Пропагандите го забавиле преродбеничкиот процес, но не го уништиле. Тоа е забележливо во пишувањата на Стефан Салганџиев (бугарски преродбеник, учител и новинар), според кого Македонците во почетокот на 20 век имале јасна македонска национална свест. Во едно свое дело Салганџиев го пишува следниов (по малку револтиран) одговор, кој следува на едно провокативно прашање упатено кон него. Имено, на прашањето на која од претходно споменатите националности ѝ припаѓа, тој одговорил: „Јас не сум ниту Бугарин, ниту Грк, ниту Цинцаријанец. Јас сум чист Македонец, како Филип и Александар Македонски и Аристотел филозоф“
Македонското возобновување на јазичен, културен и национален план во 18 и 19 век ги издржало злонамерните странски и внатрешни влијанија
Повеќе документи, сведоштва и книги потврдуваат дека македонското возобновување на јазичен, културен и национален план започнува во18 век и продолжува во 19 век. Неколкумина Македонци биле свесни за јазичните и историските особености, па, оттука, тие преку издавање одделни дела ги манифестираат македонските особености, како што се активностите на Павел Хаџи Киријаков, Јордан Хаџи Константинов-Џинот или Христофер Жефаровиќ. Но поради одредени политички околности, особено влијанието на странските пропаганди, процесот на македонската преродба забавува. Меѓутоа повеќе документи потврдуваат дека и покрај обидите за наметнување на туѓ јазик и историја, Македонците продолжиле со манифестирање на сопствените особености, нешто што се потврдува од пишувањето на Ѓорѓија Пулевски, но и од страна на личности што спроведувале туѓа агенда.
Македонците уште во почетокот на 19 век биле свесни за своите особености
Македонската национално возобновување започнува кон крајот на 18 век и почетокот на 19 век, кога одделни поединци започнуваат да ги препознаваат македонските особености, како што се јазикот, историјата, културата итн., но и да ја идентификуваат Македонија како сопствена татковина. Во тој контекст може да се спомене Павел Хаџи Киријаков, кога врз основа на романска верзија ја преведува „Александридата“. Киријаков е меѓу првите Македонци што ја застапуваат тезата за континуитетот на Македонците од античко време, а Љубомир Милетиќ (славист и историчар) вели дека Павел Хаџи Киријаков ги поистоветувал денешните Македонци со Македонците на Александар Велики.
Во таа насока е и пишувањето на Васил К’нчов (научник, географ, историчар), според кого во Скопје околу Јордан Хаџи Константинов-Џинот се формирал круг на најбудни христијани и секоја вечер неговата куќа била полна со посетители, пред нив Џинот ги раскажувал своите теории за Старите Словени, со кои Александар Македонски го покорил целиот свет. Дека не станува збор за случајни пројави, тука за обиди за откривање на сопствените корени и минатото, поставка што продолжува низ целиот 19 век, потврдува и книжевното дело на јеромонахот Атанас Македонец објавено во 1845 година. Ова книжевно дело е именувано како „Пресказание на Голем Александр“, посветено на Александар Велики, и е напишано на македонски народен говор со грчка азбука. Станува збор за дело со јасна македонска свест и национална тенденција.
Дека македонските просветители гледале на Македонија како на нешто одделно потврдува и стематографијата на Христофер Жефаровиќ од 1741 година, во која лавот е претставен како земски грб на Македонија. Со други зборови, уште во 18 век започнал процесот за идентификување на Македонија како татковина на македонскиот народ, процес што во наредните векови постојано се продлабочувал.
Пропагандите не ја уништија пројавата на македонската мисла
Меѓутоа, поради одредени политички околности, македонското национално возобновување како историски процес е забавено, а тоа се должи пред сѐ на националните пропаганди на Бугарија, Србија и Грција. Споменатите држави преку црквите и училиштата се обидуваат да го асимилираат македонскиот народ, а обидите за наметнување туѓ јазик и историја негативно се одразуваат врз македонската преродба. Меѓутоа преродбата, односно потрагата и манифестирањето на македонските особености не биле прекинати, и покрај силните пропаганди во Македонија.
Тоа се потврдува и од „Славјанско-маќедонската општа историја“ на Ѓорѓија Пулевски, во која се вели: „а Македонци оту се староместни полострофски жители и гостопријемци и болгарски и српски и горцки и од други народности, а суседи елински, затоа во оваја книга кажуваме Славјанско-маќедонска историја и за од сви живуштих пришелци полострофски – да си знојат кој когашен“.
Пропагандите го забавиле преродбеничкиот процес, но не го уништиле. Тоа е забележливо во пишувањата на Стефан Салганџиев (бугарски преродбеник, учител и новинар), според кого Македонците во почетокот на 20 век имале јасна македонска национална свест. Во едно свое дело Салганџиев го пишува следното „Овој нов учител беше охриѓанец… На прашањето на која од двете гореспоменати националности ѝ припаѓа, тој одговори: „Јас не сум ниту Бугарин, ниту Грк, ниту Цинцаријанец. Јас сум чист Македонец, како Филип и Александар Македонски и Аристотел филозоф“.
Стефан Салганџиев во своето дело што го објавил во 1906 година го пишува и следното: „Во тоа време дуваше ветерот, долго замислениот план на некои учители во западна Македонија, според кој македонската младина треба да се ограничи на учење и развивање исклучиво на македонскиот дијалект, а за таа цел почнаа да издаваат и објавија неколку учебници“. Д.Ст.