Илустрација: „Нова Македонија“

Стотина од оние што заминале од Македонија и среќата ја бараат надвор од државата што во последниве месеци успеавме да ги анкетираме сметаат дека досега самите политички елити генерираа негативни општествени состојби: корупција, нефункционални државни институции (здравство, образование, култура), невалоризација на трудот, клиентелизам и протекционизам, партизација, немање мерит-систем, корумпирано судство, политички елитизам… Овие причини се еднаков мотив за заминување од земјата како и економските причини и подобрите можности за личен развој. Нивната порака беше во пакет со дијагноза за досегашните состојби, но и предизвик со кој треба да се справиме

Иселувањето од Македонија – уште една состојба со која општеството треба ефикасно да се справи

И покрај печалбарската традиција, современото иселување од Македонија секоја година добива сѐ позагрижувачки димензии, кој на последниот попис од 2021 година се покажа дека резултирал со намалување на резидентното население за околу 200.000 жители, во период од дваесетина година, т.е. од претходниот попис. Како своевиден посебен „фајл“ во оваа состојба на континуирано иселување од државата на жители од различни возрасти е иселувањето на младите. Дали иселувањето на младите е привремено, за сезонска работа, за студирање, или со тенденција за трајно иселување – сепак тоа ја прави сериозно непредвидлива иднината на државата, во смисла на непредвидливост на потенцијалот во човечки ресурси за нејзин развој, по сите можни основи!

Причини за барање работа во странство

Кога конкретно се соочуваат со одлуката за заминување на работа во странство, главната причина за преземање таков потег на луѓето од Македонија е што таа пригода ја гледаат како најдобра опција за себе и обезбедување на својата иднина. Главниот аргумент најчесто е верувањето во (по)брза заработувачка на (по)високи суми, кои би им обезбедиле полесен живот отколку кога би останале во Македонија. Навидум значи – причината зошто работата во странство е атрактивна за современите печалбари е пред сѐ од економска природа. Но голем е бројот на луѓе што кога ќе најдат работа, повеќе и не се враќаат во Македонија.
Понатаму, покрај подобрите економски услови за младите што работат и бараат работа во странство, главен адут е можноста да се развиваат во својата професија, да се надградуваат и да нижат успеси, за разлика од Македонија, каде што прашање е дали воопшто може да најдат работа што соодветно ќе се валоризира.
Но заеднички именител за сите со кои разговаравме последниве неколку месеци е тоа што многу силни причини за заминување од Македонија се и хроничните општествени слабости, со кои политичките елити досега не успеаја да се справат. Стотина од оние што заминале од Македонија и среќата ја бараат надвор од државата што во последниве месеци успеавме да ги анкетираме сметаат дека досега самите политички елити генерираа негативни општествени состојби: корупција, нефункционални државни институции (здравство, образование, култура), невалоризација на трудот, клиентелизам и протекционизам, партизација, немање мерит-систем, корумпирано судство, политички елитизам…

Различни профили македонски граѓани заинтересирани и за сезонска работа

Веќе не е ни табу-тема во македонското општество дека вработени во администрацијата земаат некаквиси „неплатени одмори за сезонска работа“ (иако законски таква форма не постои), потоа боледувања и слично, за извесно време да престојуваат во странство. Некои полуформални статистики и информации укажуваат дека „најпопуларни“ земји за сезонска работа за Македонците се Хрватска и Германија. Уште на почетокот на годинава повеќе од 4.000 македонски граѓани добиле дозвола за престој и работа во Хрватска, која и ова лето се соочува со огромен недостиг од сезонски работници. Според изјава од хрватското министерство за внатрешни работи за македонски медиум, бројот на одобрените работни дозволи за македонските граѓани е зголемен за 60 отсто во споредба со истиот период минатата година. Според извештај на Светската банка, наречен „Миграцијата и одливот на мозоци во Европа и Централна Азија“, четвртина Македонци родени во земјата, односно 25,7 отсто, живееле надвор од земјата.

Несоодветните реформи во образовниот систем, здравството, стопанството…
генерираат сериозни емиграциски бранови

