Штип

Штип наскоро ќе добие центар за рехабилитација на лица со посебни потреби, најавуваат од општината. Според градоначалникот Иван Јорданов, центарот ќе биде сместен во дел од зградата на средното текстилно училиште и во него ќе се грижат за децата и повозрасните лица со посебни потреби, со цел да се обезбеди нивно работно ангажирање и интеграција на пазарот на трудот.
– Одвоени се повеќе од 10 милиони денари за изградба и функционирање на центарот. Верувам дека со заедничка соработка ќе најдеме решенија за нивните потреби и секојдневие – вели Јорданов.
Наскоро ќе се распише тендер за опремување на центарот, во кој ќе бидат вклучени 24 лица, а со кои ќе се работи на подобрување на нивната состојба преку посебни терапевтски програми. Притоа во центарот ќе се фокусираат на создавање можности за професионално ангажирање на овие лица.
Родителите на лицата со посебни потреби, меѓу кои и Зоран Мијалков, родител на дете со попреченост, се надеваат дека центарот ќе биде важен чекор напред.
Мијалков нагласува дека за првпат нивниот глас е слушнат и дека овој проект ќе овозможи подобри услови за нивните деца, вклучувајќи работна терапија.
– Ова е почеток на ново поглавје за нас. Претходно се чувствувавме маргинализирани, но сега се надеваме дека нашите деца ќе добијат соодветна поддршка – изјави Мијалков.
Напоредно во Општина Штип се поддржуваат спортистите. Нова мерка за стимулирање на спортистите и спортските работници е преку воведување спортска стипендија. Мерката е прва од ваков вид.
– Како локална самоуправа, оваа година за првпат ќе ги стимулираме спортистите и спортските работници преку спортска стипендија. На тој начин ќе создадеме вредности што се неопходни во времето во кое живееме – потенцира градоначалникот Јорданов.
Проектот веќе е планиран во буџетот на општината и е вклучен во програмата за спорт, а наредниот месец ќе се распише повикот за апликации, на кој спортистите што имаат достигнувања на државно и меѓународно ниво ќе можат да аплицираат.
Спортската стипендија е уште еден стимул за спортистите и спортските работници да продолжат да се трудат и да се посветат на постигнување на уште поголеми успеси на домашната и меѓународната сцена. О.Р.