Мито Хаџивасилев - Јасмин

Хаџивасилев е многу повеќе од новинар и публицист, имено, тој е директен учесник во македонската Народноослободителна и антифашистичка борба во Втората светска војна, преку своите текстови кристално јасно ги заштитува македонските национални и политички интереси, а се пројавува и како промотор на македонските национални особености и критичар на сите националистички и шовинистички дејанија против македонскиот народ

Повод – 102 години од раѓањето на Мито Хаџивасилев-Јасмин

Денеска се одбележуваат 102 години од раѓањето на Мито Хаџивасилев-Јасмин, личност што во македонската национална меморија останува запаметена како првото перо на македонското новинарство и публицистика, како и главен и одговорен уредник на весникот „Нова Македонија“. Но Хаџивасилев е многу повеќе од новинар и публицист, имено, тој е директен учесник во македонската Народноослободителна и антифашистичка борба во Втората светска војна, преку своите текстови кристално јасно ги заштитува македонските национални и политички интереси, а се пројавува и како промотор на македонските национални особености и критичар на сите националистички и шовинистички дејанија против македонскиот народ. Неговата богата публицистичка и теоретска дејност е собрана и објавена во неколку тома. Мито Хаџивасилев-Јасмин е автор на повеќе книги и брошури, а меѓу нив од областа на македонската национална историја се „ВМРО-Обединета“, „Јане Сандански“ и „За великобугарскиот шовинизам“, од областа на општествените науки „Свртени кон човекот“, „СКЈ и непосредната демократија“, „Социјалистичката распределба според трудот“, „Одраз-Израз“, „За противречностите на социјализмот“, „Односите меѓу социјалистичките земји и проблемот на мирот“. Во негова чест, во Македонија од 1969 година се доделува државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“, со која се оддава признание за остварувања во областа на публицистиката и новинарството.

Народноослободителна и антифашистичка борба

Животниот пат на Хаџивасилев започнува во Кавадарци, каде што е роден на 21 декември 1922 година. Се преселува во Битола каде што завршува гимназија, а уште во училишните клупи е под влијание на левичарските идеи. Во 1940 година, како 18-годишен младинец е примен во членство во КПЈ, а непосредно пред Втората светска војна е член на Месниот комитет во Кавадарци и секретар на МК на СКОЈ. Според првиот претседател на Собранието на самостојна и суверена Република Македонија, Стојан Андов, кон крајот на март 1941 година, Мито Хаџивасилев–Јасмин бил затворен во велешкиот затвор. Тука редовно бил претепуван и носен раскрвавен во ќелијата. Тој не признал ништо, нагласува Андов.
– Многу е интересно неговото ослободување од затворот. Всушност, тој имал вујко, познат во сите краишта на тогашна Југославија како Чика Љуба Вељковиќ, голем шверцер со афионски катран и морфиум, со врски и канали дури до Франција… Чика Љуба отишол право кај директорот и му дал еден грст долари и германски марки. Директорот веднаш се претворил во послушно јагне и го прашал Чика Љуба зошто му ги дава тие пари. Тој му рекол дека сака да го види затвореникот Мито Хаџивасиљевиќ. Отишле двајцата во затворската ќелија, а Јасмин, бидејќи не очекувал таква посета, целиот стуткан и крвав од последното тепање, се потресол кога го видел Чика Љуба. Овој веднаш го прашал: „А бре, внучко, дали ти некого си убил?“ Јасмин му одговорил дека не убил никого. „Мито, да не си силувал, бре, некоја туѓа жена или девојка?“ „Не“, рекол Јасмин. „Па зошто си тука, сигурно си политички затвореник“, а директорот потврдил: „Да, да!“ „Е па, внучко, да си убиел некого, не би мрднал со прст, да си силувал некоја жена, би им рекол на џандарите добро да те тепаат, а ти за политичка работа овде во затворов вака си претепан.“ „Да“, одговорил. „Е, ти си јунак!“ – вели Стојан Андов.
По ослободувањето од затвор, Мито Хаџивасилев извршувал истакнати функции во народноослободителното движење: заменик-политички комесар на Третата оперативна зона на НОВ и ПОЈ за Македонија и заменик-политички комесар на Втората народноослободителна македонска ударна брига. До 15 јануари 1945 година е член на Обласниот народен одбор во Битола. При крајот на војната бил во екипата што ја составил Президиумот на АСНОМ, заедно со повеќе млади и писмени луѓе, од кои била формирана редакцијата на штотуку основаниот весник „Нова Македонија“, на 28 октомври 1944 година.

