од исламска вероисповед претставуваат не само апсурд туку и сериозен удар врз здравиот разум. Наместо да се зацврсти националната кохезија, се создаваат вештачки линии на раздор, кои директно го ослабуваат општественото ткиво.

Предрасудата како системски проблем

Предрасудата, според современата лингвистика, е однапред формиран суд, и тоа негативен и ирационален став насочен кон поединец или група без реална основа. Во македонскиот контекст, таа не е само индивидуален проблем туку често има и институционални манифестации.
Сведоштвата на припадниците на македонскиот народ од исламска вероисповед укажуваат на случаи кога институциите не ги третирале правично… Дете со муслиманско име, иако формално заведено како етнички Македонец, било административно евидентирано како припадник на друга етничка заедница. Ова не е само бирократска грешка, туку пример на длабока структурна дискриминација што создава чувство на отуѓеност и недоверба кон системот. Таквите појави не се изолирани, туку се дел од поширок проблем што го следи македонското општество уште од создавањето на современата држава. Иако формално постои рамка што гарантира еднаквост, во пракса честопати се јавуваат опструкции што ја поткопуваат таа рамка.

Идентитетот не е прашање на вера

Ако поимот „народ“ го разбереме како заедница што има заеднички јазик, култура, историска меморија и обичаи, тогаш припадниците на македонскиот народ од исламска вероисповед природно му припаѓаат на македонскиот национален корпус. Верата, како духовна категорија, не ја дефинира етничката припадност. Националниот идентитет се наследува, додека религискиот може да се промени. Оваа суштинска разлика често намерно се замаглува, со цел да се создаде конфузија и да се поттикнат поделби. Токму тука лежи еден од најсериозните предизвици, а тоа е манипулацијата со верската припадност како средство за редефинирање на националниот идентитет.

Неизвесната состојба и обидите за манипулација

Македонските муслимани (етнички Македонци со исламска вероисповед) со децении се наоѓаат во специфична неизвесна позиција. Од една страна, тие се дел од македонската културна и историска традиција; од друга, постојат континуирани обиди да бидат оттурнати или редефинирани како нешто друго. Овие обиди не се случајни. Конфесионалната припадност се користи како инструмент за политичка и геостратешка манипулација со цел да се оттурнат од македонскиот национален супстрат, па дури и да се создаде антагонизам меѓу нив и преостанатите Македонци. Тоа е процес што трае со децении, а неговите последици се видливи и денес. Особено загрижува фактот што ваквите влијанија не се ограничени само внатре во државата. Тие се присутни и во регионот. На пример во Албанија, Косово, Бугарија, Грција и во јужна Србија, каде што живеат заедници со македонско етничко потекло. Таму, исто така, се забележуваат обиди за нивна асимилација или редефинирање.

Невестинска носија на Македонка од исламска вероисповед од село Броштица, Дебарско / Фото: Горан Анастасовски

Два света на паралелни шини

И покрај четири децении (слаби) обиди за интеграција, реалноста покажува дека сè уште постои значителна дистанца меѓу Македонците од православна и од исламска вероисповед. Често овој однос се опишува како два воза што се движат по паралелни шини – блиску, но без вистинска интеракција. Оваа метафора не е само слика туку реален опис на социјалната динамика. Недостига вистинска длабинска интеграција, токму онаква каква што не се сведува на декларации, туку се чувствува во секојдневниот живот, во образованието, институциите и во јавниот дискурс.

Улогата на институциите и одговорноста на општеството

Државата сега има јасен предизвик, но и еден вид сериозна обврска. Тоа е да обезбеди правична и инклузивна политика што ќе ги третира припадниците на македонскиот народ од исламска вероисповед како рамноправни носители на националната културна меморија. Тоа подразбира не само формална еднаквост туку и активна институционална чувствителност. Македонија, и де јуре и де факто, нуди можности за слободно изразување на идентитетот на сите граѓани во неа, односно јазик, образование, култура. Но тие можности во локалната самоуправа, особено во делови од западниот дел на Македонија, често се соочуваат со опструкции, па дури и саботажи од различни центри на моќ. Тие деструктивни влијанија имаат цел да го ослабат општественото единство и да создадат трајни поделби.

Рамазан бајрам како порака

Во таа смисла, Рамазан бајрам доаѓа како силен симболичен момент. Неговата порака за помагање, солидарност и простување е директен одговор на сите обиди за поделба. Тој нè потсетува дека различностите не се закана, туку богатство – доколку се прифатат како дел од заедничката целина. Честитките за празникот треба да бидат проследени со искрена општествена волја да се надминат предрасудите и да се затвори поглавјето на недоверба и поделби.

Јасна линија на заедништво во разликите

Според повеќе наши соговорници, претставници од заедницата на Македонците муслимани, заклучокот на медиумската кампања, искажувања, интервјуа, колумни и ставови, што подолго време ја третира „Нова Македонија“ како свој предизвик и истражување е дека заедничкиот именител на сите становишта е недвосмислен.
– Припадниците на македонскиот народ од исламска вероисповед се нераскинлив дел од македонската нација. Секоја политика, наратив или практика што го доведува тоа во прашање не само што е погрешна туку е и штетна за целото општество. Неизвесноста мора да заврши. Потребна е јасна, доследна и правична политика што ќе ја зацврсти интеграцијата и ќе стави крај на сите обиди за манипулација. Само така Македонија може да изгради вистинско национално единство – не како декларација, туку како реалност – вели нашиот соговорник, академик од МАНУ.
Во духот на Рамазан бајрам, пораката е едноставна: Заедништвото не е избор, туку предуслов за опстанок и напредок на Македонија!


„Нова Македонија“ го актуализира прашањето за положбата на Македонците муслимани

„Нова Македонија“ преку низа написи од истакнати интелектуалци и од академската јавност укажа на положбата на Македонците муслимани и на неправдите со кои се соочуваат, особено при негирање на нивната националност и јасната припадност кон Македонија, која е зачувана со векови.
На оваа тематика свои стручни излагања во нашиот весник имаа академик Катица Ќулавкова, како и адвокатот Тони Менкиноски, преку написи во повеќе продолженија, осврнувајќи се на јазичните и религиските аспекти на македонскиот идентитет, односно за филетизмот, со што преку факти и аргументи ги отфрлија неправедните негирања на правото на македонско национално определување со кои се соочува оваа заедница.
Во серијалот стручни написи беше посочено системското поткопување на националните и верски чувства на Македонците од исламска вероисповед со што се удира врз општествената хармонија и се врши тивка, а понекогаш и присилна асимилација, како што е забележано. Текстовите предизвикаа повеќе позитивни, дури и изненадувачки воодушевувачки реакции во јавноста, поради реанимирање на оваа тема, а особено од Македонците од исламска вероисповед. Р.Н.М.