Прв јазик е јазикот на детството и тој јазик може да биде генијална основа за изучување други јазици

  • По линија на помал отпор, публиката се лоботомизира со сапуници и со поразително тажни реални шоуа – колку изгубено време! Па добро, кој да го актуализира стандардниот македонски јазик, ако не мас-медиумите?
  • „Треба одново да се откријат сите нешта“, вели поетот, и тоа е навистина така, а правото на игра треба да биде прв член од уставот на секоја детска татковина.
    А сите деца имаат една и иста татковина – детството
  • Негувањето на јазикот – стандарден или не – може да биде неверојатно доживување. Може да биде давање омаж на познати и непознати книжевни и други автори, може да биде мост помеѓу генерациите, може да биде грижа за заедницата, за заедниците. Грижа на едни за други и грижа за себеси, во крајна линија

Актуализирањето на стандардниот македонски јазик може да се поттикнува и да се развива на различни начини и на различни рамништа, но далеку отаде сите воопштувачки „стратегии“, „методологии“… нешто многу конкретно што би можело да биде централна нишка на еден таков потфат како што е актуализацијата на добриот јазик е: „играта“. Верувам дека можат да се прават игри, на различни платформи, и онлајн (Инстаграм, Тикток…), но и на ТВ што ќе им бидат еднакво интересни и на децата и на возрасните. Како и самата книжевност за деца, која кога е добра, е еднакво провокативна и за децата и за возрасните. Можеби поради пар(ази)тизацијата, можеби поради непотизам, вработените во телевизиите се лица без врска со креативност и порив да создаваат: имаме бирократи што преживуваат за плата, наместо да живеат за радоста на креирањето, на „изненадувањето“. Читајќи ги биографиите на нашите повозрасни колеги писатели, сфаќам дека тие работеле најчесто како новинари во културни рубрики, па креирале свежи содржини, пишувале, осмислувале и го одржувале медиумот вибрантен, привлечен. Не познавам ниту еден писател што се приближил до работно место во ТВ, што создал некоја содржина. Од друга страна, па и како противотров на опресивноста што во голема мера владее во средината: можат да се прават најразлични игри, едукативни пред сè, а потоа и забавни, кои би поттикнувале култура, па дури и – субверзија, зошто да не? А што ни се случува? По линија на помал отпор, публиката се лоботомизира со сапуници и со поразително тажни реални шоуа – колку изгубено време! Па добро, кој да го актуализира стандардниот македонски јазик, ако не мас-медиумите?
Но, од друга страна, зошто да се популаризира и да се актуализира стандардниот македонски јазик? Зошто да не се популаризираат и дијалектите, и жаргонот, и сленговите, зошто да не се поттикнуваат експлозии од различности? Да се потсетиме на „Бушава азбука“: зошто беше толку успешна? Затоа што секој мал скеч таму нудеше нешто што немаше врска со претходното: различни регистри, различна средина, различна лексика. Различни дијалекти од најразлични места во кои се зборува(л!) македонскиот јазик: во и надвор од границите на државата Македонија.

Фото: „Нова Македонија“

„Бушавата азбука“ беше букет свежо цвеќе, со бубачиња и светулчиња гратис. Треба да учиме од старите мајстори. Но треба да бидеме во тек и со новото време. Оти безвременска вистина е онаа дека „новото вино се става во нови мевови“: треба да се праша, низ игра, детето: „знаеш ли што е тоа ‘мев’?“ Но најпрво треба да се научи јазикот на децата и на младите, да се види што ги возбудува, на што обрнуваат внимание, што ќе ги натера да речат „зел“, а не „земал“. Има ли некој што ќе поведе грижа за создавање игри за деца и за млади, има ли некој од институциите што не живее во грч, што диши со полни гради и може да си дозволи да размислува отворено? Или сме сите уценети, условени, зависни и во процес на невидлива „евакуација“ и на „воено профитерство“ да се зграби што се може, да се преживее, бидувајќи на страната на „моќта“, оти таму е „сигурноста“. Каква заблуда! „Треба одново да се откријат сите нешта“, вели поетот, и тоа е навистина така, а правото на игра треба да биде прв член од уставот на секоја детска татковина. А сите деца имаат една и иста татковина – детството. Таму прв јазик е јазикот на детството и тој јазик може да биде генијална основа за изучување други јазици. Како што едното се спознава себеси преку другото, така и еден јазик може да се „зачувува“ во освежувачка интеракција со друг јазик. И тој начин на размислување открива една возбудлива планета од можности, би рекол, но треба малку љубов и храброст. Сè уште ме возбудува, кога и да се сетам, насловот на колумните на Рамадан Рамадани од едно време: „Капиџик“.
Негувањето на јазикот – стандарден или не – може да биде неверојатно доживување. Може да биде давање омаж на познати и непознати книжевни и други автори, може да биде мост помеѓу генерациите, може да биде грижа за заедницата, за заедниците. Грижа на едни за други и грижа за себеси, во крајна линија.