Заштитник и промотор на македонската национална самобитност

Според проф. д-р Александар Литовски, пред одржувањето на Првото заседание на АСНОМ, и заради нивната јасност и прецизност, но и заради нивната општоприфатеност во рамките на македонското националноослободително движење и кај македонскиот народ, посебно внимание заслужуваат ставовите во врска со посебниот македонски национален идентитет изнесени од Мито Хаџивасилев-Јасмин во јуни 1944 година. Со една опсежна анализа и со остроумна аргументација, Мито Хаџивасилев ги подложува на критика негирањата на македонската нација и упатува на тоа дека главниот фактор за неможноста во минатото да се асимилираат Македонците е нивната национална осознаеност, односно поседувањето јасна македонска национална свест.
Ставовите на Мито Хаџивасилев-Јасмин претставуваат дотогаш најостра критика од македонското националноослободително движење на тезите за непостоењето на посебниот македонски национален индивидуалитет.
– Истовремено, јасно може да се увиди дека ослободителната платформа во поглед на афирмација на националниот идентитет, проектирала приоритетно место на ослободувањето од окупацијата, а потоа посериозни чекори на просветно политичко и културно поле за зацврстување и афирмација на македонскиот национален идентитет – нагласува Александар Литовски.

Против шовинистичките и националистички дејанија

Мито Хаџивасилев-Јасмин во 1948 година на втората страница во „Нова Македонија“ ја објавува статијата „За некои нови пројави во великобугарскиот шовинизам“. Во споменатиот текст, меѓу другото, тој ги нагласил добрососедските односи помеѓу Југославија и Бугарија, како и договорот за соработка и македонското прашање, склучен меѓу Тито и Георги Димитров. Јасмин прави и анализа на неколку бугарски националистички испади, кои зачестиле во пролетта 1948 година, односно пред и за време на размената на писмата меѓу ЦКСКП (б)и ЦК СКЈ, што наедно претставувало и увод кон состојбите што ги условила резолуцијата на Информбирото.
– Постојано ce правеле обиди да ce фалсификува историјата на нашиот народ. Тоа го правеле како великобугарите така и великосрбите. Дури и романските реакционери ce обидувале да докажат дека ние Македонците сме Романци. Сите фалсификати ce вршени во интерес на поробување на нашиот народ… По ваквите фалсификувања во однос на нашиот народ, денес е чудно зошто е потребно во братска отечествено фронтовска Бугарија да ce прават обиди за неточно прикажување на одделни настани од борбата на нашиот народ за ослободување. Бугарските весници немаат никаква потреба да ја прикажуваат неточно борбата за ослободување на Македонија, туку ce должни и од своја страна да ce борат против секакви обиди за неточно изнесување на херојската борба на македонскиот народ за неговото ослободување, како во подалечното така и во најблиското минато – пишува Мито Хаџивасилев-Јасмин


Наградата „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ се доделува од 1969 година

Признанието „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ е државна награда, со која се оддава признание за остварувања во областа на публицистиката и новинарството. Се доделува на 21 декември – денот на раѓањето на Мито Хаџивасилев-Јасмин, а за првпат беше доделена во 1969 година. Оваа година, Одборот за доделување на државната награда „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ донесе одлука за доделување на државната награда „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ за 2024 година за остварувања во областа на публицистиката и новинарството од интерес на македонската држава. За остварување во областа на публицистиката, државната награда ја делат Иван Антоновски, публицист, и Делвина Крлуку, публицист. Државната награда за остварување во областа на новинарството ја делат новинарите Атанас Костовски и Љупчо Јолевски. Д.Ст.