Под покровителство на институтот „Цветан Грозданов“ при МАНУ, а организирана од здружението на граѓани „Брзовец“ и од Општина Маврово-Ростуше, за време на одржувањето на оваа школа се проучуваат уметноста и архитектурата во мијачкиот крај. Организаторите најавуваат дека може да се посети и културниот центар „Дичо Зограф“, каде што е завршена првата фаза од реконструкцијата. Целосното опремување на културниот центар се очекува да биде завршено до крајот на годинава. Културниот центар се наоѓа на местото на поранешното училиште „Димитар Ормански“
Малореканската летна школа „По патеките на Дичо Зограф“
Во чест на Дичо Зограф, еден од најголемите македонски зографи, во неговото родно Тресонче, свечено се одржува традиционалната, петтата по ред, малореканска летна школа „По патеките на Дичо Зограф“. Школата се одржува во црквата „Св. Петар и Павле“, која се наоѓа во селото Тресонче, и во Бигорскиот манастир. Проф. д-р Сашо Цветковски имаше поздравна реч, а беше одржана и промоција на зборникот на трудови „По патеките на Дичо Зограф“ од страна на проф. д-р Ненад Макуљевиќ. Свое обраќање имаше и Медат Куртоски, градоначалник на Општината Маврово-Ростуше, како и панихида за дебарско-мијачките зографи во црквата „Св. Петар и Павле“.
Според Сашо Цветковски, не случајно, 2020 беше јубилејна година, кога Бигорскиот манастир го прославуваше милениумското постоење, илјада години од основањето на манастирот во 1020 година. Бигорскиот манастир, низ својата долга историја, бил црковно средиште и духовно јадро на дебарско-мијачкиот крај – што особено доаѓа до израз во 18 и 19 век, кога манастирот се издига во главното и најпочитувано култно место на Мијаците од малореканскиот крај, но и место каде што Дичо, уште како момче, го учел и го усовршувал зографскиот занает кај двајцата, тогаш најдобри, зографи Михаил и Димитар (Данил) од Самарина. Дичо, како младо момче од Бигорскиот манастир, тргнува во придружба на зографот Михаил кога тој ги започнува зографските работи во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Лазарополе.
– За нас, тоа беше дополнителен мотив и поттик во оваа значајна и јубилејна година за Бигорскиот манастир да ја засноваме првата малореканска летна школа и да почнеме со нашата научноедукативна школа „По патеките на Дичо Зограф“ – вели проф. д-р Сашо Цветковски, научен советник во ЦИКН „Цветан Грозданов“ при МАНУ и дописен член на МАНУ.
Под покровителство на институтот „Цветан Грозданов“ при МАНУ, а организирана од здружението на граѓани „Брзовец“ и од Општина Маврово-Ростуше, за време на одржувањето на оваа школа се проучуваат уметноста и архитектурата во мијачкиот крај. Организаторите најавуваат дека може да се посети и културниот центар „Дичо Зограф“, каде што е завршена првата фаза од реконструкцијата. Целосното опремување на културниот центар се очекува да биде завршено до крајот на годинава. Културниот центар се наоѓа на местото на поранешното училиште „Димитар Ормански“.
Беше предвидено активностите на школата да се одвиваат од 1 до 4 септември во селото Тресонче, во околните села на Мала Река и во Бигорскиот манастир. Едукативните и научноистражувачките активности на школата ги следат повеќемина учесници, кустоси и научни соработници од музеите и научните институции во Македонија, како и студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Д.Ст.
Кој е Дичо Зограф?
Дичо Зограф е еден од најпознатите македонски зографи во 19 век, најплодниот сликар на македонската ренесанса и еден од најзначајните мајстори на Мијачката школа. Создал импресивен опус што содржи повеќе од 2.000 дела, а неговото творештво претставува пресвртница на еден илјадагодишен период и почеток на еден сосема нов правец во историјата на македонската црковна историја. Неговата дејност е составена дел од македонското будење, кога кај македонскиот народ религијата била најважна. Оттука, првите промени се видливи во подигнувањето нови цркви во градовите и во селата. Новите верски храмови биле првата манифестација и начин на изразување во новата македонска епоха, а Дичо Зограф еден од најзначајните претставници на ова изразување.
Неговите икони и мурали се сретнуваат на еден поширок регион, кој ги опфаќа денешните современи држави Македонија, Србија, Бугарија, Грција и Албанија. Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ (ИЦКН) при МАНУ, низ своите теренски истражувања открил дела на Дичо Зограф и во Косово, во Грција, во неколку цркви во околината на Солун, но и во Албанија, во црквите во Елбасан. На овој начин се воспоставила прецизна и целосна топографија на откриените и идентификувани икони. Се покажало дека неговиот опус е фасцинантен, со зачудувачка продуктивност, а просторите до каде што стигнале неговите дела ги надминале границите на денешна Македонија, протегајќи се речиси низ целиот Балкан.
Во овој период, во Бигорскиот манастир имало голем број зографи што занаетот го научиле во Света Гора и токму тие му ги пренеле знаењата на Дичо. За значењето на Бигорски, проф. д-р Сашо Цветковски вели дека Бигорскиот манастир, низ својата долга историја, бил црковно средиште и духовно јадро на дебарско-мијачкиот крај – што особено доаѓа до израз во 18 и 19 век, кога манастирот се издига во главно и најпочитувано култно место на Мијаците од малореканскиот крај, но и место каде што Дичо, уште како момче, го учел и го усовршувал зографскиот занает кај двајцата, тогаш најдобри, зографи Михаил и Димитар (Данил) од Самарина. Дичо, како младо момче од Бигорскиот манастир, тргнува во придружба на зографот Михаил кога тој ги започнува зографските работи во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Лазарополе, истакнува Сашо Цветковски.