Перцепцијата за жената во Македонија во 19 век како затворена, традиционална и неписмена домаќинка на македонското семејство полека исчезнува со откривањето и презентирањето материјали што покажуваат значителни активности на жените на повеќе полиња: образование, револуционерна борба, литература. Во тој контекст, израснувањето на жената како индивидуа во традиционално патријархалната средина било исклучителен подвиг. Токму за овие теми се зборува во книгата „Жени во македонската книжевност од 19 век“ од д-р Славчо Ковилоски, која е во издание на Институтот за македонска литература и неодамна беше објавена. Книгата, за првпат во македонската книжевна наука, на едно место нуди биографии на досега непознати или малку познати македонски жени со кои започнале развојот на македонското женско творештво (женско писмо) и појавата и развојот на феминистичкото движење и на првите македонски женски револуционерни и просветни друштва. Така, свое место тука ќе најдат повеќе статии, првата полемика водена од македонска жена, првиот расказ, епистоларија, како и првата пиеса и песна пронајдени во ракопис во приватен архив. На таков начин се надминува сликата за немост на македонските жени и ним им се овозможува како авторки да го заземат своето место во македонските книжевни канони. Ќе ги презентираме биографиите и творештвата на повеќе македонски жени од втората половина на 19 век и почетокот на 20 век, кои активно се вклучиле во јавниот живот, а досега биле малку познати или сосема непознати: Славка Динкова, Митра Миладинова, Јанка Каневчева, Царевна Миладинова-Алексиева, Евтимица Јанчева, Анастасија Милошова, Евгенија Јанчулева, Марија Зрнева, Султана Чикмакова, Олга Маџарова, монахињата Параскева, Параскева Димкова и Дафа Цепенкова, сестра на Марко Цепенков. Авторот д-р Славчо Ковилоски работи како научен истражувач во Институтот за македонска литература, автор е на повеќе монографии за македонската културна историја од 19 век, добитник е на државната награда за наука „Гоце Делчев“ и повеќе од една деценија работи на истражувања поврзани со појавата и развојот на македонското женско прашање

Македонки што пишуваат и се борат за женските права во 19 и 20 век (5)

