Фото: Маја Јаневска-Илиева

Текот на настаните поврзани со емитувањето детска фестивалска програма на МРТВ 2 со иредентистички пораки и злоупотреба на малолетници

Скандалот со емитувањето детска песна на албански јазик на МРТ2 во која се промовира идејата за „голема Албанија“ денеска ќе биде централна тема на седница на Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија. Станува збор за настан што предизвика силни реакции во јавноста и отвори сериозни прашања за уредничката одговорност, медиумските стандарди и заштитата на малолетниците.

Како дошло до емитувањето на спорната содржина

Спорната содржина беше емитувана на 28 март, во рамките на детска фестивалска програма наменета за публика на албански јазик. Во програмата настапи 13-годишно девојче, кое ја изведе песната „Trojet shqiptare“, придружена со визуелни симболи, меѓу кои и мапа што ја претставува идејата за „голема Албанија“. Стиховите на песната, според реакциите во јавноста, содржат пораки што упатуваат на територијални претензии кон неколку соседни држави, вклучувајќи ја и Македонија. Некои од стиховите повикуваат на обединување на албанските територии, што дополнително ја засили контроверзноста околу емитувањето.

МРТ ја утврдува одговорноста, а и други надлежни институции

Директорот на МРТВ, Марјан Цветковски, изјави дека е во тек постапка за утврдување како ваквата содржина поминала низ програмските филтри и кој ја одобрил за емитување. Според извори од јавниот сервис, во периодот на емитувањето уредничката на вториот канал била отсутна поради боледување. Засега останува нејасно кој ја презел уредничката функција во нејзино отсуство и дали биле почитувани интерните процедури за контрола на програмата.
И Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги најави сопствена анализа за да утврди дали со емитувањето се прекршени законските и програмските стандарди.
Дополнително, се отвора прашањето дали содржината може да се третира како ширење пораки спротивни на уставниот поредок, што би било во надлежност на Јавното обвинителство. Во случај да се утврдат елементи на злоупотреба на малолетници за политички цели, таквото дејство би можело да добие и потешка правна квалификација.

Една песна отвори три тешки предизвици за решавање: законски, морално-етички (воспитно-образовен), но и поширок надворешнополитички аспект

Настанот отвори и сериозни дилеми од законски, морално-етички (или воспитно-образовен), но и поширок надворешнополитички аспект. За законскиот аспект веќе споменавме дека постојат основи на сомневање дека е извршено инкриминирано дејство, но дали е тоа едно или повеќе, ќе истражуваат надлежните државни институции.
За вториот аспект, морално-етички (или воспитно-образовен), се поставува прашањето за улогата на семејството и образовниот систем во формирањето на вредносниот систем кај децата, како и за тоа дали доволно се работи на развивање критичка свест уште од најрана возраст. Експертите предупредуваат дека ваквите содржини може да влијаат врз формирањето на ставовите кај децата, особено ако тие се изложени на политички пораки без соодветен контекст и критичка рамка.
Третиот и еден поширок политички аспект од настанот се можните импликации и на меѓународен план. Имено, споменатиот скандал на државниот, односно јавниот телевизиски сервис, може да има и пошироки импликации во регионален контекст. Во услови на чувствителни односи на Балканот, вакви содржини емитувани на јавен сервис може да се толкуваат како провокација или како индикатор за официјални ставови за македонски територијални претензии, лиферувани од државната телевизија. Натаму, постојат ризици ваквите настани да бидат искористени од соседни држави како аргумент во дипломатски спорови или како средство за политички притисок, особено во контекст на европските интеграции. Земјите од регионот внимателно ги следат ваквите случувања, а секоја контроверзија може да има несразмерно големи последици на меѓународен план.
Седницата на Програмскиот совет се очекува да донесе појасна слика за одговорноста и евентуалните пропусти во системот. Јавноста, пак, останува со очекување дека ќе следуваат конкретни мерки за да се спречи повторување на вакви случаи, особено кога станува збор за содржини во кои се вклучени деца. Н.М.


Вонреден надзор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

МРТ2 емитувала содржина со етничка нетрпеливост, предложена опомена

Вонреден надзор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги утврдил прекршување на законските одредби од страна на Македонската радио-телевизија, односно Вториот програмски сервис МРТ2, поради емитување содржина што, според регулаторот, поттикнува етничка нетрпеливост.
Надзорот бил спроведен по службена должност и се однесувал на програма емитувана на 28 март, во рамките на музичката емисија „Билбилите на Кораб“. Во извештајот се наведува дека содржината не е во согласност со членот 48 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој забранува емитување програми што поттикнуваат дискриминација, омраза или нетрпеливост врз етничка и национална основа.
Според наодите, во рамките на детскиот фестивал била изведена песната „Албански територии“ (Trojet Shqiptare), снимена во 2023 година, но емитувана три години подоцна. Регулаторот оценува дека токму ова временско растојание ја зголемува одговорноста на уредничкиот тим, кој имал доволно време да ја преиспита и евентуално да ја изостави спорната содржина.

Спорни симболи и пораки

Клучните забелешки се однесуваат на визуелните и текстуалните елементи во настапот. Детето изведувач било облечено во маица со карта на т.н. „голема Албанија“, додека на сцената биле присутни и симболи како двоглавиот орел. Во конкретниот контекст, според регулаторот, овие елементи не биле употребени како културни обележја, туку како дел од порака со иредентистички карактер.
Дополнително, текстот на песната содржел повици за обединување територии од повеќе држави во регионот, вклучувајќи и делови од државата, што, според извештајот, може да предизвика меѓуетнички тензии и да излезе надвор од рамките на уметнички израз.

Одговорноста на јавниот сервис

Во анализата се потенцира дека Македонската радио-телевизија, како јавен сервис со национална покриеност, има засилена обврска да внимава на содржините што ги емитува. Особено се нагласува улогата на уредничкиот тим, кој, според регулаторот, не може да го третира овој пропуст како случаен, туку како показател за слабости во контролата на програмата.
Извештајот се осврнува и на можната намера, наведувајќи дека таа може да произлегува и од професионална небрежност. Во секој случај, емитувањето ваква содржина се оценува како проблематично од аспект на почитување на принципите на соживот и мултиетничка кохезија.

Влијание врз публиката

Посебно внимание е посветено на ефектите врз гледачите, особено врз малолетната публика. Според регулаторот, ваквите пораки можат да предизвикаат страв, револт или дополнително поларизирање, а вклучувањето деца во нивното пренесување се смета за сериозен етички проблем.

Слободата на изразување има граници

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се повикува и на праксата на Европскиот суд за човекови права, потсетувајќи дека слободата на изразување не е апсолутна и може да биде ограничена кога станува збор за говор што поттикнува омраза или ја загрозува јавната безбедност.

Предложена мерка

Заклучокот на регулаторот е дека МРТ2 го прекршил членот 48 од Законот, поради поттикнување и ширење етничка нетрпеливост. Како мерка се предлага изрекување јавна опомена и обврска за усогласување на програмата со законските стандарди, по што ќе следува и дополнителен контролен надзор.
Во извештајот е приложен и превод на текстот од песната, кој, според регулаторот, содржи експлицитни пораки за национално обединување, што дополнително ја поткрепува оцената за прекршување на законските норми. Н.М.