Фото: „Нова Македонија“

МАКРОН НЕ УСПЕА ДА ЈА РЕФОРМИРА ЕУ, СЕГА ЌЕ СЛЕДУВА – ЕВРОПА ПО ЕВРОПА

  • Македонскиот устав не само што треба туку и мора да се менува за да добиеме нешто на кое државата ќе стои исправено, гордо и ќе биде симбол на демократијата. Но тоа нема никаква врска со евроинтеграциите, иако, еве, да ставиме и европско знаменце на уставните измени. Впрочем, Македонија сега со стратегиите на Грција и на Бугарија, пред сѐ, поддржани од ЕУ, е како отворена капсула затворена во 18-19 век и од неа се бара да се зарази со вирусите на новото време. Извинете, но ние си имаме свој идентитетски имунитет! Тој, секако, е македонизмот

Дали Македонија треба да го смени својот Устав по надворешен диктат и ултиматуми, макар да доаѓале и од Брисел или од Софија и Атина? На крајот на патот сме да го дознаеме одговорот, кој веќе се најавува. Македонија, според изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, е подготвена да тргне во процес на уставни измени некаде наредната година, но владејачката гарнитура притоа истакнува дека очекува гаранции од ЕУ дека таа нема да биде блокирана на евроинтегративниот пат. Она што го бара највисокото државно раководство, а беше истакнато јавно и од претседателката на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, е дека она што ние го очекуваме е ЕУ да најде некакво креативно решение, а тоа значи дека постојат повеќе прозорци на можности за да се најде компромисно решение за да се расчисти македонскиот пат кон членството во Унијата.
Тоа, како што кажува искуството, не е лесен процес затоа што станува збор за едногласна одлука на 27 земји членки, секоја со свои национални и стратегиски интереси, но и историски сметки и пракса на враќање услуги. Па…?

НАПРАВИВМЕ СЕРИОЗНИ ИЗМЕНИ, НО ОСТАНАВМЕ СО КУСИ РАКАВИ

Да ја видиме метеоролошката состојба во Европа сега, токму сега, кога ние како да сме подготвени да тргнеме во процес на уставни измени со опасност да заглавиме боси во трње. Претходно имавме вакви случувања, кои предизвикаа сериозни општествени турбуленции, а останавме со куси ракави. Сведоци сме на безбројни уставни прекројувања, а особено по насилствата и упадот на паравојските од Косово во 2001 г. и нерасчистените случки од 27 април 2017 година, кои придонесоа за насилно менување на Уставот. Така ние денес, како што истакнуваат некои уставни експерти, имаме еден франкенштајнски устав, кроен, лепен, составуван од различни искуства, а несоодветен за Македонија?! Ова секако налага дека македонскиот устав не само што треба туку и мора да се менува за да добиеме нешто на кое државата ќе стои исправено, гордо и ќе биде симбол на демократијата. Но тоа нема никаква врска со евроинтеграциите, иако, еве, да ставиме и европско знаменце на уставните измени. Впрочем, Македонија сега со стратегиите на Грција и на Бугарија, пред сѐ, поддржани од ЕУ, е како отворена капсула затворена во 18-19 век и од неа се бара да се зарази со вирусите на новото време. Извинете, но ние си имаме свој идентитетски имунитет!
Да беа сега некои други (претходни) на власт, секако дека тие измени ќе се случеа, зашто „некои од нив, добро познати, ја продадоа Македонија како на пазар“ и ги ветија измените „уште утре“. И тоа е дефинирано и апсолвирано, затоа денес СДСМ е тоа што е – маргинална партија што се обидува да стави повеќе сол и киселина во супата. Лошо! ДУИ, пак, никако да излезе од шинелот на Али Ахмети од 2001 година, иако ние сега сме 2025, светот се превртува наопаку, а Македонија се дави во ѓубре и нефункционалност и тоне во етноцентристички стратегии. Така не се оди напред.
Во ЕУ е сѐ појасно дека идеолошкиот судир меѓу неолибералите и суверенистите ќе оди уште подлабоко и дека некои политичари за кусо време ќе бидат детронизирани, а нивните големи планови ќе бидат ставени во архива. Порталот „Политико“ неодамна објави статија со наслов „Зајде сонцето на Макрон како шеф на европската визија“. Поинаку кажано, неговите погледи за иднината на континентот сега се минато. Не успеа со реформите во Франција, со кои го навлече гневот на работниците (движењето на Жолтите елеци, каде што доминираа од образовниот сектор), а не му се оствари ниту визијата за нова Европа. Сега му останува да глуми суверенист, но таа штафета ќе ја носат други политички фигури. Еден движечки мотор на Европа полека се гасне и компензација ќе се бара во милитаризација на ЕУ. Тука, сакале или не, копјата ќе се кршат со Германија, затоа што во игра се милијарди.
Во овој европски хаос и во услови на закони на џунглата во светските односи, кога гледаме дека се ликвидираат групи, поединци, се вршат воени акции без преседан, она што меѓународното право го нарекува убиство наместо судење, Македонија ќе треба да зацапа на мински полиња со уставните измени.

