За македонскиот премиер Димитар Ковачевски, иницијативата Отворен Балкан е „жива и не е во спротивност со Берлинскиот процес“. Фактот што Отворен Балкан практично се сведе на Македонија и Србија (по дистанцирањето на Албанија) предизвикува основани дилеми дали Македонија е единствената земја во регионот што некритично следи туѓи иницијативи, без да има визија за сопствената иднина и националните интереси, а доколку истите тие ни бидат загрозени, без да има храброст да се повлече од нив…
Македонија и регионалните интегративни иницијативи како повод
Во подготвителната фаза на „подготвителниот самит“ за Берлинскиот процес што се случува вчера и денеска во Тирана, албанскиот премиер Еди Рама во едно интервју зборуваше во минато време за проектот Отворен Балкан. Тоа за многумина во регионот беше индикативно и им навестуваше дистанцирање на официјална Тирана од иницијативата за регионална соработка што го прифатија пред две-три години Македонија, Албанија и Србија. За разлика од Берлинскиот процес, во кој се вклучени шесте земји од Западен Балкан, практично под покровителство на Германија, односно посредно и ЕУ, за Отворен Балкан – Црна Гора, Босна и Херцеговина, а особено Косово имаа резерви, кои низ годиниве не се надминаа.
– Берлинскиот процес е нашата главна оска. Отворен Балкан беше иницијатива што се роди од потребата да се турка напред кон Берлинскиот процес и ја исполни мисијата за која е роден. Сега мораме да се втурнеме во Берлинскиот процес бидејќи ја имаме оваа можност, го имаме Берлинскиот процес во Тирана – рекол албанскиот премиер Рама.
Албанскиот премиер Еди Рама од Скопје пред неколку дена порача дека не носи вест за смртта на иницијативата Отворен Балкан, но таа треба да се тргне малку настрана, со цел нов фокус на Берлинскиот процес.
Неприсуството на косовскиот премиер Курти на подготвителниот самит за Берлинскиот процес, освен што ги манифестира повторно несогласувањата со Рама, токму поради Отворен Балкан и поголемата блискост во интересите на Албанија и Србија, имаше рефлексии и меѓу партиите од албанскиот блок во Македонија.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, го повтори ставот на неговата партија во однос на иницијативата Отворен Балкан. Според Таравари, Алијанса се оградува од секој нов проект во рамките на оваа иницијатива.
– Со излегувањето на Република Албанија од Отворен Балкан, овој механизам стана бесмислен и нелегитимен. Дупликативните и неинклузивните механизми, кои создаваат Западен Балкан со две брзини, не му помагаат на интегративниот дух во регионот. Патот напред е јасен: веќе потпишаните договори во рамките на Отворениот Балкан мора да бидат целосно интегрирани и имплементирани во рамките на Берлинскиот процес, почнувајќи од октомврискиот самит во Тирана – наведува Арбен Таравари.
За македонскиот премиер Димитар Ковачевски, иницијативата Отворен Балкан е „жива и не е во спротивност со Берлинскиот процес“, фактот што практично се сведе на Македонија и Србија (со дистанцираната Албанија) предизвикува основани дилеми дали Македонија е единствената земја во регионот што следи туѓи иницијативи, без да има визија за сопствената иднина и националните интереси.
– Од почетокот бев противник на иницијативата Отворен Балкан, не поради тоа што можеби би имало некакви политички задни намери, туку ми се чинеше дека ќе биде засегнат економскиот интерес на Македонија. Секако е убаво тоа што оваа иницијатива овозможува поголема слобода на движење на граѓаните на трите земји (без пасоши, само со лични карти или регулирање на патарините со еден електронски систем во Србија и Македонија), меѓусебно царинско ослободување за некои стоки и производи, но најголемата загрозеност ни се заканува со одливот на работната сила. На пример, Србија има повисок економски развој од Македонија, а со потпишувањето да си ги признаваме дипломите за образовни и стручни квалификации, логично е дека интересот на македонските работници ќе биде насочен повеќе кон српскиот пазар на трудот, поради нешто повисокиот стандард. Од друга страна, сметам дека и Еди Рама, т.е. Албанија, нема толку лесно да се откаже од Отворен Балкан, токму поради овие придобивки од аспирациите за квалификувана работна сила од регионот, претежно од граѓаните Албанци во Македонија, па и Србија. Но сега тактизира, поради отпорот на косовскиот премиер Курти и моментално меѓусебните нарушени односи меѓу Албанија и Косово. Но во сите тие регионални интереси за иницијативата Отворен Балкан, Македонија не покажува визија за заштита на сопствениот економски, па и национален интерес – вели универзитетскиот професор и дипломат Јован Донев.
Новинарката и поранешна амбасадорка Мелпомени Корнети смета дека оваа регионална иницијатива не е единствената ситуација во која Македонија влегла без свои идеи.
– Како идеја, иницијативата Отворен Балкан не е лоша, но нашата слабост како Македонија е што во тоа влеговме без визија за нашиот интерес. И тоа не е единствена ситуација во која така сме настапиле, зашто се чини дека не знаеме да оцениме кои се добри идеи за нас. Многу површно ги читаме идеите и иницијативите, речиси без никаков свој придонес во нив. Ги прифаќаме здраво за готово. Добра страна на Отворениот Балкан е што можеби се олеснети патувањето, економската и трговската размена (иако мислам дека бесплатниот роаминг не профункционира во целост), но излегува дека тоа е занемарлива придобивка, со оглед на опасноста од засилен извоз на работната сила од Македонија. Во принцип, иницијативата не е лоша, но ние како Македонија нема да извлечеме за себе речиси ништо. Што се однесува до привидното повлекување на Еди Рама од Отворен Балкан, тоа е веројатно за Албанија да си ги одврзе рацете и полесно да може да се посвети на албанската агенда и покомотно да може да му помага на Косово – вели Мелпомени Корнети.