Најрелевантната, Организацијата за храна и за ветеринарство при Обединетите нации пред некој ден повторно ја предупреди светската јавност дека во текот на изминатите две години, пандемијата и војната во Украина ѝ зададоа многу удари на глобалната сигурност на храната. Потврда за тоа е и постојаниот раст на цената на храната, но и прогнозите за нејзин недостиг во иднина. Македонија има големи можности и перспективи за домашно производство на квалитетна храна, за што сведочи и оваа наша репортажа од падините на Долно Соње

ЕДЕН НОВ ПОГЛЕД НА СВЕТСКИОТ ПРОБЛЕМ СО НЕДОСТИГОТ ОД ХРАНА НИЗ ПРИЗМАТА НА ЈАВНИТЕ ЛИЧНОСТИ

Иако зимата упорно настојува да оттргне уште понекој ден од пролетта, голем број жители на главниот град побрзаа да си да ги подготват своите селски имоти за претстојната, но и за сезоните што следуваат по неа, во кои според повеќето прогнози, на сите актуелни тешкотии ќе им биде придодаден и проблемот со производството и со снабдувањето со храна. Ние, пак, во потрага по топлина од сончевата страна на Водно, на падините на кои, помеѓу многу други, е распослано и скопското село Долно Соње, наидовме на навистина необична глетка.

Жесток со зборови, смирен со градинарски ножици

Човекот, за кој многумина би можеле да кажат оти не се занимава со ништо друго, освен со жестоките настапи во одбраната на македонските национални интереси со своето речиси секојдневно присуство во медиумите, сосема смирено, крајно фокусирано и со очигледното задоволство, ги подрежуваше овошките уредно построени како војска во исчекување смотра. Исто како што со зборовите се бори за Македонија, така и со градинарски ножици се бори за полесно и поквалитетно преживување на своето семејство во овие тешки времиња, кои, како што и самиот вели, не навестуваат нималку лесна иднина.
Сцена, сосема невообичаена за сончевата страна на Водно каде што интензивната изградба на објекти за живеење и за одмор, но и за деловни цели, барем во делот што е блиску до каква-таква инфраструктура, не остави многу простор за земјоделството, дури ни во обем доволен за намирување на потребите на едно просечно семејство. Се правдаат дека селата од другата страна на Водно имаат проблем со водоснабдувањето. Но нашиот ненадеен соговорник, овој пат во улога на посветен земјоделец, или поточно овоштар, а инаку поранешен македонски дипломат и сѐ уште мошне активен учесник во јавните дебати на темите што се однесуваат на меѓународната положба на Македонија, Ристо Никовски, вели дека вода и за Долно и за Горно Соње и за сите села околу нив има доволно, но дека лошата организација ги остава сите без редовно водоснабдување. Затоа, тој околу неговата куќа, затскриена зад густите сенки на високите зимзелени дрвја, има неколку резервоари со вода, која, како што вели, ја набавува од локалните претприемачи.

Но ниту локалните, ниту глобалните проблеми не го спречуваат нашиот соговорник, родениот ресенчанец, кому, како што вели, земјоделството многу длабоко му е всадено во гените, на неколку илјади наследени и во меѓувреме, уште толку докупени квадратни метри земја, да му се посвети на овоштарството, со чии плодови, освен што ги намирува сезонските семејни потреби, знае да ги израдува и многубројните пријатели.

Глетка како од господ дадена

Насадите со лозје, цреши, ореви, бадеми, праски, кајсии…, но и со ресенското јаболко, како цврст бедем за преживување во овие тешки времиња, ја опкружуваат куќата, за која раскажува оти првично била наменета за одмор, но со годините и со сите предизвици што тие ги носеле, станала многу повеќе од градба, врз која се потпира веќе четврта, во моментов, средношколска генерација на Никовски.

– Татко ми, дојденец од Ресен, во 1972 година го купи имотот на кој тогаш имаше нешто стари овошки. Ја изгради куќата поради која тогаш го пцуев зашто само една од терасите имаше 60 метри квадратни. Најмногу го пцуев кога требаше да ги менувам плочките на терасата. Но сега, на овие години, токму терасата со директен поглед на Солунска Глава и, се разбира, на она што во меѓувреме овде го засадивме, ми пружа неописливо задоволство – раскажува Никовски, додека горделиво ги презентира можностите на модуларните градинарски гарнитури за седење, летната кујна, необичните видови шишарки во форма на цветови, кои тој ги нарече дрвени, од зимзеленото дрво до терасата за кое вели дека не знае од каде потекнува и дека, досега, никаде не го сретнал на своите многубројни професионални и приватни патувања низ светот.

Дење земјоделец, ноќе писател

И неговите овошки, со сопствениот ритам, за среќа, независен од драматичните глобални настани, како паметник на генерациите, стојат исправени, подготвени за нов животен циклус и за нови радости за семејството, кое во нивните сенки и плодови ќе најде спокој и цврст столб за многу повеќе ментално отколку физичко преживување во, за многумина, нестабилен и неизвесен период во кој сите, повеќе или помалку заслужно, се најдовме.
Така, во скопското село Долно Соње, оддалечено нешто повеќе од десет километри од градот, или на 15-20 минути возење и на околу 630 метри надморска височина, кое во текот на целиот ден му е изложено на сонцето, Ристо Никовски ги поминува повеќето од своите пензионерски денови. Ноќите ги поминува во станот во Скопје, во пишување книги, колумни… и во гостувања на голем број јавни дебати. Па, сепак, имотот на Никовски е еден од ретките во тамошните села за кој веќе на прв поглед може да се заклучи дека е добро одржуван, иако од навраќањето во неговата историја може да се каже оти и не било секогаш така.

