Институционалната мобилизација дава резултати во костецот со криминалот
Оружје е пронајдено на локалниот пат од селото Орланци во правец кон селото Никуштак во полициска акција што вчера ја спроведоа Единицата за брзо распоредување и Единицата за недозволена трговија при СВР-Скопје. Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираат дека се пронајдени еден пушкомитралез, девет автоматски пушки, повеќе празни рамки за автоматска пушка и реденик за пушкомитралез, две рамки за автоматска пушка со куршуми, една тегла со муниција, ранец и други предмети. Пронајденото оружје е предадено на вештачење во Одделот за форензички испитувања и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Претходно беше известено за извршени претреси на повеќе локации во полициска акција што вчера беше спроведена од страна на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР. Некои од медиумите објавија дека се пронајдени автоматско оружје, пушки и пиштоли во Арачиново.
Ова се последни во низата полициски акции што деновиве се случуваа во Македонија, при што во координација меѓу обвинителството, полицијата и други институции беа приведени повеќе лица и беа поднесени кривични пријави по неколку основи, со што во периодот што следува се очекува овие предмети да добијат и правна разврска.
Активностите на полицијата изминатите неколку дена беа насочени во три акции, при што во една акција беше разбиена терористичка ќелија што се заканувала со напади во земјава и во регионот, во втората полициска акција беше нанесен удар врз криминалното подземје во земјава, кое изминатите неколку години вршеше убиства, насилства и друг вид криминали, додека во третата полициска акција беа преземени дејства против поранешни државни функционери осомничени за коруптивни активности во времето кога биле на власт. Н.М.