Техеран меѓу медиумскиот колапс и геополитичката реалност
Со денови, меѓународниот информативен простор беше преплавен со уверливи прогнози дека Иран се наоѓа на работ на неминовен колапс. Насловите во водечките западни медиуми најавуваа дека е прашање на часови или денови кога ќе се случи пад на Исламската Република Иран, додека телевизиските прилози и анализи создаваа впечаток дека државниот апарат веќе е парализиран. Во таа рамка, секоја снимка од уличните протести се третираше како уште еден доказ за незапирливата лавина што ќе го сруши „режимот во Техеран“.
Сепак, реалноста на теренот се покажа значително посложена. Протестите, кои започнаа како автентичен израз на социјално и економско незадоволство, во голема мера се смирија. Иранските власти активираа широк спектар безбедносни и информативни механизми, но и нешто подлабоко од самиот апарат: мобилизација на дел од општеството околу наративот за одбрана на државниот суверенитет.
Во еден клучен момент, улиците на Техеран и други големи градови беа исполнети со масовни собири во поддршка на постојниот поредок. Милиони луѓе маршираа со пораки против странско мешање, против САД и Израел, и во одбрана на Иран како независен и суверен актер. Таа слика нагло ја наруши доминантната црно-бела медиумска претстава за Иран како држава на работ на распад.
Тоа, секако, не ги поништува многубројните извештаи за жртви, репресија и кршење на човековите права. Фотографии, сведоштва и изјави за илјадници настрадани продолжуваат да циркулираат, потсетувајќи дека кризата е далеку од завршена. Но наместо брз расплет, ситуацијата влезе во фаза на замрзнат конфликт и висока неизвесност.
Токму во таков контекст доаѓа до драматично зголемување на американското воено присуство во регионот. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД распоредиле „голема армада“ од воени бродови и опрема во близината на Иран, тврдејќи дека станува збор за сила поголема од онаа што претходно била концентрирана околу Венецуела. Иако повтори дека дипломатијата останува опција, Трамп ја опиша ситуацијата како „во постојана флуктуација“, додека американското присуство продолжува да се засилува.
Во средиштето на ова распоредување се наоѓа ударната група на носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“, заедно со дополнителни борбени авиони „Ф-15“ и „Ф-35“, авиони за полнење гориво и системи за воздушна одбрана. Американскиот претседател изјави дека силите се „подготвени и способни да ја исполнат мисијата со брзина и насилство“, потсетувајќи и на претходна американска операција против Иран, која, според неговите зборови, предизвикала значително уништување.
Истовремено, Трамп тврди дека Техеран испраќа сигнали за подготвеност за разговори, наведувајќи дека иранските власти „постојано се јавувале“ и изразиле интерес за преговори. Иран, пак, јавно одговори со предупредување дека неговите вооружени сили се во состојба на висока борбена готовност. Р.С.
Кога и под кои услови Вашингтон би започнал воена кампања?
Клучното прашање што се наметнува во вакви услови не е дали, туку под кои предуслови би можел да започне директен американски воен удар врз Иран. Аналитички гледано, одлуката за таков чекор не зависи од еден фактор, туку од преклопување на неколку созреани предуслови.
· Политички предуслови
Во Вашингтон, воениот удар би барал јасна домашна политичка оправданост – или преку сериозен инцидент (напад врз американски сили или сојузници) или преку наратив за „неминовна закана“. Дополнително, САД би настојувале барем минимално да обезбедат поддршка или неутралност од клучни сојузници, особено во Европа и во регионот на Персискиот Залив. Во отсуство на таков консензус, воената опција останува средство за притисок, а не нужно за непосредна акција.
· Воени предуслови
Самото распоредување носачи, авиони и системи за одбрана не значи автоматски почеток на напад. Воено, САД би чекале момент кога силите се целосно интегрирани, логистиката стабилизирана и регионалните бази обезбедени од можни одмазднички удари. Истовремено, ирановата подготвеност и способност за асиметричен одговор – преку сојузнички милиции или напади врз поморски сообраќај – е фактор што ја зголемува цената на секоја прва офанзива.
· Метеоролошки и сезонски фактори
Иако често потценети во јавните дебати, временските услови играат важна улога во големи воздушно-поморски операции. Периоди со стабилни временски услови, подобра видливост и помирни морски коридори традиционално се поповолни за ваков тип кампањи. Тоа значи дека евентуалната одлука би се вклопувала и во такви „прозорци“, а не би била донесена импулсивно.
Според повеќе воени аналитичари со кои се консултиравме, во моментов, најреалистичното сценарио е продолжување на стратегијата на контролирана ескалација: Силно воено присуство, остри изјави и дипломатски сигнали што се испраќаат паралелно. Американската воена кампања би станала веројатна само ако овие три линии – политичка оправданост, воена подготвеност и поволен контекст – се преклопат во исто време.
Дотогаш, Иран останува далеку од медиумските наративи за „пад за неколку дена“, а регионот – заробен меѓу демонстрација на сила и кревка дипломатска рамнотежа. Р.С.