Логиката на Перко

Кога, сега веќе починатиот татко на Ристо Никовски, пред повеќе децении, го купил имотот, тој имал дури осум сопственици. И тука се навраќаме на проблемот со расцепканите парцели, кој беше и остана една од поголемите пречки за развој на земјоделството во Македонија. Сведок на таквата состојба е и соседниот запуштен имот, за кој Никовски вели дека сега има пет наследници.

– Тука живееше човек, Перко го викавме, кој додека сите се занимаваа со сопствените работи, направи дури три чешми за селото и сите тогаш му се чудевме зошто залудно си го троши времето – раскажува Никовски.

Но Никовски сега, по сите поминати години без првиот сосед и со поглед на запуштената оставина, има повеќе разбирање за постапките на неговиот одамна починат сосед.

– Ќе дојдат луѓето, нека има од каде да се напијат вода – ги прераскажува тој зборовите на Перко, во обид да ја илустрира денешната состојба на негрижа за општите интереси и добра.

Цреша што може да нахрани половина село

Со надеж дека логиката на Перко некогаш ќе надвладее дури и од онаа страна на Водно, Никовски трпеливо ги одгледува своите овошки. И токму деновиве засадува нови на местата на дотраените, но и на неодамна засадените садници што не фатија корен.

– Многу сум фрустриран поради тоа што во изминатиов период на двапати купував по десет садници лозје и, замислете, ниту една не ми се прими. Како луѓето можат да продаваат таква стока. Ги контролира ли некој? – по малку резигнирано прашува тој.
А од постојните веќе добро разгранети садници, семејството цела сезона може да јаде свое грозје. Истото е и со оревите, бадемите, црешите, праските, кајсиите… За едно од постарите стебла на охридската цреша, Никовски вели дека може да нахрани половина село. Само со јаболкото, како да не е задоволен, смета дека климата не им е погодена на сортите што ги донел од Ресен.

– Раѓаат, но не издржуваат долго бидејќи тука им е топло – вели ресенчанецот.

Со костенот не помогнале ниту сите дипломатски и земјоделски вештини

Од костенот ептен е разочаран. Упорно се обидувал да го одгледа, но за разлика од раскошните костенови дрвја што растат на осојната страна на Водно, кај него не помогнале ниту сите дипломатски и земјоделски вештини, така што садниците со години не нараснале ниту за еден сантиметар.
И му веруваме дека го вложил сиот труд зашто, невообичаено за тамошната со камен густо насеана почва, на неговата парцела стапалата постојано ни пропаѓаа во земјата додека им се восхитуваме на добро одгледаните овошки. Редовно ја орал земјата околу овошките со мотокултиватор, со кој посебно се гордее, како и со сите други земјоделски алатки што како драгоцена колекција ги чува во подрумските простории.

Нова инвестиција

Се гордее и со најновата инвестиција, соседната земјоделска парцела од околу 600 квадратни метри, купена по иницијатива на неговиот син. Сега таму засадува нови овошки. Еден сноп садници сѐ уште чекаат да бидат засадени покрај штотуку ископани дупки. Се надева дека ќе имаат долг и плоден живот.

– Не се работи само за добивката. Се работи и за задоволството, кое не може да се плати со пари. Немерливо е, знаете, чувството кога со сопствени раце ќе го наберете плодот – констатира тој додека со погледот го премерува овоштарникот.

И не се плаши од фаталистичките прогнози.

– Светот нема никогаш да гладува, но поделбите ќе се продлабочуваат на штетата на сиромашните. Богатите ќе бидат уште побогати, а сиромашните – уште посиромашни – предвидува тој.

Сѐ е до организацијата

Иако сосема очекувано, ја лоцира Македонија во групата на сиромашните, тој вели оти тоа не мора да биде и нејзината перспектива.
– Македонија мора да се бори за својата иднина, а не да следи туѓи интереси. Сѐ зависи од нас самите и ако не знаеме да се избориме за она што ни припаѓа, подобра иднина и не сме заслужиле. Македонија е богата земја, може да го прехрани своето население, па дури и да извезува големи количества храна, само ако знае да се организира… – порачува Никовски.
А додека и големите и малите земјоделци во Македонија и во светот загрижено ги премеруваат своите потенцијални посеви и насади поради историски највисоките цени на семињата, горивата и ѓубривата, недостигот од работна сила и општата неизвесност предизвикана од веќе познатите фактори, некои од светските авторитети, пред некој ден, ги повика граѓаните на светот, кои, како што рече, располагаат со барем мало парче земја, да засеат и да засадат барем по нешто, во рамките на своите можности, бидејќи веќе сите делови од планетава, во поголема или во помала мера, се изложени на тешкотии во снабдувањето со храна. Во Македонија, деновиве, тоа го потврдуваат сѐ почесто испразнетите полици за овошје и зеленчук во маркетите. Иако на зелените пазари, засега, не може да се наиде на таквата глетка, првичните знакови и предупредувања не се за занемарување.

Светот ќе гладува?

И во моментов, најрелевантната, Организацијата за храна и за ветеринарство при Обединетите нации пред некој ден повторно ја предупреди светската јавност, потсетувајќи дека во текот на изминатите две години, пандемијата и војната во Украина ѝ зададоа многу удари на глобалната сигурност на храната.
Иако Македонија не увезува значителни количества храна од Украина или од Русија, нејзината зависност од увезената храна постојано се зголемува исто како и цените на храната на глобалниот пазар.
Како еден од последните одговори на кризата, Владата пред некој ден ја донесе и Програмата за спроведување интервентен фонд во земјоделството, што од многумина беше оценето како премалку и како задоцнето, со оглед на тоа што земјоделството, на кое според неподелените мислења, Македонија би можела да го темели целиот свој развој, предолго време беше запоставувано.

Д.М.М.

Фото:  Маја Јаневска-Илиева