Кога на виделина се појавува нечија дотогаш непозната книжевна и ракописна оставина, за истражувачот тоа претставува неизмерлив успех. Барањето на ваквите ракописи честопати знае да трае со години и, притоа, да се заврши безуспешно. Затоа, кога ќе се откријат, потребно е извесно време за мерење и премерување на нивното значење. Да се нурнеме во еден нов, необработен фонд на непознат автор значи да отвориме нова, сосема непозната страница на македонската литература. Тоа во голема мера значи поместување на границите на разните теориски согледби и категоризации, особено кога станува збор за жена, за авторка, за љубопитен дух што хартијата и мастилото ги имал за свои најголеми пријатели.
Нашиот однос спрема новопронајдените материјали од младата ученичка Анастасија Милошова од Прилеп во најмала мера е воодушевувачки, особено кога досега повеќепати од книжевната историја беше нагласувана оскудноста на нашата литература со дела што претендираат кон естетика, односно дела од убавата литература. Случајот со новопронајдената книжевна оставина на Анастасија Милошова само го потврдува правилото дека пред нас има и стојат уште непознати страници и непознати автори, кои допрва треба да ѝ бидат приопштени на македонската наука и читателска публика.
Милошова (некаде запишана и како Милошева) била родена некаде околу 1880 година во Прилеп во крајно сиромашно семејство. Анастасија имала уште четири помали сестри. Рано останала без татко ѝ, па за неа, како знаела и умеела, се грижела само мајка ѝ. Основното образование го завршила во родниот град. Поднела барање за помош, па откако ѝ било одобрено, ја примиле како стипендистка во Битолското класно училиште (прогимназија), чиј трети клас го завршила во 1895 година. Во таква ситуација, кога „мојата пламена желба е да го продолжам учењето“, единствена можност била да побара повторно помош: „нашата крајна бедност ме тера да поднесам молба за стипендија“, овој пат Солунската егзархиска женска гимназија, откако повторно добила стипендија во 1896 година. Гимназијата ја завршила во 1898 година, како дел од нејзината осма генерација, односно ученички со завршен шести клас и матура. По завршувањето на училиштето таа станала учителка во Струга, се омажила за Петар Василев од Охрид и остварила блиски пријателски врски со голем број Македонки од цела Македонија.
Она што е значајно за нас и за историјата на македонската литература е нејзината книжевна оставина зачувана во камените ѕидови покриени со малтер во една стара куќа. Зошто и од кого биле скриени овие материјали, можеме само да нагаѓаме. Оваа книжевна оставина ја сочинуваат повеќе тетратки и учебници по различни предмети. Покрај тетратките, зачувани се и неколку ливчиња испишани од раката на А. Милошова, кои фрлаат нови податоци и знаења за појавата и развојот на македонското женско творештво од тој период.
Најпрвин, најгоре на еден лист, испишан со ракопис од двете страни, стои запис со жанровска определба „Разговор“, а под него и наслов „Пенка и Марика“. Всушност, според нашите сознанија, овој текст е првата регистриранa сценка во македонската литература од 19 век, напишан од жена. Слично на дидактичките драмолетки на Јордан Хаџи Константинов-Џинот, и Милошова преку двата главни женски лика, дечињата Пенка и Марика, преку возбудлив драмски дијалог раскажува за потребите и значењето на образованието. Со тоа, македонската драма од ова време се збогатува со уште едно ново име и нова творба. На почетокот на сценката е дадена слика на местото на дејството, односно локализација на настаните. Така, една под друга се наоѓаат следните реченици, кои ги претставуваат дидаскалиите: „(Пенка си игра на патот)“ и „(Марика со книги си доаѓа од училиште)“. Тие се информативни, па по вака поставената рамка, следува „разговорот“ меѓу двете деца, кој е жив и стилистички обоен. Од едната страна се наоѓа девојчето Марика, која е ученичка и по завршувањето на часовите се враќа дома. Наспроти неа се наоѓа девојчето Пенка, нејзина другарка, која не посетува училиште и која си игра на улицата. Меѓу нив се разврзува разговор што започнува со зборовите: „Добар ден, Пенке! Што правиш тука на земјата без никаква полза?“. Тие, всушност, ја означуваат суштината на нивниот дијалог. Тој се однесува на „ползата“ од училиштето, наспроти убавината на непречената детска игра, која не познава други знаења освен оние од улицата.
Понатаму, уште еден самостоен лист, повторно испишан со ракопис од двете страни, ја збогатува македонската литература со една поетска творба и неколку размисли. Најодозгора на листот го евидентираме потписот: Милошева.

Ненасловената песничка е сочинета од три строфи со по три стиха и, колку што нам ни е познато, таа е првата откриена песна запишана од македонска жена во 19 век. Стиховите се кратки и без рима. Како што може да се увиди уште од првиот стих, темата на песната е идеалот, односно потребата од некаков мотив, желба, надеж, нешто што ќе го води човекот низ животот: „Без идеал / на овој свет / не се живее“, пишува младата авторка.
Размислите, пак, ги толкуваме како вежби за изразот и стилот. Така, на пример, под реден број 2 стои запишана реченицата: „’Господине’, се обрати еден минувач, кој се обрна кон преведувачот, ‘господине офицер’, ве известувам дека носот ви е замрзнат“. Како продолжение на неврзаните реченици, под точка 4 стои: „Без сомнение, носот ви замрзнал“. Овие обрасци и вежби се срочени во седум точки, кои функционираат одделно и се чини дека немаат никаква допирна точка едни со други. Од листовите што се напишани во вид на обраќања, ќе ги споменеме само текстот „Св. Кирил и Методиј“, кој всушност претставува кратка биографска скица од животите на двајцата словенски просветители, и други два листа од голем формат, целосно испишани од двете страни, кои се со морализаторски карактер и се однесуваат на божјиот дом, на човекот, на смртта, еден вид проштален говор кон покојник, во вид на посмртните слова на Григор Прличев.
Книжевна оставина на Анастасија Милошова внесува свежина во нашето разбирање за образовните насоки и материјали во училиштата во Македонија во 19 век, но пред сè во нашата интерпретација на женското творештво, на поривите да се пишува и да се остават некаков запис и трага за своето постоење. Токму затоа неа ја именувавме како: скриената надеж на македонската литература од 19 век.

Славчо Ковилоски

Продолжува