Обработка и колоризација: Дејан Јовески/Нова Македонија

Промоција на тритомно издание за Рацин денеска во МАНУ

Денеска, на 7 април 2025 година, во Македонската академија на науките и уметностите, во Скопје, со почеток во 13 часот ќе биде одржано претставување на тритомното издание за Кочо Рацин – поезија, проза, животопис. Поздравна реч ќе има академик Живко Попов, претседател на МАНУ. Воведната реч ќе биде на академик Катица Ќулавкова, главен редактор на тритомното издание. Промотори ќе бидат: проф. д-р Венко Андоновски, дописен член на МАНУ, како приредувач на том 1, проф. д-р. Искра Тасевска Хаџи-Бошкова, како приредувач на том 2, и проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, како приредувач на том 3. Според програмата за промоцијата, предвидено е стихови од Рацин да читаат Лора Штаго и Ангела Пејковска, студентки на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а проф. д-р Драган Даутовски ќе има своја изведба на кавал.

Ќулафкова: Поезијата на Рацин – мислителот и борец за правда и по еден век е жив македонски отслик на стварноста

Во врска со тритомното издание за Кочо Рацин во воведната реч на академик Катица се истакнува: „И по повеќе од осум децении книжевното творештво на Кочо Рацин нема доживеано темелно и интегрално критичко издание во својата матична, македонска културна и научна средина. Речиси четириесет години Рациновото прозно уметничко и публицистичко дело не наидува на соодветен научен одговор, па ни на достоен национален возврат, каков што заслужува. Се добива впечаток дека спласнува сеќавањето за Рацин како последица на неговото отсуство или недоволно присуство во образовниот систем, во медиумите и во критиката. Македонската академија на науки и уметностите одржа два свечени собира последниве две децении, но не е реализиран проект од типот на критичко издание на целокупните дела на Кочо Рацин, проект кој подразбира темелно архивско, споредбено истражување, дигитализација, превод, компаративно и осовременето критичко толкување“.
Натаму Ќулафкова посочува: „Ова тритомно издание посветено на животот и делото на Рацин е непретенциозно во смисла на тоа да биде плод на темелна истражувачка, архивска, споредбена, преводна и критичка работа (со сите неопходни технички коментари). За кратко време требаше да се подготви едно ’вонвремено‘ издание. Пристапивме, како екипа, објективно, за да го актуализираме на најдобар можен начин вонсерискиот лик и дело на Кочо Рацин. Ова тритомно издание е составено од три коавторски томови-книги: првиот том е во авторство на Кочо Рацин и на Венко Андоновски. Во првиот дел од овој том, поезијата на Рацин е објавена (речиси) интегрално, изворно и во препев на македонски (таму каде што тоа е објективно потребно), а во вториот дел е објавена обемната, сеопфатна и извонредна толкувачка и метакритичка студија на дописниот член на МАНУ и редовен професор д-р Венко Андоновски, проследена со соодветен илустративен фактографски материјал.
Вториот том е во авторство на Кочо Рацин и на редовниот професор д-р Искра Тасевска Хаџи-Бошкова, а е посветен на Рациновиот фикционален и нефикционален опус, заправо на неговата проза, публицистика и есеистика, при што содржи и некои до сега необјавени на македонски текстови на Рацин. Третиот том претставува интегрален животопис/биографија на Рацин и негов автор е редовниот професор д-р Весна Мојсова Чепишевска. Овој том има метабиографска, фактографска, архивска, но донекаде и есеистичка структура. Тој е обилно проследен со илустративен материјал за животот на Рацин“.
Според акад. Ќулафкова, ова тритомно издание претставува и пофалба на делото на Рацин, на неговиот животен и творечки подвиг, на неговата втемелувачка, сподвижничка, визионерска, прогресивна, хумана и револуционерна природа.
– Рацин не е само име на една стилска епоха туку и на една филозофија на праведното и достоинственото постоење на човекот и на човештвото. Ова издание би требало да биде омилена лектира за македонските читатели во и вон Македонија, независно од нивната возраст и социокултурна припадност. Рацин обединува таков каков што е: страстен човек, надарен поет, бескомпромисен борец за правда, бранител на обесправените и угнетените, рафиниран мислител, пасиониран истражувач, самоук вајар на глинени и јазични творби, хуманист, футурист, интернационалист. Рацин ја доживеал изворно македонската драма и затоа можел да ја опише нејзината суштина. Рацин дошол, видел и останал во светот. На македонски начин. Поради тоа, неговата најдобра поезија од пред еден век и денес се чита како да е жив отслик на стварноста. Македонско селфи. Кога се знае дека историјата се повторува, оти таа има свои системски правила и законитости, тогаш може да сметаме дека Рацин ја доловил суштината на историјата, гледајќи ја со едното око на македонски начин, а со другото – на општочовечки“ – нагласува главниот редактор акад. Катица Ќулафкова во својата воведна реч кон тритомното издание за Кочо Рацин.
Патрони, иницијатори и покровители на ова тритомно издание се угледните македонски бизнисмени Коста Кипровски и Ана Заковска. Македонската академија на науките и уметностите застана целосно зад тритомната едиција за Рацин како зад свој проект и се појавува во својство на издавач и промотор. П.Р.


