Како да стана правило, поранешните премиери своите политички кариери, ако веќе не зад решетки, да ги завршуваат со понекое обвинение или барем со повеќе или помалку оправдани сомневања за злоупотреби додека ги извршувале премиерските функции

ЗОШТО ПОРАНЕШНИТЕ ПРЕМИЕРИ
ЧЕСТО ЗАВРШУВААТ ЗАД РЕШЕТКИ

Приведувањето на бугарскиот експремиер Бојко Борисов и неколкуте негови соработници поради основани сомневања за злоупотреби во користењето на европските средства и фондови деновиве беше една од централните вести не само во регионалните туку и во светските медиуми. Но ако се погледне наназад и пошироко, може да се заклучи дека апсењата на, најчесто, поранешните премиери, веќе и не се некаков куриозитет. Напротив, како да стана правило, поранешните премиери своите политички кариери, ако веќе не зад решетки, да ги завршуваат со понекое обвинение или барем со повеќе или помалку оправдани сомневања за злоупотреби додека ги извршувале премиерските функции.

Од Санадер до Борисов…

Од апсењето на последниот, Борисов, преку обвиненијата против поранешните премиери на Киргистан, Темир Сариев, на Словачка, Роберт Фицо, на Пакистан, Сахид Кагана Абаси, на Малезија, Наџиб Разак, на БиХ, Фадил Новалиќ, на Хрватска, Иво Санадер, на Италија, Силвио Берлускони, на Чешка, Андреј Бабиш, на Франција, Едуар Баладур, на Израел, Бењамин Нетанјаху… до обвинението против некогашниот мошне надежен австриски канцелар Себастијан Курц, останаа голем број прашања без одговори.
И Македонија, во тој поглед, има богата традиција. Започнувајќи од првиот премиер Никола Кљусев, чија влада беше изгласана токму на утрешниот ден пред 31 година, Македонија досега имаше девет премиери, најмалку тројца од нив беа или апсени, или беа сериозни кандидати за апсење.
Љубчо Георгиевски, кој беше премиер од 1998 до 2002 година, подоцна беше осомничен во два предмета, „Траекторија“ и „Поштенска банка“ и обвинет за злоупотреба на службената положба. Кривичните дела застареа.
Владо Бучковски, кој ја предводеше Владата од декември 2004 година до август 2006 година, во 2008 година беше осуден на 3,5 години затворска казна, но таа не стана правосилна. Предметот „Тенковски делови“ се водеше со години, а во 2019 година застаре откако неколкупати се враќаше на повторно судење.
По изборната победа во 2006 година, ВМРО-ДПМНЕ ја презеде власта во државата, a на чело на Владата застанува Никола Груевски, кој преку редовни и предвремени избори се одржуваше на власт девет и пол години. Пред да заврши неговиот последен премиерски мандат, опозициското СДСМ објави материјали од долго време прислушуваните телефонски разговори на јавни личности, таканаречените бомби, од кои произлегоа голем број обвиненија против него и неговите најблиски соработници. Откога дел од тие случаи влегоа во судската процедура и беше најавено негово апсење, Груевски замина во Унгарија каде што доби политички азил. За неговиот наследник Зоран Заев, пак, би можело да се каже оти патот му одел во спротивна насока. Тој и пред да стане премиер си имал проблеми со законот. Уште додека бил струмички градоначалник против него имало обвинение, наречено „Поткуп“, од кое беше ослободен, се разбира, откако стана премиер.
Но со тоа не беа исцрпени сите претпоставки и сомневања што во текот на безмалку три децении се поврзуваа со луѓето што ги извршуваа премиерските функции во земјава.

ТИ: Приспособувањето на законите кон приватните интереси е длабоко вкоренето

Дел од упатените велат дека, кога станува збор за парламентарните демократии, каква што во учебниците се нарекува и македонската, тоа во голема мера се должи на инфериорната позиција на судската и на законодавната власт во однос на извршната. Така, на носителите на извршната власт, особено на тој што ја предводи, им се дадени речиси неограничени можности.
– Законите што се скроени по мера произлегуваат од несоодветното влијание при донесувањето на законите. Корисниците на законите што се скроени по мера се физички лица, правни лица или тесна група или мрежа поврзани лица, чии приватни интереси се привилегирани и заштитени од законодавството на штета на јавниот интерес. Практиката за посебно приспособување на законите кон приватните интереси е длабоко вкоренета во С. Македонија – констатира „Транспаренси интернешнл“ во еден од своите извештаи.
А откога парламентарното мнозинство, кое е под директна контрола на премиерот, ќе ги изгласаа законите што се доставуваат од Владата, тие понатаму можат без никакви ограничувања да се злоупотребуваат и да се каже оти „сѐ е според Уставот и според законите“.
– Така е зашто и правосудството досега не покажало преголема иницијативност кога станува збор за евентуално поведување постапки против актуелни носители на функциите. Освен доколку поинаку не им е наложено – коментираат упатените.
Освен тоа, упатените посочуваат и на проблемот со злоупотребата на дискрециските овластувања. Можностите за тоа, според нив, се многубројни и тие, иако веќе, во голем дел се детектирани, не се елиминирани, особено кога станува збор за овластувањата што му се на располагање на првиот човек на Владата.
– Детектирани се слабите точки и финтите како се злоупотребува дискрециското право и тоа треба да се стави под контрола. Кога ќе се избираат професионалци и ќе се стегнат сите работи од сите страни, тогаш нема да има простор за злоупотреба на дискрециското право. Ќе има прави луѓе на право место – констатира пред извесно време Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК).
Како што објасни таа, еден од главните ризици од корупција е постоењето на широки дискрециски овластувања, особено во областа на издавање одобренија, решенија, лиценци и дозволи, трошење на јавните пари, злоупотреба на службените позиции во јавниот сектор…
Владата, во еден период, и најавуваше дека, по предлог на Државната комисија за спречување на корупцијата, ќе спроведе анализа на дискрециските овластувања на носителите на јавни функции, со цел тие да бидат намалени, но за резултатите, очигледно, ќе треба да се почека. Д.М.М.