Недостигот од општествен развој и немањето перспектива се главните причини зошто младите својата иднина не ја гледаат во својата земја туку некаде надвор, во западните земји. Споредбата на состојбите од последните два пописа во Македонија, во временско растојание од речиси 20 години, укажува дека 77.000 млади луѓе се иселиле од Македонија во тој период. Податоците од одредени истражувања алармираат за потребата од подготвување државни политики преку кои ќе се овозможи младите да останат во земјава и нивниот потенцијал да биде соодветно искористен.
Несоодветните реформи во образовниот систем, лошата состојба на здравството, недоволниот кадар и лошото функционирање на државните институции се само мал дел од оние работи што граѓаните би сакале да се променат. Најголемиот дел млади се одлучуваат на чекорот за заминување во странство поради градење кариера и барање подобар животен стандард и стабилна егзистенција. Оттука можеби и произлегува вербата дека во другите држави ќе ги задоволат своите потреби во однос на сигурноста и обезбедување квалитетен живот. Разочарани од целокупната ситуација во државата, младите најчесто знаат да речат дека се чувствуваат како граѓани од втор ред во сопствената земја бидејќи, како што велат, властите не прават ништо за тие да останат. Проблемот го гледаат во погрешните политики во изминатите 30 години, особено во последните години, кои произведувале работна сила што не одговара на потребите на пазарот. Во врска со ова прашање постојат и податоци од истражувањето и споредбата на минималните плати во регионот и кај нас, што покажува дека во тој опсег сме претпоследни на таа листа. Но ниската минималната плата е само последица на еден подлабок проблем, а тоа е создавањето на целокупниот „економски колач“. Длабоките стопански реформи што следуваат треба да резултираат со висок економски раст и БДП. Тоа ќе создаде основ за силен мотив на младите за останување во својата татковина. За жал, младите овде досега не го добиваа она што им е потребно, ниту квалитетно образование, ниту квалитетни и добро платени работни места, а со тоа не можат да си ги остварат и своите желби и соништа.


Студии во странство – прв чекор за трајно иселување на младите

Државниот завод за статистика не води статистика за тоа колку наши државјани заминуваат на студирање во странство.
Најблиску до ваква бројка се податоците на Фондот за здравствено осигурување, кои се добиени врз основа на бројот на издадени потврди за користење здравствени услуги во странство. Но, и таа бројка не може да се смета за конечна, бидејќи такви потврди се издаваат само кога се студира во земји со кои Македонија има склучено договори за здравствено осигурување, а тоа се досега 18 држави.
Според овие податоци, од Македонија на студии во странство годишно заминуваат над 1.500 граѓани, од кои најмногу во Словенија, по што следуваат Германија, Турција, Италија, Бугарија, Србија, Хрватска Холандија, Австрија. Помал број студенти вакви потврди во последните неколку години побарале и за студирање во Чешка, Франција, Белгија Унгарија, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Луксембург и Словачка.
Ако се соберат овие бројки за последните две години и првите месеци од годинава, вкупната бројка на издадени потврди е 3.083 лица за студирање во странство.


Медицинските сестри од Македонија најбарани во странство, но тоа создава дефицит од овој кадар во македонското здравство

Со зголемената тенденција на иселување, Македонија се соочува со сериозен недостиг од медицински сестри, што предизвикува загриженост за одржливоста на здравствениот систем. Според последните извештаи, бројот на медицински сестри што ги напуштаат домашните болници во замена за поплатена работа во странство е во пораст, што резултира со критичен дефицит на овој витален здравствен кадар. Овој тренд на иселување не само што ја ослабува способноста на земјата да обезбеди основна здравствена заштита туку исто така го зголемува и притисокот врз другите медицински работници, кои остануваат да работат под зголемени оптоварувања. Експертите предупредуваат дека ако овој тренд продолжи, може да се соочиме со сериозна криза, која би можела да има долготрајни последици по здравјето на нацијата.


Стапиците во огласите за вработување во странство

И покрај силниот тренд кај македонските граѓани на барање работа во странство, често се слуша и за измамени работници, кои заминувајќи на работа во странство се сретнале со одредени непријатности. Сепак, во потрагата на подобар живот во странство мора да се внимава на кои огласи конкурираат работниците од Македонија и кој посредува до бараната работа. Со тешко срце, но во интерес на граѓаните, издвојуваме дека доколку се решат за работа надвор од Македонија, првото нешто на кое треба да обрнат особено внимание е добар избор на агенција за посредување. Важно е агенцијата да биде регистрирана и да има дозвола за работа. Заради заштита на младите, би потенцирале да не се заминува во странство сѐ додека претходно не се потпише договор за работа помеѓу работодавецот и работникот. Со тој договор се штитат правата на работникот што се предвидени со закон. Во договорот мора да бидат наведени сите услови за работата, како и меѓусебните права и обврски што ги имаат работодавецот и работникот. Освен тоа, со договорот мора да бидат обезбедени сите трошоци – општи, здравствени, како и трошоци за превоз и живот во странство.
Секако, доколку дојде до одредени непријатности и непочитување на договорот за работа од страна на работодавецот, работниците може да се обратат за помош во македонското дипломатско-конзуларно претставништво. Сепак, на крајот да потенцираме дека Македонија има потенцијал и капацитет да ги задржи и да се грижи за своите млади поколенија. Препорака на повеќе наши соговорници е дека е добро двапати да се размисли во врска со заминувањето во странство, бидејќи, според нив, се отвора ново поглавје, кое ќе отвори нови и подобри перспективи за сите граѓани.