Израелците и Палестинците во различно расположение го дочекаа прекинот на огнот
- Израелците го слават враќањето на заложниците од Газа додека Палестинците се враќаат во своите разурнати домови и го очекуваат враќањето на заробениците од Израел, по стапувањето во сила на прекинот на огнот изминатиот викенд. Остануваат прашањата за тоа кој ќе управува со Газа откако израелските трупи постепено ќе се повлечат и дали Хамас ќе се разоружи, како што е предвидено во договорот за прекин на огнот. Размерот на уништувањето на Газа ќе стане појасен ако се одржи примирјето
Војната заврши, кажа американскиот претседател Доналд Трамп, по повод примирјето помеѓу Израел и Хамас што стапи во сила изминатиот викенд, пред тој да се упати кон Блискиот Исток каде што ќе отпатува во Израел, а потоа и во Египет на самит на светските лидери за војната во Појасот Газа.
Израелците аплаудираа на спомнувањето на Трамп и го исвиркаа името на премиерот Бенјамин Нетанјаху, додека американскиот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, се обратија на собир одржан во Тел Авив во неделата.
– До самите заложници, наши браќа и сестри, се враќате дома – рече Виткоф пред собраната топла, чија бројност беше проценета на стотици илјади луѓе.
Израелците се прегрнуваа и мавтаа со американски знамиња.
– Ова е навистина среќно време, но знаеме дека ќе дојдат некои неверојатно тешки моменти – рече еден од присутните.
Кушнер порача дека ќе слават кога израелската војска ќе соопшти дека 48-те заложници што сè уште се во Газа ќе бидат ослободени, а исто така го забележа и страдањето во Газа. Се верува дека уште дваесетина заложници се живи.
Израел ги прими првите седум заложници ослободени од Хамас и предадени на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа како дел од договорот за прекин на огнот, а беше предвидено вчера да бидат ослободени уште тринаесет живи заробеници. Палестинците во Газа и на Западниот Брег чекаат ослободување на речиси две илјади луѓе од израелските затвори како дел од договорот.
Истовремено, десетици илјади Палестинци се вратија во урнатините од своите некогашни домови во првите два дена од примирјето, додека Израелците го поздравија очекуваното ослободување на преостанатите заложници од Газа.
– Газа е целосно уништена. Немам поим каде треба да живееме или каде да одиме – рече Махмуд ал Шандогли во градот Газа додека булдожери ги расчистуваа урнатините од двегодишната војна.
Размерот на уништувањето на Газа ќе стане појасен ако се одржи примирјето.
Примирјето во знакот на размената на заробеници
Копија од потпишаниот договор за примирје вели дека Хамас мора да ги сподели сите информации поврзани со сите тела на заложници што не се ослободени во првите 72 часа и дека Израел ќе обезбеди информации за останките на починатите Палестинци од Газа што се чуваат во Израел.
„Асошиејтед прес“ добил фотографија од документот, чија веродостојност ја потврдиле двајца функционери, вклучувајќи го и оној чија земја беше потписник. И двајцата побараа анонимност поради чувствителноста на разговорите.
Хамас и Израел ќе ги споделат информациите преку механизам поддржан од медијатори и Меѓународниот комитет на Црвениот крст. Исто така, ќе се обезбеди ексхумација и ослободување на сите заложници.
Спогодбата вели дека медијаторите и МКЦК ќе ја олеснат размената на заложниците и затворениците без јавни церемонии или медиумско покривање.
Израел треба да ослободи околу 250 Палестинци што издржуваат затворски казни, како и околу 1.700 луѓе заробени од Газа во последните две години и држени без обвинение. Израелската затворска служба соопшти дека затворениците се префрлени во центри за депортација во затворите „Офер“ и „Кциот“, „чекајќи инструкции од политичкиот ешалон“.
Нови безбедносни аранжмани и прашања за иднината на Газа
Околу 200 американски војници пристигнаа во Израел за да го следат примирјето со Хамас. Тие ќе формираат центар за олеснување на протокот на хуманитарна помош, како и логистичка и безбедносна помош.
Египетското претседателство доцна во саботата соопшти дека американскиот лидер Трамп ќе биде копретседател на тамошен мировен самит за Газа и за поширокиот Блиски Исток. Беше предвидено и францускиот претседател Емануел Макрон вчера да го посети Египет.
Остануваат прашањата за тоа кој ќе управува со Газа откако израелските трупи постепено ќе се повлечат и дали Хамас ќе се разоружи, како што е предвидено во договорот за прекин на огнот.
Првичниот план на Трамп од 20 точки налага Израел да одржи отворено воено присуство во Газа, по должината на границата со Израел. Меѓународни сили, главно од војници од арапски и муслимански земји, ќе бидат одговорни за безбедноста во Газа, иако временската рамка е нејасна.
Нетанјаху, кој еднострано го прекина претходниот прекин на огнот во март, посочи дека Израел би можел да ја продолжи својата офанзива ако Хамас не се разоружи. Тој вети дека следната фаза ќе донесе разоружување на Хамас.
Египетскиот претседател Абдел-Фатах ел Сиси во саботата повика на распоредување меѓународни сили овластени од Советот за безбедност на ОН во Газа. Израелската војска изјави дека ќе продолжи да дејствува дефанзивно од приближно 50 отсто од територијата на Газа што сè уште ја контролира, откако ќе се повлече на договорените линии.
Виткоф им кажа на израелските претставници во петокот дека САД ќе формираат центар во Израел за координирање на прашањата во врска со Газа сè додека не се формира постојана влада.
Војната започна кога милитантите предводени од Хамас упаднаа во Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи околу 1.200 луѓе и земајќи околу 250 како заложници. Во офанзивата на Израел што следуваше повеќе од 67.000 Палестинци беа убиени во Газа, според Министерството за здравство на Газа, кое не прави разлика помеѓу цивили и борци. Војната предизвика други конфликти во регионот и протести низ светот. Р.С.
Апел за пропуштање на хуманитарната помош
Хуманитарните групи го повикаа Израел повторно да отвори повеќе премини за да овозможи помош во Газа, при што претставник на Обединетите нации, кој побара анонимност за да разговара за деталите што сè уште не се објавени, рече дека Израел одобрил проширени испораки на помош.
Светската програма за храна соопшти дека е подготвена да воспостави 145 пункта за дистрибуција на храна. Пред Израел да ја блокира Газа во март, агенциите на ОН обезбедија храна на 400 точки за дистрибуција.
Иако временската рамка останува нејасна, Палестинците ќе можат да пристапат до храна на повеќе локации отколку што можеа преку Хуманитарната фондација за Газа, поддржана од САД и Израел, која управуваше со четири локации откако ја презеде дистрибуцијата во мај.
Околу 170.000 метрички тони помош за храна се поставени во соседните земји, кои чекаат дозвола од Израел. Р.С.