Мојот став е јасен. Мојот став е дека е нужно, дека е крајно време да го направиме тој исчекор кон зрела демократија. Нашата уставна реалност, според мене, е дека живееме во демократија што е стабилна, но сѐ уште не е зрела. Зрелата демократија подразбира високо ниво на уставна и политичка култура, силно почитување на владеењето на правото, стабилни независни институции, институции што го издржале тестот на времето и можат ефикасно да се справат со предизвици како политички кризи, економски, здравствени, какви било падови, длабоко вкоренети демократски норми, кои ги почитуваат основните слободи и права на граѓаните
Уставниот суд постои да го понесе најголемиот товар и да пресече за најделикатните прашања
Деновиве во јавноста излезе обемно интервју на МИА со претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. Интервјуто изобилува со ставови за крупни чекори, направени или претстојни, за: реформите во Уставниот суд, за актуелниот статус, но и за трасирање на патот за добивање на довербата на правосудниот систем кај граѓаните низ призмата и примерот на работењето на Уставниот суд, за конкретни предмети, како што се Законот за јазиците, балансерот итн. Сериозниот приод на МИА, а секако и таквите одговори на претседателот на Уставниот суд, нѐ мотивираа нас како редакција, оддавајќи признание за професионализмот, уште еднаш да цитираме дел од одговорите на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, и за јавноста и за нашите читатели, тематски да издвоиме и да акцентираме одредени општествени феномени што се исправени пред нашата држава, а кои се покажаа како тешко премостливи предизвици, на патот кон една позрела демократија.
Уставниот суд го носи најголемиот товар да одлучи, да пресече, за какво било деликатно прашање, но затоа и постои судот. Не само нашиот суд, сите уставни судови одвреме-навреме се соочуваат со општествено сензибилни предмети во кои одлуката може да има општествено-политички импликации, па токму затоа во уставното судство постои она што се нарекува „одлуката на Уставниот суд да не одлучува е одлука“. Како еден од судиите со најдолг стаж во актуелниот состав сведочев за повеќе вакви ситуации. Но искуството ми укажа на две важни работи, кои се важни и за мојот мандат како претседател.
Првото прашање е: Дали одлагањето на одлуката по одредено прашање во име на сензибилноста и можните општествени реакции и импликации е оправдана и дали ја постигнала својата цел? Не, сензибилноста по такви прашања не е лимитирана со временска рамка, сензибилноста не се намалува со протекот на време, тие биле и сѐ уште се сензибилни предмети и пред четири години исто и денес, па од тој аспект подобро и поздраво е судот промптно без калкулации да одлучува, исклучиво со уставноправни аргументи и затоа како претседател со ова искуство ќе се залагам за што е можно побрзо одлучување за предметите без разлика на степенот на нивната сензибилност.
Второто исклучиво релевантно прашање и за судот и за овие важни предмети за кои зборуваме, но и за правната држава е: Дали како општество сме подготвени и зрели да се соочиме и со одлуки на судот, кои секако се од висок јавен интерес? Односно треба да бидеме искрени и сами да си го поставиме прашањето дали сме стабилна демократија, дали е неопходно и нужно да ги направиме исчекорот и преминот во зрела демократија? Мојот став е јасен. Мојот став е дека е нужно, дека е крајно време да го направиме тој исчекор кон зрела демократија. Нашата уставна реалност, според мене, е дека живееме во демократијата што е стабилна, но сѐ уште не е зрела. Зрелата демократија подразбира високо ниво на уставна и политичка култура, силно почитување на владеењето на правото, стабилни независни институции, институции што го издржале тестот на времето и можат ефикасно да се справат со предизвици како политички кризи, економски, здравствени, какви било падови, длабоко вкоренети демократски норми, кои ги почитуваат основните слободи и права на граѓаните. И зрелите демократии можат да се соочат со периоди на нестабилност, но притоа тие не го губат својот основен демократски карактер.
