Струмица

На јавна расправа во Струмица се дебатираше за Планот за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух во општината за периодот 2025-2029 година.
Планот го подготви Центарот за климатски промени, во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, кој го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Македонија, во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и Општина Струмица, а со финансиска поддршка од Шведска.
Во рамките на проектот, во изработка е и студија за загадувањето во општината Струмица од страна на универзитетот „Гоце Делчев“, лабораторија „Амбиком“, а како последна фаза од целокупниот проект за справување со загадувањето се одржаа две форумски сесии, на кои се изгласа проектот за зголемување на површините со зеленило, односно изградба на нов парк во Струмица кај новата детска градинка „Виножито“.
– Зголемувањето на зелените површини во градските средини претставува еден од основните начини за намалување на загадувањето на воздухот. Постојат голем број студии што посочуваат дека зеленилото има позитивни ефекти во однос на намалувањето на азот диоксидот и ПM-честичките. Планското и наменско садење зеленило може да го намали присуството на азот диоксид до 40 отсто, додека намалувањето на ПM-честичките може да достигне 60 отсто. Во урбаните средини, засадувањето и одржувањето тревни површини, нискостеблести растенија и бршлени, популарно наречени зелени ѕидови, e исклучително корисно бидејќи зелените ѕидови ги апсорбираат ПМ-честичките од воздухот – велат од Општината.