Ракописот на Рацин дигитално оживеан на страниците на „Нова Македонија“

Промоцијата на тритомното издание за Кочо Рацин – поезија, проза, животопис – во МАНУ е убава можност за потсетување дека нашиот весник е првиот што го користи за објава автентичниот фонт инспириран од ракописот на Кочо Рацин, изработен од најеминентниот типограф кај нас Ласко Џуровски, кој ѝ го подари фонтот Рацин на „Нова Македонија“, конкретно за страниците на прилогот за култура ЛИК. Треба да се нагласи дека е од голема важност што првиот дигитално оживеан ракопис на значаен македонски уметник почна да живее токму на страниците на првиот македонски дневен весник. Голема е честа што токму „Нова Македонија“ пишува, информира и објавува со фонт создаден според ракописот од овој македонски книжевен деец, истакнат интелектуалец и творечки револуционер.
– Фонтот Рацин е прв дигитално оживеан ракопис на значаен македонски уметник, а „Нова Македонија“ е првиот македонски дневен весник, според тоа, одговорот се наметнува сам по себе, сѐ што е прво се памти – првата љубов, првата научена буква, првата прочитана книга… Затоа, сосема е логично првиот македонски фонт, инспириран од ракописот на македонски уметник, да се чита на страниците на првиот македонски дневен весник. Ми значи многу тоа што фонтот почна да живее, да дише, да се смее, да му зборува на светот преку вашите страници, да ја „везе“ вистината за уникатноста на македонскиот јазик и писмо – истакнува создавачот на фонтот, Ласко Џуровски.
Фонтот наиде на многу позитивни критики, што се должи на разбудените чувства, на трепетот на дамарите на македонската душа, кога повторно во неа одекнуваат безвременските стихови на Рацин, кои се непроценливо културно богатство, не само македонско туку и светско. Рациновиот фонт има 600 карактери, со кој може да се пишува кирилично и латинично на 93 јазици.
Со ова весникот упатува порака да ја чуваме македонската кирилица, да ја надградуваме и приспособуваме на современите барања, затоа што таа е уникатна и единствена, различна од сите други кирилски писма. Со неколку букви карактеристични само за нашето пишување, македонската азбука ги дефинира нашиот идентитет и нашата различност и посебност.
Денес кога се прават обиди за негација на посебноста на македонскиот јазик, уште поголема обврска е да се одбранат македонскиот јазик и писмо од сите такви подметнувања и напади. Македонската кирилица е еден од нашите најголеми брендови со кои треба да се гордееме, а низ фонтот на Рацин, кој е полн со историја, емоции, симболика, одекнуваат неговите безвременски стихови, кои се наше непроценливо културно наследство. Во таа смисла и самиот Рацин подвлекува: „Јазикот – тоа е голема сила на народот, на нацијата. Да му го земеш јазикот, тоа значи да му ја земеш душата, да го лишиш од неговиот национален персоналитет“.

Весна Дамчевска