Оттука не може и не е дозволено македонското општество да „трепери“ очекувајќи ја одлуката на Уставниот суд по одредено прашање. Не може голем број политички актери претпладне од уста да не ја вадaт заложбата за правна држава, за владеење на правото, за европски стандарди, а попладне да ги етикетираат одлуките на Уставниот суд како политички, етнички, верски итн. Не може политиката како досега да се поставува над правото, да ги пречекорува со Устав исцртаните рамки, да прават правен хаос, кој создава политички хаос, и кога судот ќе даде правен одговор на хаосот тогаш да се етикетира или одлуките на судот да бидат повод за некоја политичка тензија. Крајно време е да прејдеме во зрела демократија, од која бенефиција ќе имаат сите граѓани без исклучок.
Одлуките на судот не треба да се гледаат ниту како закана против некого или нешто, ниту како одлуки со кои се зголемуваат или намалуваат нечии права, тие треба да бидат прифаќани и да бидат ориентир, рамка за дејствување во согласност со наодите на судот за сите други власти, законодавна, извршна, судска, монетарна или локална. Да им помогнат нивните дејствија, прописи или одлуки да бидат усогласени со Уставот.
Судот во својата уставно-судска практика досега има дадено авторитетни правни толкувања на сите темелни вредности, принципи начела, им има дадено содржинска смисла во нивните манифестации, доволно е другите власти да ги следат, почитуваат и да ги применуваат таквата практика и одлуките на судот. Одлуките на судот, во кои е оценувана материјалната, формалната уставност, ставовите на судот по голем број предмети го легитимираат правото. Уставниот суд е на врвот на пирамидата што се вика владеење на правото, тој е најповиканиот да рефлектира правна сигурност, усогласеност во правниот поредок. За тоа постојат уставните судови, ништо повеќе и ништо помалку.
Тоа е мојот одговор до вас, а истовремено апел до граѓаните, државните органи, политичарите, ако навистина ѝ мислат добро на Републиката, ако навистина сакаат правна држава во која ќе владее правото, своите јавно прокламирани ставови за европски стандарди и за владеење на правото да ги усогласат со нивните дела и дејствија во практика, да ги усогласат со вистинските потреби на граѓаните за зрело демократско општество како најпожелно за нив. Секое дејствување надвор од овие рамки за мене е чиста манипулација со граѓаните.
Потсетување за јавноста на приоритетите на работењето на Уставниот суд во мандатот на претседателот на судот…
Враќање на довербата на граѓаните во правната држава и во институциите на системот
На мојата прва прес-конференција ги истакнав моите приоритети за кои ќе направам сѐ што е во моја моќ да ги реализирам. Да ја потсетам јавноста кои се приоритетите. Бескомпромисност во обезбедувањето на самостојноста и независноста на судот, бескомпромисност во каков било обид за политички или каков било обид за влијание врз судот и судиите, судиски активизам, поголема транспарентност и отвореност на судот, интензивна соработка со науката, интензивна меѓународна соработка, унапредување на уставната и правната култура. Доколку внимателно се анализира периодот од мојот избор, од 4 јуни до денес, за релативно краток период евидентно е дека се одржаа неколку седници со предмети од поширок интерес за јавноста и дополнително најавив дека во септември и октомври на седница ќе ги ставам сите т.н. сензитивни предмети, а веќе за септември се закажани првите две седници и дневниот ред е објавен. Склучив меморандум за соработка со Правниот факултет и ги исцртавме контурите на соработката за периодот што следува. Остварив неколку значајни средби со меѓународни претставници што даваат поддршка за унапредувањето на владеењето на правото и подигнување на заштитните механизми за слободите и правата на граѓаните, за транспарентноста и отвореноста на судот, а интензивно работам и на меѓународната агенда и календар на средби и размена на посети со други судови за наредниот период. Најавив дека ќе работам интензивно на мојот предлог седниците на судот во делот на расправата по предметите да бидат емитувани во живо и ќе направам сѐ што е во моја моќ да добијам поддршка од судиите за оваа идеја. За судскиот активизам јавноста веќе во септември ќе има можност да види дека не станува збор за празни зборови. Како претседател и како суд реагиравме на секој несоодветен или недоличен напад кон судот или судиите. Овој осврт на досега сработеното јасно укажува на ново темпо на работа и на промени, сѐ поради императивен приоритет што си го поставив – враќање на довербата на граѓаните во правната држава и во институциите на системот.