ПОСТОЈАТ ПОВЕЌЕ КРЕАТИВНИ СЦЕНАРИЈА

Постојат повеќе сценарија, кои ќе одат паралелно со овој наш домашен процес. Првин сега не е јасно дали ЕУ ќе го смени начинот на гласање со што би се укинало правото на вето за интегративниот процес, но предлогот е ставен на маса од претседавачот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта. Ова засега е само делумно нејасно, затоа што првин Макрон скокна против предлогот за гласање со квалификувано мнозинство, а Франција е европскиот тешкаш во меѓународната политика и од причини што е постојана членка на Советот за безбедност на ООН. Значи не бил само Унгарецот Орбан! Секако се спротивставија и од Бугарија, Грција, Холандија, но јасно е дека нивниот збор не е силен како тој на Макрон. Така, ветото ќе си остане. Притоа Македонија не е на радарот на Брисел, туку се тоа Украина и Молдавија, поради „непријателска Русија“. Просто кажано, ние сме им на некое радарче, транспондер на планина, а пистата за слетување е на 20 километри. Ова е пожелно да се има предвид.
Едно од можните сценарија е вадење од архивите на една постара идеја според која ќе се примат во членството некои од кандидатките, но тие нема да имаат право на глас. За ова премиерот Мицкоски еднаш се има изјаснето и децидно рече дека такво членство не прифаќаме. Но можеби сега околностите се поинакви и треба да се размисли дали е подобро да се има врапче во рака или ќе го нишаниме гулабот на гранка.
И како можност се спомнува во ЕУ да влезе цел еден блок земји одеднаш како геостратегиски потег на Брисел и конечно да ја затвори линијата Лисабон-Одеса. Каде е Анкара? Сепак, не се сите членки расположени не само за оваа можност туку воопшто за проширувањето. Со финансиската криза, која почнува да се гледа на секој чекор низ Европа, таквите ставови само ќе се зацврстуваат.

МАКЕДОНИЈА КАКО СУВЕРЕНА ДРЖАВА БЕЗ ЗАГРОЗЕНИ ПРАВА НА ГРАЃАНИТЕ

Како заклучок можеме да извлечеме дека уставните измени без добра внатрешна анализа и создавање општествена кохезија, ќе нѐ одведат во смртоносна стапица за македонската државност. Да потсетиме дека претходната влада тргна во еден таков опасен проект, групата ги изготви уставните измени, но ВМРО-ДПМНЕ рече дека нема да ги гласа затоа што ќе ја изгубиме македонската државност дефинирана во преамбулата. Со такво опасно оперирање на Уставот, без стручни хирурзи, добри правни анестезиолози, ќе ја потврдиме само народната поговорка – дека камилата отишла да се потковува, но ги загубила ушите. Ние мораме да се дефинираме внатре кои сме и какви сме зашто такви ќе отидеме во ЕУ. Жално е да слушаме како во европските институции, особено во Стразбур, ни се смеат, па бараат во фусноти да објасниме дека „делови од народ“, нешто што европската пракса не го познава, се всушност малцинства.
Тоа што редакцијата на „Нова Македонија“ го детектира од уставни експерти и дипломати е дека сувернистичкиот пристап треба да се примени при моделирањето на Уставот за тој да биде приспособлив на 21 век. Тоа значи дека македонската нација е носителот на суверенитетот на државата во која сите ги уживаат правата во согласност со меѓународните закони и конвенции. Големо прашање е како да се прават уставните измени кога статистички сме во аут, односно спроведовме фалшив попис, па дури внесовме и „нерезидентно население“. Уште една фуснота испратена во Евростат!?
Конечно, Уставот треба да се пишува на македонски јазик, на кирилица, а сите други јазици што се говорат и понатаму ќе се говорат и ќе има образование. Но ни тука не завршува целата приказна со уставните измени, затоа што има една голема рак-рана, а тоа е името на државата. Што ќе ѝ правиме на таа „Северна“ кога таа не е Македонија! Таа „северна“ е како ставен гипс на здрави нозе, а под него лесно се создава сепса.